Ден на македонскиот јазик: Мора да направиме сè за да го сочуваме чуварот на нашиот идентитет

Повеќе од сигурен сум дека на денот кога Северна Македонија ќе стане земја членка на Европската Унија, македонскиот јазик ќе стане дел од европското семејство јазици и ќе биде службен јазик во рамките на Унијата, порача евроамбасадорот Гир.

Македонскиот јазик е заштитник на нашиот идентитет, сегашност и иднина, коренот на нашето битие, врежан е во националната и во културната меморија, 5 мај – Денот на македонскиот јазик, значи ден на гордоста, ден кога ја славиме нашата посебност, кога се сумираат резултатите од она што е направено и она што треба да се направи однапред. Ова се дел од пораките упатени по повод Денот на македонскиот јазик.

Претседателот на Републиката Стево Пендаровски порача дека му оддаваме почит на македонскиот јазик кој е чувар на нашата колективна меморија, вечниот паметник на нашето постоење и лингвистичка гордост.

„Македонскиот јазик со долга усна и писмена традиција е семето на македонската држава и порив кој нѐ води со чест и достоинство да го остваруваме и сочуваме нашето место во светот. Затоа, имаме обврска кон идните поколенија да го чуваме, развиваме и да го афирмираме како наш влог за иднината, да ги поддржуваме домашните и меѓународните научни истражувања за јазикот и неговите дијалекти, да ги негуваме неговите особености и правилно да го употребуваме за да го зачуваме за идните генерации“, стои во пораката од Пендаровски.

На денешниот панел за афирмација на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, во организација на Министерството за култура, евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир рече дека денот кога Северна Македонија ќе стане земја членка на ЕУ тогаш и македонскиот јазик ќе стане дел од семејството јазици на ЕУ и со тоа ќе стане службен јазик во рамките на Унијата.

– Во ЕУ имаме 24 јазици што се во службена употреба. Има и други што ние во рамките на Европската Унија ги негуваме и всушност сите овие јазици се дел од нашиот колективен идентитет на ЕУ. Јас сум повеќе од сигурен дека на денот кога Северна Македонија ќе стане земја членка на ЕУ исто така и македонскиот јазик ќе стане дел од семејството јазици на ЕУ и ќе стане службен јазик во рамките на ЕУ – рече Гир.

Со сето тоа, според него, македонскиот јазик уште повеќе ќе се зајакнува што значи дека ќе има една цела армија преведувачи и толкувачи што ќе работат на превод на македонското законодавство, т.е. на европските стандарди и практики.

– Сите тие ќе бидат преведени на македонски јазик така што со самото членство на Северна Македонија во ЕУ и вашиот јазик ќе стане наш јазик, дел од колективното семејство на јазици на Европската Унија и уште повеќе ќе се зајакнува. Кога зборуваме за самиот јазик, јазикот претставува нешто интимно и лично за секој народ и тоа се поврзува директно со самата историја. Тоа е еден резервоар, како едно богатство кое собира сѐ во себе, почнувајќи од тоа кои сме ние во врска со нашето знаење и нашата свест и со нашата историја. И тоа е она што јазиците го имаат во себе, нашето искуство – кажа Гир.

На дебатата на која се зборуваше на повеќе теми поврзани со заштитата и за афирмацијата на јазикот и за предлог-законот за употребата на македонскиот јазик, учествуваа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, Елена Јованова-Грујовска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Наташа Аврамоска од Институтот за македонска литература, Људмил Спасов од Советот за македонски јазик и Весна Мојсова-Чепишевска од Семинарот за македонски јазик, литература и култура.

– Македонскиот јазик е јазик на оваа држава, на овие граѓани, на Северна Македонија. И секоја друга држава која милува да даде какви било изјави може слободно да дава. Ние сѐ дури си го говориме јазикот, сѐ дури водиме сметка за нашата култура, за македонската култура, за македонскиот јазик, ние сме заштитени. Јазикот е жива материја. Јазикот не може да се дефинира со тоа што некој ќе изгласа нешто во нечие собрание или на некоја друга средба. Дури го говориме, јазикот ќе ни живее. Дури ја негуваме нашата, македонската култура, нашата култура ќе продолжи да живее – рече Костадиновска-Стојчевска.

Истовремено чествување на Денот на македонскиот јазик се одржа и во ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Ректорот Никола Јанкуловски рече дека „во моментите кога ни се случувале и ни се случуваат безумни напади врз нашиот јазик, негирања и порекнувања на вистината, ние имаме на што да се повикаме, како на меѓународната научна потврда и легитимација на македонистичките научни ставови и заклучоци“.

– Денешниот датум е особено значаен, бидејќи на овој датум се случил клучниот миг во кодификацијата на македонскиот јазик со која се оствариле заложбите на Крсте Петков Мисирков од 1903 година – додаде Јанкуловски.

На пораките по повод 5 мај се приклучија и странски дипломати во земјава. Украинската амбасадорка Лариса Дир честиташе со порака на Твитер: „5 мај – Ден на македонскиот јазик! Македонскиот јазик е духовно наследство, врска меѓу генерациите, јазик што се користи во ОН и со чија помош се потпишуваат меѓународни документи. Драги македонски пријатели, од срце Ви го честитам Денот на македонскиот јазик!“.

Заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар, амбасадорката Анџела Агелер и други американски дипломати честитаа преку видеопорака: „Честит Ден на македонскиот јазик! Дали знаете дека некои американски дипломати учат македонски јазик пред да дојдат во Скопје? По повод овој ден, ги замоливме нашите колеги и волонтерите на Мировниот корпус на САД да кажат неколку македонски поговорки по нивен избор. Еве што избраа“, пишува во пораката објавена на ФБ на Амбасадата на САД.

Во видеото дипломатите покажаа дека научиле и поговорки типични за македонското поднебје. Меѓу нив се: „Кој рано рани, две среќи граби“, „Што ќе посееш, тоа ќе жнееш“, „Без мака нема наука“, „Виното и ракијата немаат нозе, ама по нозе маваат“ и „Трпение, спасение“, а на крајот Ескобар ја упати пораката: „Честит Ден на македонскиот јазик“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот