До 2025 година Град Скопје планира да набави 250 еколошки автобуси

Градски автобус на ЈСП пред собрание / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

На седницата в четврток, советниците во Советот на Град Скопје ќе треба да се изјаснат и дали се за тоа со задолжување кај домашна банка со долгорочен заем од 620 милиони денари да се набават еколошки автобуси.

Сукцесивна набавка на 250 нови еколошки автобуси и реконструкција на мрежата на автобуски линии, со цел воведување нова мрежа линии, како и унапредување на контролата на сообраќајот на автобусите и линиите преку системот на автоматска локација на возила, се дел од активностите опфатени во Развојниот план за јавен превоз на патници на подрачјето на Скопје за периодот од 2023 до 2025 година.

Планот треба да се најде пред градските советниците на седницата закажана за четврток и тие треба да одлучат дали ќе почне и неговото спроведување.

– Основната цел е преку унапредувањето на линискиот превоз на патници, да се обезбеди изградба на ефикасен урбан транспортен систем, со цел да се зголеми бројот на превезени патници, продуктивноста и транспортната работа кај превозниците, кое би резултирало со зголемување на доверливоста, намалување на времето на патување, расположливоста на јавниот превоз (намалување на време на пешачење и време на патување), зголемување на удобноста, зголемување на интегрираноста, подобрување на информирањето на корисниците на линискиот превоз на патници, како и подобрување на такси превозот – се вели во предложениот развоен план.

Освен автобускиот превоз, во планот е предвидено и подобрување на такси-превозот во Скопје преку субвенционирање на такси – компаниите што ќе набават еколошки возила, за што Град Скопје ќе распише јавен повик.

– Градот Скопје ќе продолжи со реформирање на автобускиот превоз и сукцесивно ќе почне да го обновува возниот парк на ЈСП Скопје со нови еколошки автобуси. Во тек е изработка на студија за нова мрежа на линии со кои ќе добиеме оптимална мрежа согласно на потребите на корисниците на јавниот превоз. Ќе се продолжи со обновување на урбаната опрема на автобуските стојалишта и терминали, со истовремено нејзино техничко, визуелно и естетско типизирање, како и унапредување на системот за информирање на корисниците на линиски превоз на патници, чија цел е да обезбеди навремена и точна информација за линиите и возните редови кон крајните корисници – патниците – стои во образложението на предложениот план.

Активностите запишани во планот Градот ќе ги финансира од буџетот и од сопствени извори на приходи на ЈСП, но и од дотации, потоа со средства од Европската банка за обнова и развој  и со други начини на финансирање и кредитирање во согласност со Град Скопје.

На седницата в четврток, советниците ќе треба да се изјаснат и дали се за тоа со задолжување кај домашна банка со долгорочен заем од 620 милиони денари да се набават еколошки автобуси. Оваа предлог-одлука до Советот на Град Скопје доаѓа од градоначалничката Данела Арсовска и во неа не е прецизирано колку автобуси е предвидено да се набават со овие 10 милиони евра, но во јавноста проциркулира информацијата дека станува збор за 50 возила.

Кредитот би се отплаќал со пари од градскиот буџет, но условите и начинот на користење на заемот дополнително ќе се утврдуваат со договор за заем, кој Градот ќе го склучи со банката, што значи дека не се знае ниту на колку години би се задолжил градот, ниту колкаво би било тоа задолжување на годишно ниво.

– Со цел дополнително да се поттикне визијата за модерно Скопје, овозможувајќи лесно достапен и современ јавен превоз, притоа водејки грижа за квалитетот на живеење и животната средина, наша обврска и приоритет во работењето е да инвестираме во еколошки автобуси со цел поефикасно извршување на јавниот превоз. Со донесување на оваа одлука ќе се овозможи Град Скопје преку домашно долгорочно задолжување да изврши набавка на еколошки автобуси – се наведува во кусото образложение на предложената одлука.

Дали доколку советниците ја прифатат одлуката и планот за развој на јавниот превоз во наредните три години ќе се направи чекор напред кон конечно средување на хаосот со автобусите со што скопјани секојдневно се соочуваат, ќе покаже времето. Но, редно би било и во Скопје работите на тргнат на подобро и граѓаните што се движат низ градот со автобуси да добијат квалитетен јавен превоз и за парите што ги издвојуваат да добијат услуга каква што заслужуваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот