Еуфоричниот Тотенхем лови „граѓани“, Ливерпул сака реприза од лани

EPA-EFE/PETER POWELL

По пауза од 20-тина денови продолжува битката за популарниот „клемпавко“ во Лигата на шампионите со првите натпревари од четвртфиналето. На двата вечерашни натпревари во главна улога ќе бидат англиските екипи, Тотенхем и Манчестер сити ќе играат меѓу себе, додека Ливерпул го пречекува Порто.

Тотенхем и Манчестер сити вечерва на новиот ултра модерен стадион во Лондон, по 156. пат ќе играат меѓу себе но ова ќе биде прва пресметка во некој од европските купови. Во редовите на Тотенхем се надеваат дека еуфоријата од отворањето на новиот стадион ќе се пренесе и на вечерашниот дуел.

– Сити е фаворит, но мораме да го искористиме податокот што за прв пат играме европски натпревар на новиот стадион. Сите играчи се возбудени поради натпреварот и со нетрпение го чекаме стартот на натпреварот – вели Хари Кејн, најдобриот фудбалер на Тотенхем.

За разлика од фудбалерите на Тотенхем, тие на Манчестер сити не се премногу импресионирани од стадионот на Тотенхем и порачуваат дека победите се освојуваат на теренот, а не на трибините.
– Не мислам дека ќе има некоја разлика доколку играме на „Вембли“ или на новиот стадион на Тотенхем. Можеби навивачите се малку повеќе возбудени бидејќи конечно се во својот дом но на крајот се е исто. Победите се добиваат на теренот, а не на трибините. Ние сме подготвени – изјави еден од најдобрите играчи на „граѓаните“, Кевин де Брујне.

Ливерпул е голем фаворит во пресметката со Порто и ќе се обиде да го преслика дуелот од минатата година кога во осминафиналето го елиминира португалскиот тим со 5:0.
– Тоа беше минатата година, но сега ќе бидат дополнително мотивирани и тоа е нормално. Една од најголемите грешки кои би можеле да ги направиме е да веруваме дека и сега ќе биде исто како и лани. Нека победи подобриот – предупредува Садио Мане.

Иако има голема желба за одмазда, екипата на Порто ќе мора да вложи дополнителен напор бидејќи вечерва на „Енфилд роуд“ ќе настапи без Абубакар и Бруно Коста кои се повредени додека Ектор Ерера и Пепе нема да играат поради жолти картони.

Порто досега шест пати играл и ниту еднаш не славел во дуелите со Ливерпул.
– Досега во кариеарата освоив три титули во ЛШ. Оваа сезона ја сакам и четвртата и ќе биде навистина тешко бидејќи нема да можам да настапам на првиот натпревар. За противник имаме многу силен тим – вели Пепе.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот