Центар ќе продолжи со ревидирање на плановите, но може да се гради според старите

Општина Центар/ Фото: Слободен печат

Од Општина Центар велат дека со сите правни механизми ќе продолжат со дисциплинирање на парцелите за градење односно создавање хумани и пристојни услови за живот за граѓаните.

Уставниот суд на последната седница го укина мораториумот за градба на територија на Општина Центар, со што повторно се на сила старите урбанистички планови врз основа на кои ќе може да се издаваат и дозволи за градба.

„Уставниот суд ја укина Одлуката за начинот на применување на деталните урбанистички планови донесена од Советот на Општина Центар на 27.3.2019 година и го стави вон сила Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на актот, означен во точката 1 од оваа одлука“, соопштија од Уставниот суд.

Од Општина Центар денеска реагираа дека ќе продолжат со ревидирање на ДУП, иако сега тоа ќе биде потешко откако е укината забраната за градба.

– Општина Центар ќе продолжи со ревидирање на одлуките, иако беше доста полесно пред да биде укинат мораториумот. Општината со сите правни механизми ќе продолжи со дисциплинирање на парцелите за градење, односно создавање хумани и пристојни услови за живот за граѓаните. Во понатамошниот период Општината како и досега ќе продолжи да инсистира на максимално запазување на параметрите при носењето на идните детални урбанистички планови – изјавија за „Слободен печат“ од Општина Центар.

Откако Уставен го укина мораториумот за градби, Општина Центар ќе продолжи со ревидирање на плановите

Според Јана Белчева, советничка во Советот на Општина Центар, токму тие што треба да се на страната на јавниот интерес, не увидоа дека мораториумот за градби е корисен и дека треба да се поддржи стабилизацијата на состојбите и смирување на интензивното пополнување на секој слободен простор со објекти.

– Центар е општина од 7,5 километри квадратни, мораториумот важи за 4,5 километри квадратни, па овој процес не смееше да се толкува како атак врз градежната фела, уште помалку како влијание на БДП, туку како нов принцип за рамномерност и заштита на јавниот интерес. Мораториумот беше инструмент за одбрана од беззаконието кое го рушеше квалитетниот живот на граѓаните. Граѓаните и без стручна перспектива, туку со инстинктивното размислување го увидоа лошото планирање преку неудобното чувство на секојдневно отежнување на животот и постојаното зголемување на проблемите со загадувањето, сообраќајниот колапс, загрозеното здравје, немање место во градинките и училиштата, немање здравствени установи на лесно достапни локации, губење на зеленилото, узурпирани и оградени простори и многу други – вели Белчева.

Белчева: Мораториумот беше инструмент за одбрана од беззаконието

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски смета дека е важно растот и развојот на општините да продолжи според сите можности и процедури што ги нуди Законот за урбанистичко и просторно планирање.

– Постоечкиот Закон за урбанистичко планирање нуди одредени можности. Ние разговараме со Општина Центар, тие ги бараат одговорите на овие прашања од нас, но најважно од сѐ е дека доколку имаат одредена потреба на одредени урбанистички планови што ја загрозуваат животната средина, растот на општината итн., тие треба да поднесат елаборат со кој ќе гарантираат дека имаме одредени нарушувања на урбаното живеење, планирање, и потоа да се разгледува во Министерството за транспорт и врски – рече Бочварски.

Министерот дополни дека е важно што ДУП кои се донесени и изгласани од Советот на Општината се во сила, поради тоа што тие некогаш биле изгласани од истата општина.

– Така што, може Општина Центар како матична општина, тоа се нивни урбанистички планови, да разработува свои планови и стратегии како ќе работат понатаму. Важно е растот и развојот на општините да продолжи и да продолжи комуникацијата согласно сите можности и процедури што ги нуди Законот за урбанистичко и просторно планирање – изјави министерот.

„Слободен печат“ ја контактираше архитектката Даница Павловска, која вели дека според неа постои отстапување не само кај планерите на ДУП-от и тие што го проверувале, туку и кај одлуката на Уставниот суд.

-Дефинитивно во целата држава постои блага анархија. Добивме едно малигно ткиво кое мора да го исправиме. Јас навистина очекував од Уставен суд повисока политичка култура. Не се работи само за правото, туку за осет и свесност во моментот што го живееме. Има професионално суштинско отстапување и кај планерите и кај тие што ги проверувале плановите, а и кај Уставниот суд, вели Павловска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот