Достава на храна до дома: Крајот на зелените пазари какви што ги знаеме?

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

За само година ипол, целосно се смени животот на планетава. Панденмијата и нејзиниот главен актер, непредвидливиот Ковид-19, воведоа нов ред. Дали локалните карантини, кои еве ги запознавме и како „локдауни“, не заробија не само во умовите, туку не навлекоа и на поинакви лични навики и го пореметија традиционалниот начин на живеење и однесување?

И како светот одеднаш почна да нарачува храна (и сè друго кое досега сами одевме да си го одбереме), и со тоа се отвори и поттикна раѓањето и вртоглавиот раст на еден цел нов економски поредок? Всушност, дали заштитувајќи го својот и животот на другите се навикнавме некој друг да не снабдува со храна, или полека стануваме мрзеливи? За сѐ е виновна е-трговијата.

Бирај со очи, не со раце“!

Паметам, оваа порака стоеше на табла во една месарница (тогаш ја викавме „српска“, па и пораката беше на српски јазик) во подрумот на тогаш новиот и прекрасен Градски трговски центар (ГТЦ). Поуката оправдано беше од хигиенски причини. Тоа можеби беше и првата „Божја“ (месарска, нели тие отсекогаш „летале на небо“?!) наредба. А допирањето во трговијата отсекогаш било дозволено, па и е истакнато како добредојдено. Сега, тука нема да отворам тема за „допирањето“ воопшто, како поинаква морална дилема на таа порака – „тактилноста“ во однос на социјалните односи.

Но, физичкиот карантин во изминативе 18 неизвесни месеци беше страшен. И физички и ментално. Укинатата слобода на движење – или на почетокот ограничена на неколку часа излегување од дома – трговците во малопродажбата ја видоа како неповторлива можност за воведување нови услуги во обидот да се спаси пропаѓањето на бизнисот. Дотогаш до дома нарачувавме само пици – одеднаш до дома ни носеа и пакети со животноважната тоалетна хартија.

Повеќето од големите ланци маркети, можеби за првпат соочени со хаосот од пандемијата, почнаа со агресивен маркетинг да ги најавуваат своите е-каталози и доставата на храна, пијалаци и средства за лична хигиена од своите гондоли, вклучувајќи дури и готвени јадења, и сè друго за дома. На улиците немаше жив човек и автомобили, но затоа се појави нова флотила на брендирани комбиња (на Тинекс, Веро, Гранап, Рамстор, и други маркети) – а доставувачите имаа ретки специјални „аусвајзи“ за да се движат надвор.

Се појавија и платформи на мали доставувачи на брза и ресторанска храна, кои беа единствениот комерцијален билборд за одржливост на рестораните и другите дотогаш опуштени угостители. Кликни Јади.мк, ХранаДоДома.мк, АпниСи.мк, Пакет.мк, ФудГуру.мк. Нарачај.мк. Доставата со велосипеди и мопеди додаде една нова сликичка во големиот хаотичен мозаик по улиците во градовите. А правилото во поголемите градови низ целиот свет отсекогаш гласи: Храна не смее да снема!

Сето тоа беше многу чудно. И не беше така одамна. Но го прифативме и продолживме да го живееме овој начин. Затоа што така беше насекаде. После и веќе не беше важно. Сега ќе се збуниме ако ги снема овие призори за воопшто постоењето на овој нов тренд – достава на храна.

Глобалната експанзија на онлајн нарачки на храна

Но, не беше ништо чудно за оние со брзи бизнис иницијативи. Сега е веќе дефинитивен фактот (и зрел за идните учебници по економија): Бизнисот за експресна достава на храна (односно на сè што ќе посакаме да купиме и спаѓа во статистичката категорија „нешта за лична потрошувачка“, или накратко Достава) е најбрзорастечката претприемачка иницијатива во историјата на економијата. Тоа ги мина границите на домовите, маалата, општините, градовите, државите, континентите. Сè може да биде доставено секаде. Експресно. А тоа е и смислата на е-трговијата.

Онлајн продажбата на храна едноставно незадржливо расте низ целиот свет. Главните коментари на економските гуруа е дека веќе не е тајна дека одредени држави поттикнуваат и штедро помагаат влегување на одредени пазари. Тоа значи и поголемо геостратешко влијание. Факт кој го истакнува порталот Ист-Вест диџитал њуз, е дека руски државно помагани фирми за достава на храна навлегуваат на европскиот пазар. Тие се пионери во развивањето и спроведувањето на овој модел. Поточно, фирмата Гетфастер се надева со влегувањето на европскиот пазар за брза достава на храна (главно свеж зеленчук и готови јадења) да направи обрт од фантастични 2 милијарди долари во следните четири години. Оваа руска инвестиција е всушност германски трговски ланец и доставувач, основана во 2020 година од руски претприемачи. Почнале да работат на почетокот на годинава и засега работат во само девет германски градови. Во овој стартап конзорциум учествуваат руски државни и приватни инвестициски фондови и индивидуални инвеститори од индустријата на ресторани. За почеток, со 1,5 милиони долари тие ќе отворат „невидливи продавници“, ќе започнат маркетинг кампањи, ќе развијат логистичка и ИТ мрежа, и ќе ја прошират екипата на работници. До крајот на годинава планираат да соберат од инвестиции 30 милиони долари за „агресивно да се прошират на нови територии“, да ја зголемата листата на производи и работната инфраструктура.

Но, тие не се единствените слични бизниси од светот на доставувачи на храна финансирани со руски пари. Во Велика Британија се Џифи, а во САД се ФудРокит и ФриџНоуМоре.

Изворно, во Русија најпознатите стартапи кои поставија ваков модел на достава на храна се Самокат, Јандекс. Лавка. Нивната централна порака е: Храна до вашиот дом за 15 минути! Продажбата на производи од приватни произведувачи (приватно брендирани) од нивната листа во периодот април-мај пораснала за 12,2 проценти, а тоа е 5,3 проценти од колачот на севкупната продажба, наведува дневниот весник Ведомости, или петкратно зголемување во споредба со периодот пред почетокот на пандемијата, и покрај општиот (и болниот) факт дека луѓето имаат значително пониски примања во однос на наведениот период. Но рускиот пазар е огромен, а ова е само почеток на негово освојување.

За споредба, во поразвиените европски држави, продажбата на производи кои ги создале мали произведувачи, во Швајцарија на пример, е 50 проценти, додека во Велика Британија и Германија е 40 проценти, според ИнфоЛајн.

Всушност, најпримамлива за потрошувачите е понудата на нови производи од мали произведувачи, промоциите и, најважното, конкурентските пониски цени и агресивните понуди на големи попусти. Токму производите на нови произведувачи полека стануваат неизоставна ставка во статистичките анализи за учество на пазарот и во трговијата.

Во Турција се случува слична експанзија на бизниси за брза достава на храна. Турската „мега-пиљара“ Гетир, која експресно доставува овошје и зеленчук до дома, собра 555 милиони долари од инвеститори. А тоа веќе не спаѓа во категоријата на стартап. Оваа компанија денес вреди повеќе од 7,5 милијарди долари, објави пред некој ден Ројтерс. Со овој конзорциум управуваат инвеститорите Тајгер глобал и Секвоја капитал, заедно со Силвер лејк од Силиконската долина, и кралските фондови ДисраптАД од Обединетите Арапски Емирати, и Мубдала инвестмент компани од Абу Даби. Компанијата ќе биде достапна онлајн во Берлин и Париз од овој месец, и во неколку градови во САД во четвртиот квартал од годинава. Во јануари, Гетир почна да опслужува онлајн во Лондон, а од мај и во Амстердам. Во втората половина од 2021 планира да доставува и во Сао Паоло, а понатаму и во Мексико сити.

Оваа компанија е основана во 2015 година. Во март, Гетир „обра“ 300 милиони долари во кампањата за собирање средства од инвеститори, и стана втората турска технолошка компанија која ја достигнала оваа вредност. Интересно за самата суштина во овој фантастичен раст на компаниите за брза достава во Турција е што во април, турската агенција за заптита на конкуренцијата започна кампања помеѓу 32 компании, меѓу кои и Гетир, за да потпишат „џентлменски договор“ за да се спречи работници од една да преминуваат во друга конкурентска компанија.

Getir
Фото: Petra Figueroa/SOPA Images / Shutterstock Editorial / Profimedia

Пермутации, претумбации и превземања на бизнисите од оваа категорија

Шпанската Глово, која не спаѓа директно во гореспомнатите компании, но како повеќекатегориска платформа за достава на крајот на мај објави дека го купува бизнисот на германската ДиливериХироу, кој оперира во шест југоисточни европски земји за 170 милиони долари. Од врвот на Глово велат дека се заинтересирани за овој потенцијален европски регион, каде луѓето се повеќе ги прифаќаат и користат платформите за онлајн нарачки. На почетокот, Шпанците ќе ги купат ограноците во Романија и Бугарија, потоа брендот Донеси во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, и Пауза во Хрватска. За Глово, овој регион е можност да се позиционираат високо на пазарот, кој овозможува стабилен и одржлив бизнис. Трансакциите во Босна, Бугарија, Хрватска, Црна Гора и Србија, се очекува да се заокружат во следните неколку недели, додека во Романија кога ќе добијат дозвола од тамошниот државен контролор за конкуренцијата, велат од Глово, и додаваат дека не застануваат тука. Во одделен договор од неодамна, тие склучиле договор за преземање со словенечката фирма Ехрана, но сумата не е наведена. Овој договор се очекува да се верификува во следните неколку месеци, наведуваат од Интелињуз.

Ова е само почеток на глобалниот тренд. Ниту ние нема да бидеме изземени од него. Очекуваме во следниот период да слушнеме дека некоја од македонските фирми кои доставуваат храна ќе бидат ставени на листата на, еве, глобалните играчи. Тоа не е лошо. Напротив. Ќе даде импулс за понатамошен развој и раст на овие и на некои други нови фирми од оваа категорија во трговијата.

Којзнае дали е ова и крајот на зелените пазари, онакви какви што ги знаеме?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот