ЦСКА Москва со осма титула во Евролигата (ВИДЕО)

EPA-EFE

Во финалето гледавме една навистина одлична кошарка со одлични напади и одбрани во текот на мечот, на крајот московскиот гигант се закити со трофејот.

Уште на самиот старт ЦСКА стекна двоцифрена предност од 29:17, а во втората четвртина беше и +14 разлика (34:20), но потоа полека се „будеа“ играчите на Анадолу.

Ја зацврстија одбраната, нападот започна да функционира, а позитивата на Армејците се стопи на само два поени (44:42), резултат со кој се замина на одмор.

Турците дури и поведоа на стартот од второто полувреме, но потоа следуваше нова доминација на Русите, сега нивната одбрана беше фантастична, мајсториски ги решаваа сите ситуации во нападите и повторно стекнаа позитива од +14, на семафорот стоеше 68:54.

EPA-EFE

Ефес со сите сили се обидуваше да се врати во игра, првата „виолина“ Ларкин погодуваше кога беше најпотребно, следуваше серија од 8:0.

Сепак, немаа доволно сили за целосен пресврт, едноставно ЦСКА беше премногу искусна да дозволи да загуби добиен меч, иако великанот од Истанбул беше константно блиску.

На крајот ЦСКА дојде до победата и осма титула шампион на Европа, а први стрелци во триумфот беа Кори Хигинс и Вил Клајбурн со по 20 поени. Токму Клајбурн по завршувањето на натпреварот беше прогласен за најкорисен играч, МВП на Ф4 турнирот.

На спротивната страна за турскиот претставник Шејн Ларкин повторно блесна овојпат со постигнати 29 поени.

Ова е вкупно осми трофеј во Евролигата за ЦСКА Москва, и понатаму останува Реал Мадрид со најмногу титули на вечната листа (10).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот