Додик за Ел Мундо: БиХ е промашен проект, требa цивилизирано да се разделиме

Милорад Додик
Милорад Додик / Фото: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик во интервју за шпанскиот весник Ел Мундо рече дека „БиХ е пропаднат проект” и оти најдоброто решение за земјата е „Бошњаците, Србите и Хрватите да се разделат на цивилизиран начин”.

– БиХ нема да може да опстане од истата причина поради која не преживеа Југославија. Во БиХ има три народи. Два од нив, Хрватите и Србите, се многу незадоволни. Муслиманите сакаат да создадат унитарна држава во која тие би биле доминантен народ, рече Додик .

– Нашата политика не е насочена кон отцепување. Зборуваме за друга можност, врз основа на оценката дека БиХ нема да биде успешна како држава. Ако е така, најдобро е да се разделиме на цивилизиран начин, додаде тој.

Тој нагласи дека Србите нема да „започнат војна за да се отцепат”, но повтори дека е најдобро да се разделат „ако не може да се живее заедно”. Тој посочи дека Србите „го бранат политичкиот процес” кон постигнување на таа цел и дека приказните за можна војна се „бесмислени”.

Тој, исто така, рече дека БиХ постои како држава само поради притисокот од меѓународната заедница.

– Тоа е експеримент на странци, нагласи Додик.

– Првата работа што ја предлагам е странците да престанат да ја водат оваа земја бидејќи таа е единствената колонија што моментално постои во Европа. Нека не остават да најдеме консензус, ако е можно, рече тој.

Додик смета дека европскиот висок претставник Кристијан Шмит нема право да воведува закон во БиХ.

– На изборите пред три години освоив најмногу гласови, многу повеќе од двајца мои колеги од Претседателството заедно. А сега доаѓа тој Германец и вели дека иднината на БиХ нема да се конституира со Додик. Што се замислува, кој е тој?, рече тој.

– БиХ е неуспешен проект … БиХ се соочува со тешка криза. Оваа криза не се појави сега, таа отсекогаш била таму. БиХ е синоним за криза, заклучи Додик.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот