Џо им рече на Европјаните-Балканот да се интегрира во ЕУ

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Над 300 државници, дипломати, претставници на тинк-тенк организации од САД, од ЕУ, и од соседсвото со иста порака од Преспа форумот: местото на Западен Балкан е во ЕУ.
Тоа веќе и не беше само тивка дипломатска порака, туку громогласно изречен повик упатен до администрацијата на ЕУ, но пред се и до земјите члнеки на Унијата (во кои патем спаѓа и Бугарија) дека игрите и калкулациите треба да престанат и дека ветувањата што и беа дадени на Македонија и Албанија треба да се исполнат.
Не потценувајќи ја заложбата на сите присутни гости за европската перспектива на Македонија, сепак од исклучително значење е улогата на САД на Преспа форумот. Самото физичко присуство на двајца високи претставници на американската администрација од Вашингтон во ликот на Заменик-помошникот државен секретар на САД, Метју Пламер и Филип Рикер, помошник државен секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања, покрај американската амбасадорка на САД во земјава Кејт Брнс, е показател за интересот на САД за мирен и стабилен регион кој не е можен без брзо и целосно негово интегрирање во ЕУ.
Тие доаѓаат со директна порака од американскиот претседател Џо Бајден со кого, како што рече Рикер, разговарале за можните опции за унапредување на меѓусоседските односи на Западен Балкан.
„Зборувавме со претседателот Бајден како да ја унапредиме регионалната соработка на овој регион со ЕУ и подобрувањето на односите со соседите“, рече Рикер.
За вниманието на Џо Бајден кон Македонија говори и една негова изјава дадена за време на Илинден, упатена кон македонската заедница во САД, кога сеуште беше само поранешен американски потпретседател.
„Џил и јас испраќаме честитки до македонско-американската заедница, која што го празнува Илинден и антифашистичката декларација од 1944 година. Овие настани ја поставија основата за суверена, плуралистичка и мултиетничка република, која САД се горди да ја наречат пријател и сојузник, и која е длабоко почитувана членка на евроатлантската заедница“, вели Бајден во пораката.

Но многу бргу, откако беше назначен за 46 претседател на САД, Џо Бајден се наврати на Балканот со обновување на Декретот со кој им се наложува на сојузните власти да ги стават на црна листа сите лица кои работат против клучните договори во регионот.

Еден од нив е и Договорот од Преспа, за кој за да нема политичка дилема, Рикер повторно го нагласи како исклучително значаен и како пример за модерна дипломатија.

„Договорот од Преспа беше визионерски, храбар дипломатски напор за кој беше потребно вистинско лидерство и тоа е нешто за кое САД многу се гордеат. Ние се обидовме да ја одиграме нашата улога, да охрабриме и да помогнеме во тој процес, кој беше предводен од Северна Македонија и Грција и вашите лидери“, истакна Рикер.

Бајден, поранешен потпретседател на претходникот на Трамп, Барак Обама, долгогодишен сенатор и претседавач на комисијата за надворешна политика, има повеќедецениско надворешно-политичко искуство. Аналитичарите сметаат дека неговата победа на изборите носи рестартирање на традиционалните американски сојузништва, пред сѐ во Европа и Источна Азија.

Токму затоа администрацијата на Бајден е фокусирана целиот регион да се ревитализира и да се подигне нивото на транзиција во трансатланската врска, поради што САД ги поддржуваат земјите членки на Унијата да ја одржат првата меѓувладина конференција со С. Македонија и Албанија и без одложување да ги остварат своите заложби и ветувања.

„Пред една година, ЕУ потврди дека Северна Македонија и Албанија треба да почнат преговори за членство. Тоа сѐ уште е нивен став, но очигледно има препрека за што ние сме многу разочарани и таа мора да биде надмината. Имам целосна доверба дека ќе биде, бидејќи Северна Македонија е европска земја“, рече Рикер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот