ЕУ и Северна Македонија: Добредојдовте во ќорсокакот

Борис Георгиевски, Дојче веле / Утрински брифинг
Борис Георгиевски, Дојче веле / Утрински брифинг

По 17 години чекање, Северна Македонија го направи следниот чекор кон ЕУ. Фактот што никој не го слави овој напредок се должи на апсурдните услови што ја чекаат земјата на тешкиот пат.

Според Ежен Јонеско „апсурдот е нешто што нема намена или цел”. Театарот на апсурдот чиј најистакнат претставник е романско-францускиот писател, во моментов делува како најдобар опис на односите меѓу Северна Македонија и Европската унија. Во тој однос вметнати се многу карактеристики на овој стил на пишување: комедија измешана со ужасни или трагични слики, ликови во безизгледни ситуации кои се принудени да повторуваат едни исти или бесмислени дела, дијалог полн со клишеа, циклични и апсурдно експанзивни заплети…

Во компликуваниот однос на ЕУ и Северна Македонија апсурдот не само што нема цел, туку и целта е доведена до апсурд. Звучи компликувано, и навистина е.

Највисоките претставници на Северна Македонија и ЕУ денеска (вторник, 19 јули) седнаа на заедничка маса во Брисел на ткн. меѓувладина конференција. ЕУ има 27 земји-членки, а уште четири држави се во формален процес на преговори со неа (Турција, Србија, Црна Гора и Албанија како последна). Сите одржаа меѓувладини конференции по кои формално почна процесот на преговори со ЕУ. Северна Македонија по денешната конференција нема да почне преговори. Во формалниот бриселски речник ова се нарекува: почеток на процесот на отворање на преговорите.

Бугарските барања

За фактички да се отворат преговорите, најпрво треба да заврши процесот на скрининг на нејзиното законодавство, а во меѓувреме земјата треба да го смени Уставот и во него да го вметне бугарското малцинство како нејзин конститутивен дел. Второво е клучен услов за почеток на преговорите. Во македонскиот парламент нема двотретинско мнозинство за промена на Уставот каква што се бара од Скопје. Не само националистичката опозиција, туку и многу про-западни интелектуалци и политичари сметаат дека тоа само ќе отвори дополнителни апетити во Софија.

Не е спорно самото наведување на Бугарите во Уставот, туку многу повеќе, сѐ друго што бара Бугарија од својот балкански сосед.

Големото мнозинство Македонци во Северна Македонија се навредени затоа што Бугарија не ги признава како нација и не го признава нивниот јазик. Со помош на Франција како претседавач со ЕУ и други европски земји, Бугарија успеа да го наметне своето непризнавање на идентитетските особености на Македонците како де-факто услов за напредок на Северна Македонија во ЕУ во документот кој се нарекува Преговарачка рамка.

Зборот апсурд повторно доаѓа на ум кога во Преговарачката рамка, основниот документ и патоказ по кој Северна Македонија треба да се води во текот на преговорите со ЕУ, ќе прочитате унилатерална декларација во која Бугарија вели дека македонскиот јазик не постои, односно дека е всушност дијалект на бугарскиот.

Понатаму во истиот европски патоказ се наведени документи кои од Северна Македонија бараат од своите школски учебници да го избрише терминот „бугарска фашистичка окупација“ за време на Втората светска војна. Слично е барањето и за поголемиот дел од историските личности од средниот па се до почетокот на 20 век во учебниците во Северна Македонија за кои Бугарија инсистира да се одредат како етнички Бугари.

Водечките бугарски политичари воопшто и не ги кријат таквите барања. Бугарскиот претседател Румен Радев при неговата посета на Берлин на 16 мај годинава јавно објасни: „Нема да дозволиме легитимација на македонизмот во ЕУ“. За бугарската политика и наука, „македонизмот“ е идеологија која од Бугарите во Северна Македонија, по Втората светска војна „вештачки“ и насилно создала „Македонци“ кои зборуваат „вештачки” македонски јазик. Што претпоставува дека низ историјата, особено во Европа, ќе најдете примери и на „природно” создадени нации и јазици.

Европски проблем

Поради историскиот спор, Бугарија од 2019 година со вето постојано го блокира почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ. Сега тој спор од билатерален, станува европски проблем.

Брзајќи да го оправда кандидатскиот статус за Украина и Молдавија и својата желба да се наметне како геополитички фактор во светло на руската агресија врз Украина, Брисел по секоја цена инсистираше Северна Македонија, а со неа и Албанија, токму сега да ги почнат преговорите за полноправно членство. Поголемите членки на ЕУ, како Франција и Германија (со голема поддршка од САД), извршија огромен притисок врз властите во Скопје да го прифатат предлогот иако тој првично беше отфрлен од премиерот Димитар Ковачевски. Соочени со опасноста од внатрешна криза и меѓуетнички тензии меѓу мнозинските Македонци и етничките Албанци, кои сочинуваат 25 проценти од населението во Северна Македонија, владата и претседателот во Скопје одлучија да го прифатат предлогот со кој и се отвора патот напред и на соседна Албанија.

Но кризата секако не беше избегната затоа што илјадници етнички Македонци 10 дена секојдневно протестираа против предлогот. Со денови се скандираа анти-европски пароли на улиците на Скопје, гнев што не можеше да го смири ниту претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен која дојде во Скопје да ги увери Македонците дека нивниот идентитет нема да биде загрозен во преговорите. Кога во 2018 година Македонија се преименува во Северна Македонија за да ги задоволи барањата на Грција кои, слично како и бугарските, задираа во историјата и идентитетот, и тогаш на земјата и беше ветено дека и е отворен патот кон ЕУ. Сега веќе никој не верува во таквите ветувања.

Целта на ЕУ беше со ваквиот пристап да покаже дека сака да ги приближи земјите од Западниот Балкан кон себе и да ги оттргне од влијанието на Русија. Но, резултатот е спротивен: драматичен раст на анти-европските чувства во Северна Македонија и раст на популарноста на националистичките и про-руските партија во земјата. Со својата политика кон Северна Македонија, ЕУ практично си ја урниса довербата меѓу либералните и про-западни политичари и граѓани во земјата, а истовремено драматично им го намали легитимитетот на политичките партии кои досега промовираа про-европска политика.

И ЕУ и Северна Македонија сега завршија во ќорсокак. Доколку Северна Македонија сака да продолжи на европскиот пат ќе мора да се согласи со понижувачките бугарски барања. Изборот на Северна Македонија е да одбие да преговара за идентитетските прашања и никогаш да не влезе во ЕУ, или да прифати дека припадниците на нејзината мнозинска етничка заедница никогаш нема да влезат во ЕУ како Македонци со нивниот македонски јазик. Или во најдобар случај со некакви фусноти. Доколку ЕУ продолжи да ги поддржува таквите бугарски барања, наместо партнер ќе добие уште еден непријател.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот