Деби-романот „Денот на црвот“ на Симона Јованоска ја доби престижната награда „Роман на годината“

Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ на прес-конференција што се одржа на 15 март во барот на Филхармонија, објави дека „Денот на црвот“ од Симона Јованоска во издание на издавачката куќа „Или-Или“ е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2021 година.

Оваа година во конкуренција за наградата беа 39 романи, а жири-комисијата ја сочинуваа: Владимир Јанковски (претседател и минатогодишен лауреат), Катица Гароска-Ацевска, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева и Катерина Богоева (претставничка на фондацијата).

Жири-комисијата одржала четири состаноци, при што по три изборни круга беа избрани четири дела кои влегоа во најтесниот избор за наградата: „Денот на црвот“ од Симона Јованоска во издание на „Или-Или“, „Деса“ од Ивана Трајаноска во издание на „Арс либрис“, „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ од Давор Стојановски во издание на „Или-Или“ и „Ден за одмазда“ од Ивица Челиковиќ во издание на „Паблишер“. На последниот состанок комисијата со мнозинство гласови одлучила роман на годината за 2021 година да биде „Денот на црвот“ од Симона Јованоска.

– Романот „Денот на црвот“ претставува успешно книжевно остварување во кое авторката на умешен начин комбинира различни приказни, егзистенцијални ситуации и човечки судбини. Композициски, книгата може да се чита како еден вид книжевна симфонија во која голем број елементи дијалогизираат едни со други, на моменти се оддалечуваат и се доближуваат, за повторно да се спојат и обединат во една смисловна целина. Романот е богат на ниво на стил, книжевна постапка, тон на раскажување, а хуморот, иронијата, суптилната пародија се само некои од стратегиите што авторката ги користи за да го збогати читателското искуство и да ги нијансира значењата на текстот. Станува збор за полиперспективен книжевен текст, во кој контрапунктот и пресвртот, варијациите на темите и мотивите, нивната игрива и луцидна сопоставеност создаваат богат и слоевит роман – стои во образложението на комисијата, кое на прес-конференцијата го изложи Владимир Јанковски, минатогодишен добитник на наградата и овогодишен претседател на комисијата.

Токму фактот што како добитничка на наградата Симона Јованоска ќе биде претседателка на комисијата за следниот избор на наградата е тоа што ја израдувало откако дознала дека таа е носител на престижното признание „Роман на годината“.

– За нова година имав желба во 2022 година да прочитам што е можно повеќе книги и таа желба ми се оствари, бидејќи ќе имам многу книги за читање кога ќе бидам во комисијата што ќе одлучува за оваа награда наредната година. Тоа е мојата прва споредна работа што како награда ја добив со добивањето на наградата „Роман на годината“, бидејќи на тој начин ќе можам да си го збогатам речникот со нови прочитани книги – рече добитничката на наградата, Симона Јованоска.

Исто така, Симона рече дека не сака да биде нескромна и да каже дека не ја посакувала наградата, напротив, многу ѝ значи што таа е добитничка, и додаде дека романот не го напишала за да добива награди, туку бил создаден во специфичен момент кога почна пандемијата и кога таа станала мајка по вторпат.

– Во еден таков период кога поверојатно беше дека ситуацијата ќе ме бутне, кај мене беше обратно, беше како тригер што ме поттикна да го напишам романот и на тој начин да си помогнам себе си, да си ја канализирам новонастанатата ситуација и мислите коишто ми надоаѓаа и драго ми е што од еден таков тежок период за мене излезе една ваква голема победа, која во иднина ќе ми биде мотивација да бидам подобра во тоа што го правам, никогаш да не пишувам наменски или за да му се допаднам на некого, туку да се држам до себе, да останам своја и да не заборавам дека никогаш немаше да успеам да го заокружам целиот процес без поддршката на моите најблиски – објасни Јованоска.

Симона Јованоска е родена 1985 година во Гостивар. Во родниот град завршила средно економско училиште, а потоа Економски факултет во Скопје, отсек маркетинг. Во 2015 година ја објавува дебитантската книга раскази „Ги најдов во длабокото“ во издание на „Или-Или“. Во 2019 година добива второ место на конкурсот на дневниот весник „Нова Македонија“ за расказот „Последниот кат“. „Денот на црвот“ е нејзин прв роман.

Наградата „Роман на годината“, чиј генерален покровител од 2017 година е „Комерцијална банка“ АД Скопје, годинава се доделува по 23-ти пат и се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари. Свеченото врачување на наградата ќе се одржи во септември оваа година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот