Емотивна исповед на Роналдо: Татко ми умираше во болница, а сер Алекс тогаш покажа колку е голем човек

Фергусон од 2003 до 2009 година му беше тренер на Роналдо во Манчестер јунајтед/ фото: EPA/FACUNDO ARRIZABALAGA

Легендарниот менаџер на Манчестер јунајтед, сер Алекс Фергусон, во времето кога го тренираше Кристијано Роналдо покажа дека постојат работи кои се поважни и поголеми од фудбалот, и една од нив е семејството.

Кристијано Роналдо од 2003 до 2009 година го носеше дресот на Манчестер јунајтед, а негов тренер беше легедарниот сер Алекс Фергусон кој го „направи“ Португалецот еден од најдобрите фудбалери во историјата.

По 12 години, Роналдо и Фергусон повторно се заедно, Португалецот се врати во Јунајтед каде легендарниот менаџер има улога во управата и двајцата заедно гостуваа на клупската телевизија на која открија многу детали од нивната соработка.

Еден од моментите кои го натераа Роналдо да пушти солзи е моментот од пред 15 години, кога Фергусон му дозволил на Португалецот да го посети болниот татко. Роналдо сè уште ги памети зборовите кои тогаш му ги кажа сер Алекс.

– Тој можеби не памети, но јас ќе ја раскажам приказната бидејќи направи преубав потег. Ми рече: Кристијано, оди на два или три дена. Тоа беше во време кога татко ми лежеше во болница. Јас му пријдов на сер Алекс за да го прашам дали може да одам да го посетам татко ми бидејќи се чувствував многу лошо. Тогаш ми кажа дека ќе биде тешко бидејќи имаме важни натпревари, но дека имам дозвола да го посетам татко ми. Тоа беше многу важно за мене, сер Алекс направи се што ми вети во кариерата – изјави емотивниот Роналдо.

Своја верзија на приказната има и легендарниот менаџер.
– Знаев дека неговиот татко е боле и дека Кристијано сака да биде покрај него. Татко му беше во болница, а на Роналдо му беше важно да го посети. Во такви моменти, клубот не е важен, некои работи се поважни. Без никакви дилеми, семејството е една од нив и никогаш не смеете да го ставите клубот пред семејството – рече Фергусон.

Таткото на Роналдо по долго боледување почина во 2005 година. Долги години се бореше со алкохолизмот, а како последица на алкохолот имаше големи здравствени проблеми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот