Драган Спасов Дац: Нашиот пријател завршил во затвор во Германија поради љубов, приказната за песната „Срце на робија“ е вистинска

Фото: Фејсбук/Дац и Александар/Скриншот/Јутјуб

Вистинска приказна за невозвратена љубов на еден скопјанец кој живеел во Германија, а не можел да ја има жената што ја сака, се раскажува во песната на Драган Спасов – Дац и Александар Митевски – „Срце на робија“.

Впечатливо е што С.К. навистина бил „на робија“, токму поради „лудост“ која ја направил за неговата сакана, тој поминал една недела во затвор во Германија.

Дац и Александар велат дека песната е нешто како македонска верзија на „Васа Ладачки“ на Ѓорѓе Балашевиќ. Песната, во својата мелодија самата по себе „мириса“ и на Балашевиќ, и по малку на „Бијело дугме“. Го оживува времето кога се слушаше музика на плочи, и тоа вистински, од почеток до крај.

„Оваа приказна е речиси иста како онаа за ‘Васа Ладачки’, но ова е наша верзија за една љубов од едно наше маало. Тој бил богатиот, а таа сиромашна. Два различни света, а љубов голема. Човекот е жив, но мртов е однатре, седнавме случајно и ми се отвори. Ми ја раскажа приказната за неговата голема љубов. Не може да си ја прости грешката што не ја земал љубовта на неговиот живот, која денес е мажена и има деца и внуци. Тој  ја оставил својата жена, со која, за жал, не можел да има пород. Времето не може да го врати и сега животот го живее во кафана и уште ја мисли загубената љубов. Кога ја слушна песната готова ми рече: ‘Ова е мојата песна, точно сте ја фатиле приказната. Поздрави го Александар и кажи му дека е гениј.’ Ти благодариме С.К. што ни ја подари својата душа! Веруваме дека секој ќе се пронајде во оваа приказна“, изјави Дац, кој за „Слободен печат“ додаде интересни податоци за оваа филмска приказна.

Актерот детално ја опиша првата средба со човекот кој пател по својата сакана.

„Ме сретна на улица близу до бирцузот, во кој го живее животот.

‘Дац, убави песни правите со Александар, сакам да ти раскажам една вистинска приказна. Дојди овде има многу добра чорба, сакам да те частам една’, рече тој.

Висок, слаб, облечен во излитено одело, кое некогаш било едно од поскапите. Кошулата непеглана, но чиста. Ми вели: ‘Не научив да пеглам, но знам да простирам за да не се пегла’. Духовит човек со тага во очите.

Ми рече: ‘Ја знаеш ‘Васа Ладачки’?’

‘Кој не ја знае’, одговорив.

‘Е, јас сум Васа…’

И ја почна својата приказна…

Неговите биле против неговата љубов, која била од сиромашно семејство и буквално му ја наметнале неговата жена која ја оставил во обид да ја врати првата љубов. Но, неговата прва љубов набрзо после неговата венчавка се мажи и оди да живее во Германија.

Седум пати одел за да ја врати, но неговата прва љубов сакала да остане верна на својот маж.

‘Намерно не ти го кажувам нејзиното име, не сакам да разбере некој од нејзините потомци. Напишете песна, ова е за песна… Таа е горда жена, која никогаш нема да ја заборавам’“, се сеќава познатиот актер и го објаснува делот кога С.К. поради својата љубов завршил во затвор.

Дац ја оживува приказната на нивниот пријател кој за да види својата сакана тајно од нејзиниот сопруг, заминал од Македонија во Германија.

„Кога стасал во Германија, тој ја чекал пред зградата каде што живее, но таа била со сопругот, а тој не можел никако да дознае каде работи таа. Потоа ангажирал таксист, за да се види со жената што ја сака. Ја чекале цела ноќ пред зградата каде што живее. Таксистот се извадил од памет и се чудел, зошто чекаат цела ноќ, иако човекот му дал големи пари за да ја следи. Ја следеле, не знам колку километри, до друг град до каде што работела, само за да ја види. Ја видел само на кусо, и толку, таа го откачила. Но, таксистот потоа го пријавил С.К, му било сомнително и се исплашил. Не му било јасно зошто еден човек дојден од друга држава го плаќа за да ја следат жената. Полицијата го фатила и седум дена бил во затвор. Таму објаснил дека сето тоа од љубов го правел, дека не е криминалец, но ги молел надлежните никако да не дознае нејзиниот сопруг. Откако во затворот се увериле за што навистина се работи, го пуштиле“, ни раскажа Дац.

Песната „Срце на робија“ доаѓа една и пол година по последениот хит на Дац и Александар, „Душа бакшиш“. Музиката и текстот ги напиша Александар Митевски, а аранжманот и продукцијата се дело на Бобан Василески. Песната е снимена комплетно во живо во студиото на Митевски (тапани – Владимир Икономов Хистер, гитари Бобан Василески, бас – Ташко Грујовски, гудачи – Владимир Крстев) и веќе е хит на неделата на повеќе радио станици низ Скопје и Македонија. Моментално се промовира во секој град на нивната летна турнеја која ќе трае до средината на септември.

Дац и Александар за потребите на оваа песна објавија анимиран видеозапис, направен со помош на вештачката интелегенција, но овој пат „искористена за љубов и сликање чувства“. Нивната креативна екипа, со помош на ВИ алатките и модерните софтвери со вештачка интелигенција, ја отслика секоја сцена и секој стих од песната со комплетна уметничка приказна која е придвижена. Спотот се работеше интензивно цел месец и е прв од ваков вид кај нас, а оние кои го погледнаа се навистина воодушевени од визуелизацијата на песната „Срце на робија“.

Драган Спасов – Дац открива дека на есен треба да излезе првиот албум на познатото дуо, кој е замислен како двоен. Едното цеде ќе биде со нивните авторски песни, а другото со преработките со кои станаа доста популарни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот