Доста со клати врати, ама кој ќе крати плати?

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Директор во државна фирма загубар секако дека не треба да ужива во својата натпросечно висока плата. Но, со општо кастрење плати во јавниот сектор не само што ќе се намали стандардот на вработените, туку ќе се намали и општиот стандард на државата, ако се земе предвид колку вработени има во секторот.

Владата се одважи и направи план за штедење во администрацијата. Дефинитивно, тоа е чекор за поздравување. Но, прашање е како ќе се спроведува штедењето и кој ќе го спроведе. Е, тука имаме многу жешки костени за вадење.

Прво, она што најгласно одекна во јавноста е дека ќе се намалуваат платите во јавниот сектор. За волја на вистината, оваа вест имаше разни интерпретации – од тоа дека платите ќе се кратат за 10 проценти, па сѐ до тоа дека ќе се кратат платите што се далеку над просекот, иако ова е многу релативен опис, не е прецизирано што е тоа многу над просекот. Во документот до кој дојде „Слободен печат“, а кој беше усвоен од Владата, прецизно пишува: „консолидација на расходите за плати и надоместоци преку намалување за 10 проценти во однос на утврдените лимити/планирани средства за 2023 година“. Потоа има сет-мерки како да се стигне до ова кратење. Директно и буквално никаде не е спомнато кратење плати. Но, иако го нема во документот, во изјавите на премиерот Димитар Ковачевски го има како кратење плати повеќе од просекот. Да потсетиме, не така одамна, премиерот рече дека има јавни претпријатија што се загубари, што значи дека редовно добиваат големи дотации од државата, а нивните директори имаат плати поголеми и од таа на претседателот на државата. Премиерот потенцираше дека ова ќе се смени.

Беше направен и нов правилник за пресметки на плати и тој практично треба да направи да нема вакви аномалии. Ако со новиот правилник нема плати помали од минималната, што сега го има како директно кршење на Законот за минимална плата од страна на државата, и ако за платата на директорот чија фирма е во загуба има некои законски кочници, е тогаш овој правилник или пак законските измени ( што и да е) треба што побрзо да се донесе, наместо да се најавува во недоглед. Секое друго кратење плати е – катастрофа . Не само за стандардот на вработените во јавниот сектор, туку за општиот стандард во државата, ако се земе предвид колку вработени има во јавниот сектор.

Но, токму вакво кратење се наѕира во работата од дома. Имено, во делот на мерките за консолидација на плати и надоместоци се наведува и работа од дома, за околу 30 отсто од вработените. Поинаку кажано, тоа е мерка со која треба да се намалат платите. Од Синдикатот соопштија дека, според нивните неофицијални информации, сите вработени кои ќе се упатат да работат од дома, ќе добијат помала плата од 10 до 30 проценти. Тоа значи, велат од Синдикатот, дека како награда за работа од дома, која ќе значи повисоки сметки за струја, греење, итн. тие ќе добијат пониски плати, а во некои случаи дури и пониска плата од минималната.

Друго горливо прашање, на кое особено жестоко реагираше Сојузот на синдикатите, е практично суспендирањето на колективните општествени договори завиткани во обланда во документот: „Институциите што веќе имаат склучено поединечни колективни договори да пристапат кон нивна измена или по истекот на нивната важност да извршат редуцирање на одредбите што имаат значителни фискални имликации“. Додека на едни им се наложува да си ги суспендираат веќе стекнатите права, од друга страна се склучува нов колективен договор помеѓу Министерството за труд и Синдикатот за образование и наука според кој вработените во градинките ќе добиваат поголеми плати! Тие и треба да добијат поголеми плати, но тогаш нека не се вика на помош колективниот договор. Иако секаде во светот постојат грански колективни договори, тие во јавниот сектор внесуваат нееднаквост. Како на пример, оној според кој само вработените во управата, правосудните органи и здруженија на граѓани имаат право на К-15, само затоа што нивниот синдикат успеал да избоксува таков договор!?

Нешто за што може да се каже дека е добра стратегија е најавата дека секогаш за нови вработувања ќе се бараат внатрешни резерви, затоа што сите сме сведоци дека има институции каде што има превработеност и тој кадар може да биде искористен на друго место. Исто така, се планира да се пополнуваат само 80 отсто од испразнетите места, по која било основа. Е сега, тука доаѓаме до клучното прашање: ќе се најде ли јунак овој дел да го спроведе како што треба? Ќе се преместат ли некои „привилегирани“ вработени, кои дури и не работат, некаде каде што ептен треба работници за конкретни работи, како на пример, поправки на патишта, чистење… Ќе го снема ли партискиот и друг вид притисок за да не се пробие лимитот за надополнувањето на испразнетите места?

Долг е списокот и за заштеди на стоки и услуги во јавниот сектор. По 20 проценти треба да се намали искористеноста на електричната енергија, расходите за репрезентација, за патување во странство, а треба да се намалат и расходите за телефони и за бензин (без да се одреди процентот). Ако видиме прецизен отчет колку сега се користеле, а колку ќе се користат во иднина, ако видиме јавна прозивка и одговорност, тогаш може да им веруваме на овие мерки. За почеток, едно прашање: Дали во Абу Даби мора да одат и премиерот, и министерот за финансии, и министерот за земјоделство и министерот за транспорт и врски?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот