Денот по НАТО

И покрај тоа што многупати беше отпишано, НАТО опстоја. Но, уште една лисица влезе во ќумезот и наиде на типичен европски одговор на опасност: кревање врева.

Лисицата за која станува збор е францускиот претседател Емануел Макрон, кој неодамна ја опиша Алијансата како „клинички мртва“. Не мора да се согласувате со неговите зборови – или со новата желба за дијалог со рускиот претседател Владимир Путин (јас не се согласувам) – за да ја разберете суштината на неговата теза. Промените во стратешките приоритети на САД под претседателството на Доналд Трамп бараат Европа да ги преиспита долгогодишните заложби за заедничка одбрана.

Ова не е првпат НАТО да е на стаклени нозе. Многумина дојдоа до истиот заклучок пред 2014 година, кога Алијансата немаше на што друго да се фокусира освен на мисијата во Авганистан. Припојувањето на Крим кон Русија и војната во Источна Украина му вдахна живот на НАТО. Потоа дојде Трамп, кој со својата администрација ја повлече поддршката за Европа, го напушти американското раководство во меѓународниот систем на правила и водеше националистичка, протекционистичка и унилатералистичка надворешна политика. Трамп го прогласи НАТО за „застарено“.

Резултатот е тоа што Европа ќе мора сама да се брани првпат по Втората светска војна. Меѓутоа, по толку години стратешка зависност на САД, Европа не е подготвена – не само материјално, туку и психолошки – за денешната сурова геополитичка реалност. Ова најмногу важи за Германија.

Иднината на НАТО е понеизвесна од кога било. По 1989 година, малкумина се сомневаа дека Алијансата ќе продолжи да постои по 20 години. Но, денес, прашањата за нејзината иднина произлегуваат не само од Вашингтон, туку и од Париз. Опстанокот на НАТО не може да се зема „здраво за готово“, а Европа не смее да чека 20 години за да види што носи иднината.

Помеѓу свртувањето на Америка кон национализмот, растечката наметливост на Кина и дигиталната револуција, Европа нема друг избор освен самата да стане сила. Во овој поглед, Макрон е сосема во право. Но, Европа не смее да има никакви заблуди за тоа што сè е потребно за одбранбена автономија. За Европската Унија, која се смета себеси повеќе за економска отколку за воена сила, ова подразбира излегување од „статус квото“.

За да бидеме сигурни, НАТО сè уште постои и сè уште има американски трупи распоредени во Европа. Но, клучниот збор тука е „сè уште“. Сега кога традиционалните институции и трансатлантските безбедносни заложби се ставени под прашалник, распадот на Алијансата е повеќе прашање на време. Кога ќе реши Трамп да стави крај? Европа не смее да седи и да го чека судбоносниот твит.

Макрон го разбира ова, додека Германија, како вообичаено, ги брани своите стари заложби, ветувајќи дека ќе го зголеми својот придонес во одбраната, а реално има мал напредок. Макрон разбира дека дупката во одбраната на Европа по повлекувањето на американските трупи би била многу поголема отколку што многумина очекуваат. Таа нема да настане постепено, туку наеднаш. Ако Европа сака да го спречи или барем да го одложи ваквиот исход, таа мора да инвестира во својата војска и значително да ги зголеми своите капацитети. Со други зборови, мора да се однесува како веќе да се случил распадот.

Во голем дел од својата понова историја, Европа мораше да се справува со два предизвика: турбулентен центар (Германија) и незаштитено источно крило (Русија и сега Кина), кое отсекогаш било отворено од геополитички аспект. Од основањето, НАТО служеше како решение за двата проблема.

Ако продолжите да одите на исток во НАТО и ЕУ, ќе видите сè поголем безбедносен страв кај земјите-членки. Ова не е изненадување, земајќи ја предвид географската близина на овие земји со Русија и долгата историја на рускиот империјализам, кој неодамна се покажа во вооруженото припојување на Крим кон Русија и војната во Источна Украина. За овие земји, почнувајќи од Полска и балтичките држави, интеграцијата на Америка во европската одбрана преку НАТО е неопходна.

Со оглед на геополитичките ризици на источното крило на Европа, НАТО го обезбедува потребниот облик на заштита, па дури и поттикнува солидарност и единство во рамките на ЕУ, со тоа што бара секоја членка да даде свој придонесе за доброто на сите. Свртувањето на Трамп кон национализмот под слоганот „Америка на прво место“ ја принуди Европа да се соочи со прашањето за сопствениот суверенитет, односно да стане независна технолошка сила со капацитет да постапува одлучно и обединето. ЕУ никогаш не би го направила тоа своеволно. Трамп, со каква и да е намера, ја принудува Европа да се промени. За да се зачува НАТО, ЕУ мора да дејствува како Алијансата да не постои.

(Јошка Фишер е поранешен германски министер за надворешни работи и заменик-канцелар од 1998-2005 година, период обележан со силната поддршка на Германија за интервенцијата на НАТО на Косово во 1999 година, проследена со спротивставување на војната во Ирак. Фишер влезе во политика откако учествуваше во антиестаблишмент протести во 1960-тите и 1970-тите и имаше клучна улога во основањето на Германската партија на Зелените, која ја водеше речиси две децении.)

Project Syndicate 2019

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот