Централен регистар: „Не постојат компании регистрирани по етничка основа“

„При иницијална регистрација на фирма не се бара никаков друг документ освен важечка лична карта или пасош“

„Сите приватни компании кои се управувани или се во сопственост на друга етничка заедница, а вработуваат од другите етнички заедници, треба да бидат субвенционирани од страна на Владата“, вели Крешник Бектеши, министер во Владата на Зоран Заев.
Но Зачудува фактот дека Бектеши не ги чита законите на државата.
Тој би требало да знае дека во Македонија не постојат фирми регистрирани по етничка основа.

„При иницијална регистрација на фирма не се бара никаков друг документ освен важечка лична карта или пасош“, вели за Слободен печат директорката на Централниот регистар на Република Северна Македонија, Марија Бошковска- Јанковски.
И додава: „Ние сме граѓанско општество, еднакви пред Уставот и нема таков принцип при регистрација на компаниите кој ќе ги определува по етничка основа“.

Според директорката на Централниот регистар само компаниите регистрирани од странски државјани се водат според земјата на потекло.

Имено не постои начин да се утврди која фирма е во сопственост или со неа раководи припадник на било која етничка заедница.

Ако ДУИ инсистира да ја дознае припадноста на сопственикот, може да бара од Централен регистар список на сите фирми регистрирани во државава, но може да добие само имиња кои звучат како муслимански, но не мора да значи дека се Албанци, Турци или од некоја друга етничка припадност. Впрочем како ќе знаат кој како се декларирал на последниот попис.

Уште повеќе што и досега голем број фирми во своите редови вработувале работници со различна етничка припадност. Ќе можат ли и тие да бараат субвенции за нив. Ќе важи ли одлуката тетроактивно или компаниите за да добијат субвенции ќе треба прво да ги избркаат од работи сите „други“, па потоа повторно да ги примат?

На крајот на краиштата, ако сите го прават тоа за сите етнички заедници, како што сака да прикаже ДУИ, тогаш се доаѓа до логичниот став на Владата дека ќе ги субвенционира сите фирми на кои им е потребна помош поради економската криза настаната со Ковид 19.

Со ова стануваат беспредметни сите замисли за некакво субвенционирање на комапнии по етничка основа.

Залудни се подоцнежните варијации на темата „етнички вработувања“ дека тие биле за сите па и за Македнците во местата каде тие биле малцинство, како што сака да прикаже Бектеши.

Оригиналаната изјава на Артан Груби беше:
„Доколку приватни компании вработуваат Албанци или граѓани од другите помали етнички заедници ќе ја разгледаме можноста да ги субвенционираме овие компании“.
Очигледно е дека воопшто не било замислата и Македонци да бидат предмет на субвенционирање, за што говори дообјаснувањето на Груби:
„Етничкиот клуч е многу важен затоа што така налага и Охридскиот рамковен договор и уставното начело за правична застапеност на сите заедници во земјава“.
Охридскиот рамковен договор не се однесува воопшто на вработување на Македонците, туку на правична застапеност на Албанците во државните институции.
Но продуцирањето „лажни вести“ станува карактеристика на министрите на ДУИ.
Прво, Крешник Бектеши сакајќи да биде убедлив пред новинарите се размавтува со делови од владината програма на која наводно стои одедбата за која тие упорно јавно се залагаат, одговарајќи му дрско на Касами да си прочита што точно пишува на страница 39, параграф 3.
Ако и тој самиот прво прочита ќе види дека во него пишува:
„Владата ќе го повика, охрабри и ќе соработува со бизнис секторот т.е. домашните и странски компании да ги поддржат добрите меѓуетнички односи и вредностите на толеранција, застапеност и меѓусебна доверба и во нивните работни средини, за да се искористи целокупниот човечки потенцијал со кој располага нашата земја“.
Како што може да се види од горе напишаното никаде нема „субвенции“ по етничка основа“.
Или тој не прочитал, или намерно манипулира.
Во грубата игра на Артан Груби со параграфи, и тој се повикува на програмата на Владата, но за разлика од Бектеши тој ја погрешил и страницата и параграфот па вели споменатата опредлеба за субвенционирање била на страница 33, параграф 4.

Груби и Бектеши мора да знаат дека Македонија не е Апартхејд и дека нема компании поделени по етничка основа.
Доминантна определба на оваа Влада колку што можеме да видиме е „Едно општество за сите“.
При што под „Едно… и сите“ подразбираме без поделби по етничка основа.
Но очигледно е дека ДУИ и понатаму опстојува на својата предизборна (и вечна) програма на тивка федерализација на државата, или создавање држава на колективитети.

Во текот на кусата парлемнтарна демократија на земјава речиси од секогаш власта била компонирана од коалиција на повеќе партии. Но најважна демократска, политичка одлука на двете најголеми македонските партии била во власта да биде вклучена и една или повеќе партии на Албанците.
Надолг стаж во тој поглед имала ДУИ.
И речиси секогаш најтешко било владеењето заедно со нив. Со ДУИ во политиката речиси никогаш не си на чисто.
Само тие ја усовршиле праксата да бидат и власт, и опозиција во исто време.
Оттаму веројатно и недовербата што ја создавале кај сите партнери со кои требало да нешто заеднички да сработат, без разлика дали тоа било при формирање Влада, или пак станувало збор за интратенички договори со останатите партии на Албанците.
Но кога ова прашање предизвика големи реакции во јавноста и кај експертската заедница, веднаш ретерираше и идејниот творец на идејата за „етнички вработувања“.
„Во моментов е тоа само идеја, дебата која што ја отворивме“, вели сега Артан Груби.
Што се однесува пак до пораката на Бектеши до политичарите прво да ги читаат владините програми, па потоа да коментираат, може да му се препорача да ја прочита и оваа определба која е на истата страница како и „онаа“ која тој ја споменува.
„Како Влада ќе продолжиме со политиките кои ги развиваат вредностите на заедништво и меѓуетничка доверба. Во мултиетнички општини ќе ги зголемиме содржините во областа на образованието и културата кои придонесуваат за зближување на граѓаните“.
Па се додава „Училиштата и културните институции кои ќе имаат ваква содржина ќе добиваат дополнителни финансиски средства за функционирање и развој“.
Се вели во програмата на Владата на Република Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот