Дали владата паѓа со оставка, со недоверба или воoпшто не паѓа?

Фото: Архива

Мицкоски му даде рок на Заев да ја ефектуира оставката, во спротивно, тој најави дека во Собранието ќе биде поднесено барање за гласање доверба на Владата.

Без оглед дали премиерот Зоран Заев утре ќе ја депонира оставката во Собранието или не, почнува расплетот на македонската политичка сцена, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски соопшти дека има повеќе од 61 пратенички потпис и најави ново мнозинство и уривање на актуелната Влада.

Мицкоски денеска му даде рок на Заев да ја ефектуира оставката, во спротивно, тој најави дека во Собранието ќе биде поднесено барање за гласање доверба на Владата.

– Ако Заев не си го исполни ветувањето и не поднесе оставка до 14.30 часот, ние ќе ја поднесеме до Собранието иницијативата за гласање недоверба на Владата. Вратата е отворена за сите 59 пратеници кои сметаат дека треба да се урне оваа криминална влада на Заев – рече Мицкоски.

Ако Заев поднесе оставка, Собранието само ја констатира оставката на премиерот и со него во оставка е и целата Влада. Ова сценарио, според власта, е помалку веројатна, бидејќи најверојатно ќе се оди на тестирање на мнозинството на Мицкоски.
Во вториот случај, ако Заев не ја достави оставката, тогаш актуелната опозиција ќе го поднесе до Собранието барањето за доверба на Валадата. Во ваков случај, претседателот на Собранието во рок од три дена треба да закаже седница за гласање доверба на Владата.

Малку веројатна оставка

Според член 219 од Деловникот на Собранието, „оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи. Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката“.

Во член 220 се вели дека „Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата, на Владата или на член на Владата, мандатот им престанува на денот на одржувањето на седницата”.

Трка по мнозинство

Сепак, развојот на настаните е неизвесен до последен момент, со оглед на тврдењата и на власта и на опозицијата дека имаат парламентарно мнозинство. Во тек се обиди на СДСМ да го зачува мнозинството и на ВМРО-ДПМНЕ да го зголеми за уште некој пратеник. Оттука деновиве се лиферуват информаации дека мнозинството на Мицкоски и не е така стабилно, односно дека е можно некои пратеници, кои веќе ставиле потпис дека ќе гласаат за уривање на Владата на СДСМ и ДУИ, да се предомислат. Но ова го демантира новото мнозинство, според кое сите потписници се сигурни и дека не отстапуваат од намерата да ја урнат Владата на СДСМ.

Мицкоски денеска на прес конференција ги демантираше објавите дека пратеникот на Алијанса за Албанците, Скендер Реџепи се пожалил на злоупотреба на неговиот потпис и дека ќе го повлече истиот.

– Потписот на Скендер Реџепи стои на иницијативата за промена на оваа влада и јас верувам во неговата чесност и искрена намера да падне оваа корумпирана влада – рече Мицкоски, според кого нема никаква директна потврда дека пратеникот Скендер Реџепи ќе се повлече од иницијативата.

– Затоа најдобар демант ќе биде иницијативата која ќе биде поднесена до македонскиот парламент утре најдоцна до 14:30 часот – рече Мицкоски.

На прашање што доколку успеат да изгласаат недоверба на владата, но не успеат да формираат мнозинство за понатаму, Мицкоски побара да се оди скала по скала.

– Ајде прво првата работа, да се качиме на првата скала прво, да не гледаме на 27-та.  Да ја завршиме прво првата работа, потоа има процедури, закони, Устав кои треба да се почитуваат. Тоа не зависи понатаму од нас, зависи од тој кој треба да го почитува Уставот. Мандат се дава на мнозинство. Да почекаме да се случи првата работа, Зоран Заев да си го исполни единственото ветување кое очекуваме да го исполни, иако лично не очекувам. Но, во понеделник во 14:30 ја доставуваме в иницијативата во парламентот и понатаму оставаме на претседателот на парламентот да ги почитува законските рокови и процедурите кои важат – одговори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

На потег Џафери, па Пендаровски

Според Деловникот, претседателот на Собранието талат Џафери најдоцна до четврток треба да ја закаже седницата за доверба на владата. Ако ѝ биде изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка. По ова почнуваат роковите за нов мандатар. Џафери треба да го извести претседателот на државата дека на Владата и е изгласана недоверба. Претседателот во рок од 10 дена треба да го даде мандатот на партијата или коалицијата која обезбедила мнозинство. Партијата или коалицијата треба во рок од 20 дена да предложи мандатар и програма за нива влада. Доколку партијата не успее да обезбеди мнозинство за нова влада, претседателот го дава мандатот на следната партија или коалиција.

Познавачите велат дека не е исклучена можноста Мицкоски да обезбеди доволно гласови за да ја урне владата, но да не може да обезбеди мнозинство за поддршка на нова влада, особено поради крајно спротивставените позиции на потписниците на новото мнозинство за стратешките политички прашања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот