Централен регистар ќе брише 3.500 неактивни фирми

Избришаните основачи немаат право да основаат фирма во наредните три години.

Нова постапка со која ќе бидат избришани од евиденција 3.500 фирми во Македонија, што немаат поднесено годишна сметка, најави Централниот регистар. На листата се трговци поединци и трговски друштва, кои до крајот на декември 2020 година не поднеле завршна сметка за деловната 2019-та или не пријавиле упис на адреса на електронска пошта. Ќе се бришат и фирми што по истекот на една година од објавувањето на уписот на веб-страницата на ЦРРСМ, според член 175 од Законот за трговските друштва, не го внеле или уплатиле основачкиот влог.

– Централниот регистар, согласно член 552-а од Законот за трговските друштва, објавува список на трговци поединци и трговски друштва над кои се спроведува постапка за бришење, поради тоа што: до 31 декември 2020 година не поднеле годишна сметка за деловната 2019 година и/или не поднеле пријава за упис на адреса на електронско сандаче за прием согласно член 21 од Законот за едношалтерскиот систем и за водење трговски регистар и регистар на други правни лица или по истекот на една година од објавувањето на уписот за извршениот упис на основање според член 175 од Законот за трговските друштва, не го внеле/уплатиле основачкиот влог – информираат од ЦРРСМ.

Од Централниот регистар ги повикуваат законските застапници, содружниците, како и доверителите, во рок од една година од денот на објавувањето на најновиот список да поднесат предлог за стечај или предлог за ликвидација.

– Доколку во рок од една година Централниот регистар не добие писмено известување за поднесен предлог за ликвидација, односно предлог за отворање стечајна постапка, субјектот ќе биде избришан, додаваат од ЦРРСМ. Централниот регистар сѐ до истекот на законскиот рок за објава ќе врши редовно ажурирање на објавениот список и ќе ги отстрани трговците поединци и трговските друштва кои ги отстраниле причините поради кои биле ставени на списокот, како и оние кои објавиле стечај или биле ликвидирани – соопштија од Централниот регистар.

Според законот, основачите и управителите на фирмите што ќе бидат избришани од Централниот регистар, следните три години ќе немаат право да основаат или да управуваат со друга фирма. Измените во Законот за трговски друштва стапија на сила во 2015 година и со нив е предвидено да се бришат сите пасивни фирми кои годишно нема да поднесат завршна сметка или немаат запишано имејл-адреса.

Статистиката пресмета дека просечниот живот на речиси половина од македонските фирми е пет години, а најголемиот дел од нив се неактивни три години по ред.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот