Белчева: Мораториумот беше инструмент за одбрана од беззаконието

Токму тие што треба да се на страната на јавниот интерес, не увидоа дека мораториумот за градби е корисен и  дека треба да се поддржи стабилизацијата на состојбите и смирување на интензивното пополнување на секој слободен простор со објекти, реагира Јана Белчевска,  советничка од општина Центар по одлуката на Уставен суд за укинување на мораториумот.

-Општина Центар го прогласи мораториумот за издавање нови дозволи за градба како инструмент за квалитативна евалуација на плановите за кои се покажа дека немаат законска издржаност, ниту пак се направени почитувајќи ги начелата за урбано планирање и хумано развивање на просторот, ниту со закон пропишани стандарди и нормативи. Со плановите кои беа запрени за извршување се сопре директно нарушување на условите како и квалитетот на живот. Обременети се со спротивности со ГУП-от, исполнување на поединечни желби на сопственици, но попроблематични се решенијата во корист на „моќни“ инвеститори, вели Белчева за Слободен печат.

Според неа, анализите покажуваат дека со урбанистичките планови во Центар не се водела грижа ниту за рамномерен развој и квалитетен животен простор на сите жители и во сите градски четврти, па така податоците покажуваат дека во некои делови се предвидувало, а некаде и остварило прекумерно градење по број на жители кој го надминува дозволениот број жители според ГУП, што како последица наметнува сообраќајни проблеми, недостаток на јавен простор, простор во училиштата и градинките, но и проодност на возила за итни служби.

-Наспроти ова, граѓани во други делови од Центар живеат во услови кои не доликуваат на 21 век ниту по домувањето, инфраструктурата или потребата од други јавни сервиси. Тоа се проблемите и предизвиците за кои јас како носител на листата на минатите локални избори во Општина Центар ветив дека ќе наоѓаме решенија, вели советничката.

Според Белчева, мораториумот беше наменет за одбрана на јавниот интерес, а не за да делува на активностите и профитот на градежните компании, туку за да и тие се вклучат во општествените промени за квалитетен социјален и економски развој на земјата, а кој нема да се концентрира само и единствено на неколку километри квадратни, туку на сите жители на Центар ќе им обезбеди достојни услови за живот.

-Центар е општина од 7,5 км квадратни, мораториумот важи за 4,5 километри квадратни, па овој процес не смееше да се толкува како атак врз градежната фела, уште помалку како влијание на БДП, туку како нов принцип за рамномерност и заштита на јавниот интерес. Мораториумот беше инструмент за одбрана од беззаконието кое го рушеше квалитетниот живот на граѓаните. Граѓаните и без стручна перспектива, туку со инстинктивното размислување го увидоа лошото планирање преку неудобното чувство на секојдневно отежнување на животот и постојаното зголемување на проблемите со загадувањето, сообраќајниот колапс, загрозеното здравје, немање место во градинките и училиштата, немање здравствени установи на лесно достапни локации, губење на зеленилото, узурпирани и оградени простори и многу други, додава Белчева.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот