Дебата на кандидатите за градоначалник на Кисела Вода: Расадник и урбанизацијата – главни теми

Дебата меѓу кандидатите за градоначалник на Кисела Вода на ТВ Телма / 29 септември 2021 / фото: ТВ Телма/принтскрин

Кандидатите за градоначалник на скопската општина Кисела Вода вечерва ги претставија своите програми во дебата на телевизија Телма. За позицијата на претстојните локални избори ќе се борат актуелниот градоначалник Филип Темелковски од СДСМ, Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, Ѓулистана Марковска како кандидат на ДОМ и ЛДП, Јулијана Штрковска-Колариќ од Левица и Росанда Марковска од ТМРО.

Ѓорѓиевски рече дека еден од приоритетите на неговата програма фокусот на неговата програма е да се спаси Расадник од планираната бетонизација со станбени згради, како и дека ќе се залага за распишување меѓународен конкурс за идејно решение за ДУП-от за Расадник, во кој задолжително ќе се предвидат 100.000 метри квадратни зеленило.

Темелковски во дебатата рече дека нуди концепт на отворена и модерна општина, која ќе се осврне повеќе на микро-менаџирањето во самите населби како во урбаните така и во руралните делови од општината.

„За мене бетонизација е кога ќе донесете лоши урбанистички планови каде не се предвидува зеленило, ниту пешачки зони уште помалку јавни површини кои се во интерес на граѓаните.Во новата програма е предвидено сите одлуки за градбите кои ќе се носат ќе бидат заедно со граѓаните. Мене ми е мило што Кисела Вода се гради, но се гради и во периферијата и во урбанизираните делови, тоа подразбира дека добро е изменаџирано,“ вели Темелковски.

Според Ѓулистана Марковска, во Кисела Вода мора да се запре неконтролираната урбанизација, бидејќи се издадени премногу градежни дозволи, а населбата е претворена во градилиште. Ова, вели Марковска, е причина не само за сообраќаен метеж, туку и на голем број сообраќајни несреќи во Кисела Вода.

„На улицата „Мариовска“, која и онака е мала урбанистички, сега се градат уште две згради. Тој е основен простор, од таму дува ветерот од Водно. Ако сакаме да се угушиме, граѓаните на Кисела Вода, вие треба тој простор да го затворите“, рече таа, додавајќи оти смета дека просторот кај Расадник никако не треба да се наполни со згради, туку треба да биде претворен во парк.

Штрковска-Колариќ рече дека доколку сѐ уште не е изменет ДУП-от за Расадник, ќе се залага за изградба на парк, во соработка со Град Скопје, но и дека пред тоа да се случи, ќе мора да се реши сообраќајниот метеж, кој е проблем не само во тој дел од Кисела Вода, туку во целата населба.

Росанда Марковска од ТМРО рече дека со децении наназад, „ниту ВМРО, ниту СДС немаат направено ништо за општина Кисела Вода“ и најави иницијативи за подобрување на водоводната мрежа во Пинтија и обнова на улиците во Драчево.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот