ЕУ нити го потврдува, нити демантира или коментира наводниот нон-пејпер на Јанша

Јанез Јанша/ Фото Архива на Слободен печат

И покрај неколкудневните инсистирања од новинарите во регионот и од ЕУ кај прес службата на претседателот на Европскиот Совет за наводниот нон-пејпер на словенечкиот премиер Јанез Јанша во кој се планира поделба на Босна и Херцеговина и создавање голема Србија и голема Албанија, нема никаква реакција од Шарл Мишел.

Документот денеска го објави словенечки медиум после неколку дена шпекулации за неговото постоење, но бидејќи станува збор за нон-пејпер тој не содржи никаков потпис, ниту име, а нејасно е ниту кога му бил предаден на претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел.

Словенечкиот премиер Јанез Јанша демантираше дека постои таков документ, но од Европскиот Совет не стигна таков демант, иако не стигна ниту потврда, оставајќи простор за дополнителни шпекулации за овој контроверзен документ.

ФОТО: Објавен „нон-пејперот“ со предлогот на Јанша за територијална поделба на земјите од поранешна Југославија

Во него се споменува наводно поделба на Босна и Херцеговина како и спојување на Косово со Албанија за да се финализира распадот на Југославија.

Словенечки медиуми тврдат дека е можно документот да му бил предаден на Мишел за време на последната средба на Вишеградската група од страна на унгарскиот премиер, Виктор Орбан, за кој, исто така, се шпекулира дека е замешан во овој наводен план.

Документот на Јанша за завршување на распадот на СФРЈ, доставен преку тајни канали, повикува и на враќање на Груевски

Последната реакција од кабинетот на Шарл Мишел попладнево до новинарите кусо гласи: “Ви благодариме за трпението, но, за жал, немаме никаков коментар за ова”.

Единствено од Европската комисија неколку пати повторија дека стојат на ставот дека никаква промена на границите не е прифатлива за Западен Балкан.

Словенечките европратенички Тања Фајон и Ирена Јовева порачаа дека овој став на Јанша е неприфатлив.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот