Дали е на повидок крај на корона-пандемијата?

Додека многумина стравуваат од трет бран поради новите мутации, на глобално ниво бројките на заразени паѓаат. Ја губи ли вирусот силата или пак мерките даваат резултат?

Со почетокот на пролетта трпението кај многумина е веќе на крај – потребно им е да заврши неизвесноста, да знаат кога постепено ќе се олабавува локдаунот, кога конечно може да сметаат на вакцинација, и кога сето ова лудило ќе заврши. Дебатата беше поттикната и од наводните изјави од СЗО за скоро завршување на корона-пандемијата. Се вели дека директорот на СЗО за Европа, Белгиецот Ханс Клуге, во интервју за данското радио рекол дека пандемијата „ќе биде надмината за неколку месеци“.

Клуге се чуствува погрешно толкуван

По жестоката дебата во научните кругови и на социјалните мрежи, Клуге со јасна изјава за германската телевизија ЗДФ: „Никогаш не го кажав тоа“. Напротив, тој вели оти рекол дека никој не може да прогнозира кога ќе заврши пандемијата.

„Би рекол – само како работна хипотеза – до почеток на 2022 година би можеле да ја имаме пандемијата зад нас“, вели директорот на СЗО за Европа. Коронавирусот нема сосема да исчезне, но тој верува дека нема повеќе да бидат потребни вакви строги мерки.

 

Во научните кругови наводниот цитат на Клуге предизвика големо несогласување. Познатиот германски виролог Кристијан Дростен на Твитер јасно ја отфрли теоријата дека вирусот веќе ослабнал: „Не, досега кај ниту една мутација нема знаци за ослабување. Тоа е чиста шпекулација“, вели Дростен. Вирологот од берлинската болница Шарите на почетокот на јануари во неговиот подкаст објасни дека ќе помине уште долго време додека вирусот стане ендемски, што би значело дека ќе остане меѓу нас, но ќе се појавува само локално. Тој во изјава за магазинот „Шпигел“ вели дека корона-ситуацијата во 2021 во одреден момент може да стане дури и поопасна.

И епидемиологот и политичар на германската Социјалдемократска партија, Карл Лаутербах е со сличен став и, како и многу политичари, предупредува од брзо олабавување на мерките. И премиерот на германската покраина Баварија, Маркус Зедер, за баварското радио предупреди да не се навлегува во таканаречена „трка на отворање“.

Пресврт на трендот во бројот на инфицирани

На глобално ниво, до крајот на февруари се регистрирани 114 милиони потврдени случаи на заразени од САРС–КоВ-2. Околу 2,5 милиони се починати, а над 64,4 милиони се оздравени.

Во апсолутна смисла ова се застрашувачки бројки, а вирусот во одредени земји се’ уште беснее. Покрај тоа, постои загриженост од трет бран поради многубројните мутации.

Но, од глобална перспектива изненадувачки е дека има тренд на олабавување. Според Светската здравствена организација (СЗО), на светско ниво бројките на заразени значително опаѓаат и тоа многу побрзо отколку што се очекуваше. Кон средината на јануари дневно се заразуваа до 700.000 луѓе, додека во меѓувреме „само“ нешто повеќе од половина од оваа бројка. И бројот на починати од Ковид-19 за еден месец се преполови.

Со сета претпазливост, генералниот секретар на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус во ова опаѓање на бројките гледа „знак на надеж“: „Овој тренд е потсетување на тоа дека додека разговараме за вакцините, со соодветни и докажани здравствени мерки Ковид-19 може да се сузбие и да се контролира. Всушност, токму тоа е она што го прават многу земји.“

Зошто паѓа бројот на заразени во светот?

За значителниот пад на заразени на глобално ниво се наведуваат повеќе причини и истовремено се користат како аргумент за натамошните мерки и дејствување. Јасно е дека тоа не може да се должи само на вакцинацијата, бидејќи досега е вакциниран само мал дел од светското население.

Очигледно е дека во многу земји правилата за држење дистанца и хигиенските мерки даваат резултат. Ова пак би одело во прилог на многу бавното и постепено ублажување на строгите ограничувања за контакти.

Во некои земји, како САД или Бразил, во меѓувреме има толку многу заразени што напредува природната имунизација на населението. Со многу загуби во САД, ако се соберат официјалните бројки на заразени и претпоставениот број на непријавени случаи, се создава своевиден имунитет на стадо.

Освен тоа, дел од научниците се на ставот дека коронавирусот среднорочно значително ќе ослабне поради мутациите, иако тоа во моментов ни изгледа нелогично.

Кон средината на февруари американските истражувачи од универзитетите во Атланта и Пенсилванија, под раководство на биологот Џени Лавин, објавија сензационална студија во стручниот магазин „Сајенс“. Тие прогнозираат дека коронавирусот поради мутациите наскоро ќе стане „ендемски“, што значи ќе се шири само локално. Така вирусот ќе го загуби застрашувачкиот потенцијал, а глобалната кампања за вакцинирање дополнително ќе го забрза овој процес.

И пандемиите на грип исчезнуваат одеднаш

Оваа прогноза ја потврдува проценката на епидемиологот Клаус Штер, кој беше на чело на Глобалната програма за грип во СЗО и координатор на истражувањата околу САРС. Според Штер, искуствата со грипот од минатото јасно покажуваат дека и бројот на заразени би можел сосема неочекувано да опадне.

И двете разнорни пандемии, азискиот грип од 1957 година, од кој починаа четири милиони луѓе, како и хонгконгшкиот грип од 1968 година, кој однесе три милиони животи, исто така исчезнаа одеднаш и брзо како што се појавија.

Вториот бран од шпанскиот грип, кој се појави по Првата светска војна, се смета за најсмртоносен – над 50 милиони луѓе починаа помеѓу 1918 и 1920 година. Третиот бран пак исчезнал бргу, но патогенот останал. До денес вирусот Х1Н1 се појавува во ослабена форма кај нормалиот грип.

 

Ќе остане ли коронавирусот безопасен постојан гостин?

На среден рок, и вирусот САРС-КоВ-2 може да има сличен тек – веројатно коронавирусот ќе остане присутен и ќе се шири само локално. Ќе ослабне преку мутациите и нема да биде вака застрашувачки.

Но, додека да го достигне тој степен и додека ситуацијата не се стабилизира на глобално ниво, останува тешката борба на балансирање меѓу ограничување на контактите и можно ублажување на мерките.

Преземено од Дојче Веле

[sc name=”dw” ]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот