Димитров: Институциите пријавиле дека потрошиле под осум милиони евра, поради што не е исполнет условот за помош преку ФСЕУ

Фото: Драган Митрески - Слободен печат.
За да добиеме помош како држава од ЕУ фондот за солидарност, минималната вкупна сума на овие трошоци за првите четири месеци на кризата требало да надмине близу 31 милиони евра (пресметана како процент од македонскиот бруто национален доход), објави вечерва на Фејсбук, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров.
Нагласи дека во мај минатата година Секретаријатот за европски прашања доставил информација до Владата со барање сите институции да ги пријават сите трошоци поврзани со здравствените аспекти на пандемијата.
-Нашите институции, сите заедно, пријавиле дека вкупно потрошиле под осум милиони евра со што не сме го исполниле условот за помош преку овој механизам. Рокот за аплицирање бил на 24 јуни минатата година, појасни Димитров.
Претходно СЕП излезе со соопштение во кое наведе дека поради квалитетното и навремено менаџирање на државните финансии во здравствениот сектор, како и поради брзата и ефикасна организација на државните институции кога беше обезбедена голема количина на донации во борбата со Ковид-19 (заштитни средства, маски, медицинска опрема, респиратори итн) кои не предизвикаа дополнителни расходи за овие потреби, минимумот кој беше проектиран од страна на ЕУ за користење средства од Фондот за солидарност не беше постигнат.
-Во април 2020 год., Европската Унија одлучи да го прошири опфатот на Фондот за солидарност на ЕУ (ФСЕУ) како резултат на кризата настаната со пандемијата од Ковид-19 и кон земји кои не се членки на Унијата. Искористувањето на средствата од овој Фонд зависи од исполнувањето на праговите поставени од страна на Европската Унија во однос на вкупните расходи кои земјата во определен период ги има насочено за справување со последиците од Ковид-19, наведе СЕП.

Во таа насока, СЕП подготвил Информација за можноста за користење на Фондот за солидарност на Европската Унија за справување со финансиското влијание на Ковид-19 во здравствениот сектор. Информацијата со детални информации за можностите и за начинот на аплицирање за користење на помошта, била разгледана и усвоена на 51-та седница на Владата на Република Северна Македонија (одржана на 12.5.2020 год.), по што се иницирало прибирање на податоци за итните трошоци поврзани со Ковид-19, настанати на централно и локално ниво.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот