Џафери одговори на интерпелацијата од ВМРО-ДПМНЕ: Пред да обвините, прво погледнете се во огледало

Талат Џафери / Фото: МИА

Интерпелацијата што пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ја поднесе за мене, содржи низа невистини и претставува груб обид за манипулација, поради што и решив да одговорам на крајно тенденциозните наводи, вели претседателот на Собранието Талат Џафери во одговорот на интерпелацијата поднесена од опозициската партија.

– Стара вистина е дека пред да обвинуваш некого, прво треба да се погледнеш во огледало. Да имаше малку самокритичност и објективност кај пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, тие ќе се воздржеа од вакви неосновани напади врз мене и од креирање вакви сценарија. Затоа што фактите говорат дека и Етичкиот кодекс и законските измени со кои се овозможи независноста на собраниската администрација се донесени во мојот мандат, дека најновиот извештај на ДЗР за работата на Собранието е чист како солза, а дека прекршувањата на Уставот и на Деловникот беа пракса во едни минати времиња – пишува Џафери.

Според него, тврдењата изнесени во интерпелацијата јасно укажуваат на намерата на подносителите без каква било основа да ги девалвираат неговите постигнувања, посебниот придонес што го дал во изминатите пет години во подигнувањето на нивото на дијалог и демократска култура во законодавниот дом, преземајќи чекори кон јакнење на независноста на Собранието и на неговата контролна функција во однос на извршната власт, нешто што според Џафери, било речиси незамисливо во периодот кога дел од сегашните подносители на интерпелацијата биле мнозинство во парламентот.

Тој смета дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за дневно политички цели, поттикнати од нивното партиско седиште, пласираат груби невистини со наводите во интерпелацијата дека ги прекршува Уставот, законите и собранискиот Деловник. Потврда за неоснованите обвинувања според Џафери, се извештаите на Државниот завод за ревизија кој претставува аргумент плус за успешното и транспарентно работење и менаџирање на Собранието, во согласност со законските прописи.

Во врска со наводите дека сум го прекршил Деловникот со тоа што сум побарал да се затворат вратите на пленарната сала за да се пребројат присутните пратеници, на сите упатени во случувањата во Собранието во последните неколку години, веројатно им е многу јасно дека станува збор за чисто лицемерство. Односно, мошне јасна е намерата на опозицијата, која сите овие години ја опструира работата на законодавниот дом и оневозможува донесување на битни закони за граѓаните, и овој пат да создаде лажна претстава во јавноста дека јас постапувам спротивно на Деловникот. Токму Деловникот ги демантира нелогичните обвинувања дека сум сторил нешто надвор од моите надлежности – вели претседателот на Собранието и го цитира членот од Деловникот во кој се вели дека „претседателот на Собранието може да определи да се утврди бројот на присутните пратеници со броење. Утврдениот број на присутни пратеници се смета за точен сè додека претседателот или еден пратеник, чие барање го поддржуваат најмалку десет пратеници, не побара повторно да се утврди бројот на присутните пратеници.

Според тоа, вечерта на 25 мај, вратите на салата беа затворени за да можат собраниските служби да го утврдат бројот на присутни пратеници, односно дали има кворум за да се премине на гласање. Всушност, во Деловникот е предвидена можност за затворање на вратите на салата, на барање на претседателот на Собранието или на еден пратеник, поддржан од најмалку десет пратеници. Поточно, членот 97 од Деловникот предвидува дека за време на поименичното изјаснување на пратениците вратите на салата во која се одржува седницата на Собранието се затвораат и не се дозволува влегување и излегување на пратениците се додека трае поименичното изјаснување, така што јасно е дека единствената намера на опозицијата, во овој случај беше да приредат евтина претстава пред јавностапишува Џафери.

За прекршување на Кодексот, Џафери вели дека нема да навлегува во сценариото на пратеничката група на опозициската коалиција, која се обидела да создаде тензична атмосфера во салата на продолжението на 71.пленарна седница, со очигледна намера да предизвика инцидент, за што сведочи и однесувањето на координаторот на пратеничката група, кој недозволиво навлегол во просторот определен за претседавачот со седницата.

– Единствено ќе истакнам дека во изминатите пет години, се однесувам со посебна почит кон сите вработени во Службата на Собранието. Аргумент во таа насока е и мојата посебна заложба за донесување на законските измени кои овозможија независност на собраниската служба, како што и и личи на институцијата која е носител на законодавната власт и на демократските процеси во земјава, со што, меѓу другото, за првпат по подолго време се овозможи зголемување на платите на сите вработени во собраниската администрација за 20 проценти. Според тоа, можеби единствената точна констатација во оваа интерпелација е таа дека јас сум прво потпишаниот на овој Кодекс, кој, по многу обиди во претходните години, беше усогласен и донесен во мојот мандат, што само по себе говори за мојата посветеност во јакнење на демократичноста и на етичките начела во законодавниот дом – вели претседателот на Собранието.

Тој додава дека делумна вистина е и тоа дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, во еден период, откако не успеале во своите задни намери на 27 април 2017 година, не присуствувале на координациите кај него, иако секогаш биле уредно поканети.

Затоа пак, апсолутна вистина е дека координаторот и пратениците од оваа Пратеничка група, и покрај неприсуството на координациите, како нивен политички маневар пред јавноста, во тој период, практично, не излегуваа од мојот кабинет, каде што доаѓаа дури и за лични потреби и барања. Од тој аспект, воопшто не држат вода наводите за мое несоработување со координаторите на сите пратенички групи, вклучително и со тие од опозицијата -вели Џафери.

За интерпелациите за министрите, претседателот на Собранието вели дека опозицијата многу добро знае дека се ставени на дневен ред на пленарна седница, а тоа што не почнала расправа за нив е „заслуга“ на самите подносители на интерпелацијата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот