Д-р Галбова: Децата да се вакцинираат само ако имаат хронични болести

Вакцинирање на деца со вакцината Фајзер/ Фото EPA-EFE/MASSIMO PERCOSSI

Со прва доза вакцина против ковид-19, досега во Македонија се вакцинирале 4.702 малолетни лица на возраст од 12 до 17 години, а ревакцинирани се вкупно 3.528 малолетници од 12 до 17 години, информираат од Министерството за здравство. За вакцинација на малолетните лица, неопходна е согласност од родител.

– Националниот комитет за имунизација во нашата држава ги следи препораките на националните тела за контрола како и препораките на самите производители на вакцини. Кај нас вакцинацијата на малолетни лица се одвива само со вакцината на производителот „Фајзер“ и истата се аплицира кај деца над 12-годишна возраст, велат од Министерството за „Слободен печат“.

Доктор Софија Галбова од болницата за белодробни заболувања кај децата „Козле“ вo изјава за „Слободен печат“ вели дека го поддржува вакцинирањето на деца над 12 години, но само во случај детето да има сериозни хронични заболувања.

– Мое лично мислење е децата кои припаѓаат кон ризични групи, имуно-компромитирани пациенти, деца со дијабет и прекумерна телесна тежина, да се вакцинираат. За останатите треба да се овозможи родителите да одлучат дали ќе го вакцинираат детето, како што е и сега. Сметам дека  треба да се почека за да се видат евентуалните ризици од вакцината. Но, од друга страна ризиците не се познати токму поради малиот процент на вакцинирани деца. Исто така, не мислам дека треба да ги вакцинираме децата со намера да не им го пренесуваат вирусот на возрасните. Во тој случај, возрасните нека се вакцинираат и ќе бидат заштитени, а децата треба да се вакцинираат исклучиво поради нивно добро, а не поради целокупната епидемиолошка слика, децидна е д-р Галбова.

Таа додава дека треба да се направи комисија од лекари педијатри, како и стратегија со насоки за имунизацијата во која ќе учествуваат и педијатриски имунолози.

– Прерано е да зборуваме за вакцинација на деца под 12-годишна воздраст. За тоа да се случи, мора да се направат поопсежни анализи и испитувања. Во Израел се  вакцинираат и деца под 12 години, но тоа не е по препорака на Европската агенција за лекови (ЕМА). Најдобрата заштита е механичката, маски и дистанца. Ако успееме тоа да го направиме може да сметаме дека сме го победиле вирусот, објаснува д-р Галбова.

Од друга страна, во САД веќе се зборува за дозвола со вакцината „Фајзер“ да се вакцинираат и деца од 5 до 11 години. Оваа одлука се очекува да се донесе до крајот на октомври. Временската рамка се заснова на очекувањето дека „Фајзер“ ќе има доволно податоци од клинички испитувања за да побара одобрение за итна употреба за таа возрасна група од Американската администрација за храна и лекови (ФДА) кон крајот на овој месец.

 

Видео на денот