Експерти за празнење продавници

ана анастасовска
Ана Анастасовска. / Фото: Слободен печат

Ситуацијата во Украина нѐ направи експерти и на друго поле, на полето на економијата. Е, кога сме кај економијата, Македонците штом слушнат криза, прво нешто што прават е да тргнат во празнење на продавниците. И ги празнат, најекспертски.

Познато е дека ние Македонците сме експерти за сѐ. Тоа особено се виде во последните две години откако почна пандемијата со коронавирус. Станавме експерти за вируси, за вакцини, за лекарства, за маски… Па се поделивме на ваксери и антиваксери. На социјалните мрежи почна „крвава војна“ помеѓу овие две групи. Колеги и пријатели меѓусебно почнаа да се напаѓаат и да се гледаат попреку.

Како почна да се интензивира проблемот со Бугарија, откако по којзнае кој пат добивме лажно ветување дека ќе почнеме преговори со ЕУ, станавме експерти за историја. Иако некој во училиште можеби имал двојка или тројка по историја, тоа сега не се важи. На социјалните мрежи се вадат документи, историски факти, се докажуваме за нешто што воопшто нема потреба да се докажува… Да не заборавам, додека беше европското првенство во фудбал, во меѓувреме, како оддишка од короната, се префрливме на полето на спортот. Па тука имаше експертизи за играта, за стручноста на тренерот и на играчите.

Во моментов актуелна е ситуацијата во Украина. Е, сега сме експерти за односите помеѓу Русија и Украина. Сега сме поделени на русофили и поддржувачи на „нацистичка Русија“ и на „нацистот Путин“, против оние што се демократи и западно ориентирани. Сега парче се правиме кој е во право, дали Русите или Американците. Па се заземаат страни, се споделуваат навивачки вести. Тука секако не изостануваат и лажните видеа и фотографии, во зависност кој за кого навива. Да не зборувам дека зад оваа ситуација стојат многу повисоки економски и политички интереси, кои за нас се научна фантастика и во нивната реализација ние како држава немаме ама баш ниту најмал удел.

Ситуацијата во Украина, пак, од друга страна нѐ направи експерти и на друго поле, на полето на економијата. Е, кога сме кај економијата, Македонците, штом слушнат криза, прво нешто што прават е да тргнат во празнење на продавниците. И ги празнат најекспертски. Се празнат рафтовите до тој степен што не можеш да најдеш ниту едно шише зејтин ако не дај боже дома си останал без тоа и си заборавил да купиш. Ваква чистка се правеше кога почна пандемијата. Со колички се изнесуваше сѐ од продавниците за да се направат залихи дома. Мене навистина не ми е јасно каде ги чуваат и ги складираат тие резерви храна. Јас дома немам место. Кога Русија ја нападна Украина, настапи нов аларм за криза. Дополнително што од вчера се одмрзнаа и цените на производите. И, иако никој од властите не кажа, штом ќе се слушне криза, тоа значи трчајте, складирајте, ќе нема зејтин, брашно… Македонците, експерти за сѐ, потрчаа во маркетите. Се сеќавам иста беше ситуацијата и кога НАТО ја бомбардираше Србија. И тогаш луѓето трчаа да прават залихи, а се купуваа дури и свеќи во случај да не падне некоја бомба накај нас, па да останеме без струја.

Се прашувам, оние што прават залихи, за колку време складираат храна – за недела, за две, за еден месец? Што ако кризата потрае подолго? Што ќе правиме тогаш? Се прашувам дали овие експертиве за празнење продавници слушнале можеби за поимот солидарност или тој кај нас не постои? Што ако навистина настапи криза каква што ја замислиле, тие ќе месат леб и ќе јадат и ќе му се смешкаат на соседот кој не набавил брашно? Навистина не разбирам која е поентата во паничното празнење на рафтовите. Можеби да се заштедат 200 денари до следното панично пазарење?

Што би рекол Зоран Ставревски, ние сме лудаци. За леб немаме, ама залихи правиме. Нека има. Зошто? За не дај боже.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот