Директорката на „Панче Караѓозов“ ако сака, може да побара и македонска паралелка за гинеколошко-акушерски сестри

СУГС „Панче Караѓозов“, фото - Радио Моф

По бурните реакции во јавноста за тоа дека во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ за гинеколошко-акушерска сестра за следната учебна година има предвидено само паралелка на албански јазик, а нема на македонски јазик, експертите велат дека ситуацијата би можела да се промени, доколку за тоа постои волја. Директорката на средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ Маја Салиу ако сака, има можност да побара од министерот за образование Јетон Шаќири да се отвори дополнителна паралелка и на македонски јазик, со дополнително барање. Тоа законот ѝ го дозволува. Годинава за смерот гинеколошко-акушерска сестра во средното медицинско училиште предвидено е да има само паралелка од 34 ученици на албански јазик.

-Не може во медицината да делите потребен кадар по јазик. Кадарот се вработува според потреба на болниците, реагираше вчера сестра Гордана Бешлиовска од Унијата на здруженија на медицински сестри, техничари и акушери.

Професорката Весна Јаневска од Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ за „Слободен печат“ вели дека во средното медицинско училиште секогаш има интерес да се запишат учениците во повеќе смерови особено зашто струката гинеколошко-акушерска сестра е атрактивна и со неа може да се вработат и во странство а не само во Македонија. Меѓутоа, додава доктор Јаневска, годинава е направена лоша проценка од страна на училиштето и на таков начин им е ускратено правото на учениците да учат на смерот што го сакаат на македонски јазик.

-Годинава за смерот гинеколошко-акушерски сестри побарано е проширување само на албански јазик, а не и на македонски јазик. Колку што слушнав во медиумите, директорката побарала проширување на македонски јазик за смерот општа сестра, а за албански јазик за смерот гинеколошко акушерска сестра. И вели дека двата смера се речиси исти. Не може да бидат исти. Ако било исто, немало да бидат две различни струки. Тоа е верувам, оправдување за лошата проценка која ја направила директорката. Се разбира дека треба да има паралелка и на македонски јазик. Зошто да им се ускрати правото на децата да учат што сакаат? И уште кога ги поднесувале барањата до Министерството за да се прошират паралелките, требало да видат дека имаат интерес и за на македонски јазик. Сега би можела директорката да поднесе барање до министерот за образование и така може да се отвори паралелка и на македонски јазик. Лани во април со такво барање за други смерови отворани се паралелки, значи има и пракса, вели за „Слободен печат“ доктор Јаневска.

Од Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки пак, не беа запознаени со конкрентиот случај дека во средното училиште „Панче Караѓозов“ за гинеколошко-акушерска сестра има само паралелка на албански јазик а не и на македонски јазик, но сметаат дека средното образование не би требало да биде единственото кое го има една гинеколошко-акушерска сестра.

Не може да се биде акушерка со средно образование, бидејќи тоа се коси со Директивата на Европската Унија за регулирани професии, според која се претпочита да бидат високо образование и тоа со компетенции кои треба да ги добијат во текот на своето школување, да имаат барем 40 породувања под водство на ментор и да имаат знаења кои што не се стекнуваат туку така, вели Тања Трајковска од Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки на Македонија за „Слободен печат“.

Таа посочува дека акушерството е еден вид вештина и занает, а во Македонија уште на сила е правилник донесен во 1995 година според кој средномедицинските училишта наоѓаат модус на пазарот на труд да продуцираат гинеколошко-акушерски сестри, нешто што е многу различно од акушерките и така се создава една сива зона да не се знае точно на крај на завршувањето на образованието што им се компетенциите на овие гинеколошко-акушерски сестри.

-Акушерката самостојно ја води нормалната бременост во земјите од Европската Унија. Во Словенија таа врши и раѓања во домашни услови сама. Во Шведска, Данска, Англија тоа е пракса. Акушерката треба да е спремна, да има знаења и вештини за да знае кога да го викне докторот ако забележи нешто што отстапува од нормалната бременост. Акушерките ни под разно не треба да се образувани само со средно училиште. Личност со 15 години не е подготвена да влезе во овој процес кој бара одговорност за два животи. Треба да има многу добра подготовка, постојана и континуирана едукација, да знае како да реанимира новороденче, да познава многу аспекти, посочува Трајковска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот