Црната Мамба замина во легендите: Кој беше Коби Брајант, еден од најдобрите кошаркари во историјата

EPA/YOAN VALAT

Трагично загинатиот Брајант е првиот кошаркар во историјата на кого му се повлечени два броја, а бројките поврзани со неговата кариера се повеќе од импресивни.

Коби Брајант во НБА лигата влезе во 1996 година и тоа преку драфтот кој се смета за еден од најдобрите во историјата на најквалитетната кошаркарска лига. На драфтот беа имиња како Стив Неш, Ален Ајверсон, Бен Волас, Стефон Марбери, Реј Ален, Предраг Стојаковиќ, а како 13. избор на драфтот беше првиот кошаркар кој во НБА влезе како средношколец, 17-годишниот Коби Брајант.

Тој беше избран од Шарлот хорнетс, но веднаш по драфтот беше испратен во Лос Анџелес лејкерс во замена за Владе Дивац и Елден Кемпбел.

Во тоа време еден од најдобрите кошаркари, Гери Пејтон беше импресиониран од младото голобрадо момче и открива каков кошаркар и каков натпреварувач беше „Црната мамба“.

твитер

– Коби е многу млад и незрел, но слободно можам да ви кажам – се што прави Коби сега, одамна ми кажа дека ќе го направи. Еднаш седевме во автобус и тој ми кажа: Ќе станам најдобар стрелец во историјата на Лејкерс, ќе освојам пет или шест титули и ќе бидам најдобар кошаркар во НБА. Ме збунија овие зборови и не го сфатив сериозно, само му кажав: ОК, важи. Потоа ме погледна и ми рече: Јас ќе бидам Вил Смит во НБА лигата.

Од тоа што му го вети на Пејтон, Коби го исполни:
Пет пати ја освои шампионската титула, два пати триумфира на Олимписките игри во Пекинг и во Лондон, два пати ја освои МВП наградата за финалната серија, еднаш беше МВП на лигата, два пати беше најдобар стрелец во НБА, 18 пати играше на ол стар натпреварите, четири пати беше МВП на ол стар натпреварите, 11 пати беше избран во најдобрата петорка во лигата, 9 пати беше во најдобрата дефанзивна петорка во лигата, триумфира во натпреварот во забивање.

Коби е првиот кој успеа да постигне повеќе од 30.000 поеним 6.000 асистенции и 6.000 скокови, но исто така е и кошаркар со највеќе промашени шутеви во историјата.

Неговата желба за победа, неверојатниот карактер му го донесе прекарот „Црна мамба“, а за каков натпреварувач станува збор, најдобро покажува мислењето на другите кошаркари.

Во шестиот натпревар од финалето во 2008 година помеѓу Бостон и ЛА лејкерс, на Бостон му беше потребна победа за да ја освојат титулата. Бостон имаше предност од 42 поени и беше јасно дека Бостон ќе ја освои титулата, а тогашниот помошник тренер во Бостон, Тим Тибодо, побара во игра да влезат резервите: Сакаш да направиш замени, имаме предност од 42 поени на само шест минути до крај.

Тренерот Док Риверс виде дека на теренот е Брајант и му одговори на својот помошник: Кога Фил Џексон ќе го извради него, јас ќе ги извадам од игра моите момци. Не сме безбедни се додека тој е на паркетот.

Коби Брајант претставуваше вистинска незапирлива машина која не мирува, перпетум мобиле, кој имаше премногу офанзивни оружја како да му постигне поени на противникот. Доколку му се приближите, тој ќе ве помине со првиот чекор, а играта со грб ја копираше од Мајкл Џордан и беше речиси незапирлив. Доколку му оставите простор, тој ќе би даде тројка.

Неговиот натпреварувачки карактер и менталитет го направија да биде најдобар кошаркар во својата ера, како во нападот така и во одбраната, давајќи 1005 на секој натпревар.

EPA/MARK R. CRISTINO

Каков натпреварувач беше Брајант доказ е 2013 година и натпреварот против Голден стејт кога при еден влез под кошот на противникот, Коби ја доживеа една од најтешките повреди во спортот, ја скина ахиловата тетива. Но, сепак, остана на теренот и ги шутираше слободните фрлања, а потоа излезе од теренот.

Исто така енергија му даваа свирежите и навредите од противничките навивачи кои го тераа да креира поезија на теренот. Секогаш кога беше најпотребно, топката мораше да биде во неговите раце.

Својот последен натпревар го одигра на 13 април 2016 година кога на простувањето од играта за која живееше постигна 60 поени. Неговиот соиграч тогаш на новинарите им изјави каква беше тактиката на Лејкерс: Дајте му ја топката на Коби, каде и да се наоѓа само дајте му ја топката.

Во негова чест порталот „Clutchpoints“ издвои седум интересни факти за кариерата на Брајант:

1. Коби Брајант на сите екипи во НБА лигата им има постигнато 40 или повеќе поени.
2. На натпреварот на кој постигна 81 поени од вкупно 122 на Лејкерс, оствари најголем процент кој некој играч го имал во вкупниот број на поени (66%) и најголем процент од вкупно постигнатите поени (33%).
3. Тој е единствен играч во последните 50 години кој на четири натпревари по ред постигнал 50 или повеќе поени.
4. Коби Брајант е најмладиот кошаркар кој постигнал 30,31,32 и 33 ијлади поени.

5. Коби е сопственик на рекордот на Лејкерс по бројот на наптревар со 10,20,30,40,50,60 или повеќе постинати поени. Шест пати постигна повеќе од 60 поени, а 26 пати повеќе од 50 поени.
6. Коби Брајант е единствен играч во историјата кој постигнал 600 или повеќе поени во три плејоф сезони по ред.
7. Покрај Брајант, единствено Ален Ајверсон и Леброн Џејмс успеале на повеќе од 10 натпревари да постигнат повеќе од 50 поени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот