Доналд Туск положи заклетва за нов премиер на Полска

Доналд Туск положи заклетва за нов премиер на Полска / Фото EPA-EFE/Pawel Supernak

Владата на новиот полски премиер Доналд Туск денеска положи заклетва, што е најнов чекор во трансферот на власта во земјата со која осум години владееја националистите, честопати во судир со Европската унија. По долгогодишен конфликт меѓу Варшава и Брисел под претходната полска влада предводена од конзервативната партија Право и правда (ПиС), назначувањето на поранешниот шеф на Европскиот совет создава атмосфера за подобри односи меѓу Варшава и остатокот од Европа.

Во говорот пред парламентот во вторникот, Туск, кој беше и премиер од 2007 до 2014 година, вети дека ќе обезбеди милијарди евра од европскиот буџет, претходно замрзнат поради загриженоста на Брисел за владеењето на правото во земјата. Таа задача би можела да биде отежната од судиите назначени од ПиС како дел од неговите контроверзни реформи, кои критичарите ги нарекоа поразителни за независноста на судството. Тука е и претседателот Анджеј Дуда, сојузник на ПиС, кој има право на вето на законодавството.

„Мора да бидете оптимисти“, рече Туск пред полагањето заклетва во претседателската палата. „Се надевам дека имаме заеднички цели, дури и ако имаме различни патишта и искуства. Никој не се сомнева дека мора да и служиме на Полска“.

Уставниот суд на Полска во понеделникот пресуди дека изборната реформа што Полска мора да ја донесе за да дозволи пристап до европските фондови е неуставна. Истиот заклучок беше донесен од судот и за казните што ги изрече највисокиот суд на ЕУ пред конечната одлука, познати како привремени мерки.

Туск треба да учествува на самитот на ЕУ во четврток и петок. Покрај обидот да ги деблокира средствата за Полска, Туск ќе работи и на поддршка за членството на Украина во Европската унија.

Додека Киев станува сè позагрижен за посветеноста на западните сојузници да ја финансираат неговата одбрана од руската инвазија, Туск најавува дека Полска ќе се залага за континуирана помош. На средбата во Брисел, Унгарија, чиј премиер Виктор Орбан беше најблизок до претходните полски власти, може да стави вето на почетокот на преговорите на Украина со ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот