Додека не завршат преговорите со Софија, нема да почнат со Брисел

Министрите на денешниот Совет за општи работи во Луксембург го имаат проширувањето на ЕУ на дневен ред и ќе разменат ставови за процесот, но техничката бугарска влада веќе се изјасни дека нема мандат да ја менува позицијата од собраниската декларација од 2019 година и дека ветото останува.

Бугарија не попушти на она што претседателот Румен Радев не сакаше да го нарече меѓународен притисок и денеска на Советот на општи работи (ГАК) во Луксембург нема да ја тргне блокадата за да биде усвоена преговарачката рамка за Македонија за членство во ЕУ. Министрите на земјите-членки го имаат проширувањето на ЕУ на дневен ред и ќе разменат ставови за процесот, но техничката бугарска влада веќе се изјасни дека нема мандат да ја менува позицијата од собраниската декларација од 2019 година и дека ветото останува. Овој исход уште пред минатонеделната посета на Софија го најави и премиерот Зоран Заев, кој ја најави и следната дата кога може да се очекува поинаква одлука во ЕУ – 6 октомври, за кога е закажан состанок на Европскиот совет за Западен Балкан во Словенија.

 

Заев: Во Софија предложив патоказ за соработка

 

Надежите на Македонија веќе се свртени кон словенечкото претседателство, кое почнува на 1 јули, откако португалското претседателство минатиот месец достави свој предлог за решение на спорот што го Софија му го наметна на Скопје и околу кој владите на двете земји се уште разговараат. Според премиерот Заев, разговорите со техничката влада ќе продолжат и во наредниот период, а очекувањата се дека евентуалниот договор подоцна ќе биде потврден од идната политичка влада во Бугарија што се очекува во август, по изборите на 11 јули, доколку не се повтори априлската ситуација кога ниедна партија не состави парламентарнио мнозинство и влада.

– Предлогот што го однесов во Софија се однесува на Патоказот за соработка, според кој двете страни се залагаат за зголемување на ефикасноста и во сите области на соработка со конкретни рокови и задолжени институции, меѓу кои е и предлог за интензитетот на идното работење на историската образовна комисија меѓу Северна Македонија и Бугарија – рече Заев за ТВ21, како одговор на барањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да каже со каков предлог отпатувал во Софија.

Бугарските медиуми објавија шпекулации дека македонската страна понудила компромис дека македонскиот јазик е ист со бугарскиот, но меѓународно признат како различен јазик.

– Уште кога излезе оваа неточна информација веднаш ја демантиравме од Владата. Неколку пати сме повториле и тоа секаде јавно и пред сите европски институции дека за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет не преговараме, ниту пак некој има право да преговара – одговори премиерот.

 

Бугарија самата си даде мат

 

Дел од аналитичарите прогнозираат дека идната политичка влада на Бугарија ќе биде под посилен притисок од техничката влада и дека че има последици заради нејзиното опстојување на уценувачките позиции кон Македонија, наспроти пораките од САД и клучните европски држави Германија и Гранција. Политикологот и историчар Благојче Атанасоски вели дека Бугарија сега се наоѓа во мат позиција.

– Од една страна таа ги подигна влоговите со ветото. Нејзините политички елити сакаа да добијат поголеми отстапки од наша страна и го насочија фокусот на бугарските граѓани кон ова прашање, а од друга страна веќе се соочуваат и во иднина уште повеќе ќе се соочуваат со зголемен притисок од страна на најмоќните ЕУ земји-членки, но и од американската дипломатија и администрација. И покрај тоа што САД не се членка на ЕУ, нормално тие можеби се позаинтересирани за влечењето на Западен Балкан во ЕУ како геополитички проект на заокружување на западната безбедносна архитектура во овој дел на Европа! Што значи, Бугарија номинално стави вето на Македонија, но во суштина стави вето на американските интереси на Западниот Балкан, а намерно или несвесно одигра во корист на руските – вели Атанасоски за „Слободен печат“.

Тој оценува дека бугарскиот државен врв ќе биде исправени пред се поголем притисок за да се откочат блокираните евроинтеграциии на земјите од Западен Балкан, но резултатот од тој притисок нема да добар ниту за Македонија.

– Најверојатно при идна политичка влада ќе има зголемен притисок врз официјална Софија, но решението ќе биде веројатно подеднакво незадоволително за двете страни, бидејќи во ваков спор многу е тешко да извлечете ,,вин-вин“ позиција. Ако годинава или најдоцна идната година не се реши годинава статусот на Македонија, не само што ЕУ ризикува зголемен евроскептицизам, туку веројатно целосно ќе се изгуби проектирана ЕУ-иднина за сите шест земји и повторно регионот ќе биде ,,на линијата на огнот“ меѓу спротиставените интереси на западните големи сили и евроазиските деспотии во прв ред Русија и Кина – оценува Атанасоски.

Според директорката на софиската канцеларија на Европскиот совет за надворешни односи, Весела Чернева ќе бидат потребни повеќе средби меѓу Софија и Скопје за да се промени позицијата на Бугарија, но и промена на тонот.  

– Бугарско-македонските односи се во најлоша форма. Промената на тонот е прва задача за обете страни доколку сакаат дијалог. Две лица не можат да зборуваат ако се однесуваат непријателски кон едни со други, ако меѓусебно се обвинуваат за лаги итн. Идејата е преку конструктивен дијалог, преку мали чекори, постепено да се менуваат овие односи – коментира Чернева.

Според неа позицијата што ја зазема Бугарија е исклучително тешка, а бугарската дипломатија е сместена во аголот.

– Ова го видовме во преговорите за европскиот буџет, сега ќе го видиме во Планот за обновување. Бугарија постојано трпи загуби од фактот дека нејзиниот глас сè помалку се слуша – додаде таа.

Според Чернева, ако Бугарија работела поактивно со Македонија според Договорот за добрососедство од 2017 година, немало да има потреба да става вето.

 

Силјановска-Давкова: Претседателот е прв во меѓународните односи, а не премиерот

 

Премиерот не е овластен ниту според Законот за надворешни работи, ниту според Законот за склучување и ратификација и спроведување на меѓународните договори, вели пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова во врска со односите меѓу околу Македонија и Бугарија и денешниот состанок на Советот на општи работи на ЕУ.

– Мене ме шокира молкот на Претседателот на државата. Претседателот е прв во меѓународните односи, а не самокрунисаниот републиканскиот монарх, господинот Заев. Очигледно на нашиот сосед му одговара ваков профил на човек. Особено во еден деформиран премиерски систем. Како Бугарија дојде на оваа позиција? Таа дојде институционално во Парламентот, а не вонинституционално. Не во неформални групи, не во неформално постапување, туку во Бугарскиот парламент – рече Силјановска-Давкова во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.

Таа додаде дека ова што ѝ се случува на Македонија не постои според Копенхагеншките критериуми.

– И прашањето е зошто европското семејство не препушти на милост и немилост на соседите. До вчера слушавме дека Македонија е грчка, а сега слушаме дека Македонија е бугарска. Шокирана сум. Реторика како од меѓу балканските војни. Срамно – рече таа.

 

Топалов: Целата историска наука во Македонија се заснова на лаги

 

Целата историска наука во Македонија се заснова на лаги и фалсификат, изјави проф. Кирил Топалов, член на Мешовитата комисија за историските прашања.

– Во Бугарија има многу луѓе кои го прекоруваат нашиот историски комисија дека не си ја работи својата работа. Како да ја завршите својата работа со луѓе кои тие намерно ги искривуваат историските факти – вели тој.

Според него, европските земји размислуваат на вистински начин и гледаат кој како ја брани својата европска ориентација. Топалов оцени и дека целта на посетата на премиерот Заев била „некако да се стави Бугарија во неможност да се одбие она што го сака Македонија“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот