Електронски наместо печатени дневници

Македонија училиште ученици наставник професор
Настава во време на пандемија / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Наставниците ќе немаат повеќе двојна работа, да мора истите податоци и оценки за учениците да ги внесуваат и во печатен дневник и во електронски дневник, соопшти Бирото за развој на образованието.

Нема веќе да има печатени дневници во основно и средно образование од новата учебна година, соопшти Бирото за развој на образованието. Наместо во дневник, информациите за учениците ќе се запишуваат само електронски.

– Наставниците нема повеќе да имаат двојна работа, односно нема да мора истите податоци и оценки за учениците да ги внесуваат и во печатен дневник и во електронски дневник – соопшти Бирото.

Новите правила важат за основното и за средното образование. Бирото појасни дека наставниците веќе знаат да пополнуваат електронски дневник и дека тој со години е дел од образовниот систем. Електронската евиденција ќе ја водат околу 25.000 наставници и професори, колку што има во земјата. Исто и како и во печатените, во електронските дневници, освен оценките, ќе се внесуваат информации за изостаноците и активностите на учениците.

Измените се на барање на наставниците, кои сакаат да бидат растоварени од обврската да водат двојна евиденција во воспитно-образовниот процес, но нагласуваат, исто така, дека често нема интернет во училиштата.

Процесот на дигитализација на образованието е една од приоритетите на Владата, чија цел е модернизација и интеграција на националниот образовен систем во европскиот образовен простор.

Министерството за образование и наука е подготвено за почнување на новата учебна година и во услови на пандемија.

– Сметаме дека најважно е, односно најдобро сценарио е наставата со физичко присуство со сите ученици, согласно со распоредите за почеток на наставата. Доколку има драстична промена во епидемиолошката слика, тогаш би требало да го промениме сценариото со хибридна настава – една недела во училиште, една онлајн. Третото најмалку посакуваното сценарио е да поминеме најголем дел од наставата онлајн. Очекувам дека ако сите ги почитуваат протоколите за настава со физичко присуство, ќе успееме и наредната учебна година да ја реализираме на тој начин. До денеска повеќе од 58 отсто од наставниците и соработниците во училиштата се веќе вакцинирани – рече министерката за образование и наука Мила Царовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот