Една третина од Германците се психички болни

Психички болни/ Фото: Anna Gowthorpe / PA Images / Profimedia

Многу Германци страдаат од депресија, анксиозни нарушувања или други ментални болести, а така е и во други земји – бројките се уште поголеми во САД, Турција и во Мексико. Младите се особено погодени.

Во моментов, околу 31% од Германците страдаат од психичка болест. Исто толку ги има во Кина и на Тајланд. Во САД, 40% се борат со ментални проблеми како што се депресија, анксиозни нарушувања или нарушувања во исхраната. Ова е резултат од репрезентативното истражување на меѓународната агенција за истражување на јавното мислење Ипсос.

За нивното ментално здравје беа прашани 1.000 луѓе од 16 земји во Европа, Азија и во Северна Америка. Во споредба со 2023 година, зачудувачки е што состојбата во повеќето земји е влошена во 2024 година. Во Франција, Ирска и во Мексико, процентот на луѓе со ментална болест се зголемил за 6 до 7%. Во Турција дури за 8%.

Менталното здравје се чини дека е и генерациски проблем: особено младите на возраст меѓу 18 и 34 години почесто пријавувале дека страдаат од ментална болест. Во Ирска, Турција и во САД особено се погодени лицата на возраст од 18 до 24 години. Но, и САД и Турција водат во оваа област и во возрасната група од 25 до 34 години.

Според извештајот, 43% од сите анкетирани лица на возраст од 18 до 24 години рекле дека се ментално болни. Најчесто споменувани болести се депресијата, која погодува 22%, и анксиозните пореметувања, како фобиите или посттрауматското стресно растројство, кои исто зафаќаат 22%.

Колку се постари испитаниците, толку се поретки менталните болести: само 14% од луѓето на возраст од 65 до 75 години изјавиле дека моментално страдаат од депресија, анксиозни нарушувања и од други ментални болести.

Меѓутоа, истражувањето не открива само генерациска разлика, туку и родова разлика: жените почесто се изјаснуваат како ментално болни отколку мажите. Ова се однесува на сите 16 земји во кои е спроведено истражувањето. Истото важи и за тоа дека младите жени се чувствуваат полошо од постарите жени.

Во извештајот се објаснува и како испитаниците ги добиле своите информации за нивната ментална болест. Во Германија, мнозинството од 57% добиле дијагноза од психолози и од психијатри. Околу 17% биле дијагностицирани од општите лекари. Бројот на Германци кои преку сопствено истражување, на пример на интернет, се оценети како ментално болни е 16%. Во други земји, бројот на самодијагнози понекогаш е значително поголем: на Филипините, на пример, тој е 60%, а во Турција 36%.

Истражувањето покажува колку е важна стручната помош во случај на ментална болест: 57% од испитаниците од Германија велат дека успешно закрепнале од болеста поради тоа. Сепак, приближно секој четврти човек од Германија (24%) воопшто не бара лекување. Само во Јапонија повеќе луѓе, 25% од нив, не бараат никакво лекување.

Извор: Дојче Веле/ Автор: Јулија Вергин

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот