Дамчески: Последиците по театарската уметност се несогледливи, сѐ уште нема владина одлука за нов театар во Прилеп

Прилеп/Фото: МИА

Пандемијата ќе остави долгорочни последици врз театарската уметност, вели Стојан Дамчески, раководител на Народниот театар „Војдан Чернодрински” во Прилеп. Театарот во 2020 година ја почна со огромни надежи и очекувања.

Во февруари го прослави јубилејот – 70 години од постоењето со премиерна претстава („Лажговци” во режија на Коле Ангеловски) и со „Цела недела театар” и публиката очекуваше цела година да ужива во нови претстави, како и на 55. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински”, но пандемијата ги урна сите очекувања за театарската уметност. Од трите планирани претстави се реализира само една – „Каменот” со две изведби по десетина гледачи. Судбината на другите две претстави останува неизвесна.

– Културата, а главно театарската уметност, со пандемијата претпре огромни штети и несогледливи последици. Сѐ уште не се знае за кого ќе правиме претстави, дали во догледно време ќе има публика. А, од неа и за неа опстојуваме. За театарот, основно е доживувањето во живо, па како што стојат состојбите, ништо не се знае. Последиците ќе бидат долготрајни, вели Дамчески.

За 2021 година имаат доставено предлог-програма до Министерството за култура за четири премиерни претстави. Што се однесува, пак, до МТФ „Војдан Чернодрински”, изданието што не се одржа годинава, е планирано за догодина во редовниот термин, во јуни. Но, пак е со одредена резервираност.

– Имаме програма за 2021 година. Планирани се четири премиерни претстави. Од друга страна годинава неодржаното јубилејно издние, 55-то, на МТФ „Војдан Чернодрински” ќе го одбележиме во редовниот термин во јуни. Таков е планот, објаснува Дамчески.

Прилеп сѐ уште чека конкретност кога станува збор за нов театар. Најавуван со години, засега нема никаква реалност, иако се правеа проекти, се споменуваа можности новиот театар да биде дел од објектот на Домот на културата „Марко Цепенков”.  Дамчески вели дека ниту една влада досега нема донесено одлука за изградба на нов театар. Премиерот Зоран Заев неодамна, при посетата на Прилеп, најави дека на посебна сметка на Општината ќе бидат префрлени 4,5 милиони денари за главен проект.

– За нов театар слушаме со години. Веќе, некако, „оглувевме”. Досега ниту една влада не донела одлука за изградба на нов театар. Тоа не носи охрабрување. Носењето одлука може да ги официјализира работите, а не само да се најавува, вели Дамчески.

Од Прилепскиот народен театар, сепак, се надеваат на подобра театарска 2021 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот