Десетици американски држави го тужат Инстаграм поради наштетување на менталното здравје на младите

Инстаграм лого / Фото: МИА

Мета, матичната компанија на Фејсбук и Инстаграм, е обвинета за заблуда на јавноста за ризиците од користењето на социјалните мрежи и придонесување за криза на менталното здравје кај младите, пренесува Би-Би-Си.

Тврдењата беа изнесени во федерална тужба, која беше објавена од десетици американски држави. Тие велат дека компанијата користела зависни алатки за да ги „зароби“ корисниците, притоа прикривајќи ги „суштинските опасности“ на своите платформи. Мета објави дека е „разочарана“ од тужбата. Во тужбата се вели дека Мета ги прекршила законите за заштита на потрошувачите со тоа што се вклучила во „измамливо“ однесување.

Исто така, обвинителите објавија дека компанијата собирала податоци за деца на возраст под 13 години, прекршувајќи ги своите обврски според Законот за заштита на приватноста на децата на интернет.

„Компаниите на социјалните медиуми, вклучително и Мета, придонесоа за национална криза за менталното здравје на младите и тие мора да бидат одговорни“, рече њујоршката обвинителка Летиција Џејмс, една од 33-те јавни обвинители кои ја потпишаа тужбата.

Други девет држави, исто така, поднесоа слични барања во сопствените тужби. Портпаролот на Мета рече дека компанијата ја споделува посветеноста на јавните обвинители за „да им обезбеди на тинејџерите безбедни, позитивни искуства онлајн“ и дека „веќе вовела над 30 алатки за поддршка на тинејџерите и нивните семејства“.

„Разочарани сме што наместо продуктивно да работиме со компании низ индустријата за да создадеме јасни стандарди соодветни на возраста за многуте апликации што ги користат тинејџерите, јавните обвинители го избраа овој пат“, додаде портпаролот.

Мета и другите компании за социјални медиуми веќе се соочуваат со стотици тужби во САД поднесени од семејства, млади луѓе и училишни области поради влијанието врз менталното здравје.

Постојат студии кои сугерираат дека подемот на Фејсбук не е поврзан со психолошката штета кај луѓето. Но, има и многу истражувања кои покажаа дека трошењето долги временски периоди на социјалните мрежи може да има штетно влијание врз менталното здравје на младите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот