ЦДУ на Меркел разнишана на „генералната проба“ за изборите во септември

Ангела Меркел со заштитна маска
Ангела Меркел со заштитна маска / Фото: EPA-EFE/FILIP SINGER / POOL

Владејачката Христијанско-демократска унија на канцеларката Ангела Меркел претрпе катастрофален пораз на изборите во два клучни региона во Германија, чии резултати се важен показател за расположението на гласачите спроти парламентарните избори во септември.

ЦДУ освои едвај по околу 25 отсто од гласовите во западните региони Баден-Виртемберг и Рајнланд-Пфалц, кои порано беа сигурни гласачки бази на конзервативците. Ваквите резултати се сметаат за тревога меѓу демохристијаните спроти изборите во септември, по кои Ангела Меркел сигурно нема да остане канцеларка. Популарната „Мути“ веќе најави дека по изборите дефинитивно ќе се повлече од функцијата, на која помина 16 години.

Како причини за слабите резултати на ЦДУ се истакнуваат незадоволството на Германците од бавното темпо на вакцинирање, како и поради скандалите со набавка на заштитни маски и со рекламирање на источни влади во локален германски весник, поради што оставки поднесоа тројца пратеници.

Најмногу гласови во Баден-Виртемберг освои Зелената партија, која со 31,5 отсто од гласовите ја задржа водечката позиција во регионот. ЦДУ освои 23 отсто, што е помалку од изборите во 2016 година.

Во соседниот регион Рајнланд-Пфалц, победи Социјалдемократската партија со 33,5 отсто од гласовите, а ЦДУ освои само 25,5 отсто, иако и на последните предизборни анкети имаше највисок рејтинг.

Семафор-коалиции

Ваквиот однос на гласовите отвора пат за создавање регионална „семафор-коалиција“ помеѓу зелените, социјалдемократите и либералите од Слободни демократи во Баден-Виртемберг, а од нивната способност да соработуваат ќе зависи дали тие може да создадат цврст блок што би ги совладал демохристијаните на општите избори во септември. Таков „семафор“ и досега беше на власт во Рајнланд-Пфалц.

Кандидатот на СПД за канцелар Олаф Шолц оцени дека резултатот од регионалните избори дава надеж дека е можно по 16 години Германија да добие влада во која не би биле ни ЦДУ ни ЦСУ. Последната таква влада беше на социјалдемократскиот канцелар Герхард Шредер, од 1998 до 2005 година, која имаше тесно мнозинство во Бундестагот и беше во коалиција со зелените на Јошка Фишер.

Актуелниот лидер на зелените Роберт Хабек изјави дека одличниот резултат на регионалните избори ќе биде „ветер во грб“ за кампањата за Бундестагот.

Националните анкети потврдуваат дека оптимизмот на Шолц и на Хабек има основа. Рејтингот на ЦДУ падна на 33 отсто, во споредба со стабилните 40 отсто лани во јуни, кога владата успешно ја организираше битката против пандемијата на ковид-19.

Плимата гласови за класичните опозициски партии ги потопи и екстремните партии. Ултрадесничарската Алтернатива за Германија освои по околу 10 отсто од гласовите во двата региона.

Личниот рејтинг поважен од партискиот

Конзервативниот блок сѐ уште нема ни кандидат за канцелар. ЦДУ во јануари за нов лидер го избра центристот Армин Лашет, но сѐ уште нема договор дали тој ќе ја предводи коалицијата или, пак, тоа ќе биде Маркус Седер, лидерот на Христијанско-социјалната унија и актуелниот премиер на регионот Баварија. Сестринските партии најавија дека ова прашање ќе го решат до крајот на мај. Проблемот за конзервативците е што Меркел се уште е нивниот најпопуларен политичар и дел од рејтингот е токму поради нејзиното присуство на кормилото.

Претседателот на Бундестагот и еден од највлијателните демохристијански политичари Волфганг Шојбле, оцени дека проблемот во ЦДУ не бил во партијата ни во програмата, туку популарноста на регионалните премиери што ја бранеа функцијата – Винфрид Кречман на зелените во Баден-Виртемберг и Малу Дрејер на социјалдемократите во Рајнланд-Пфалц.

– Ова не беше добра вечр за ЦДУ, но тоа можеше да се предвиди. На овие избори најважен фактор беа личностите – оцени Шојбле, говорејќи за државната телевизија „АРД“.

Скандалите пресудија

Скандалите со оставките на пратениците на ЦДУ имаа и регионален карактер. Токму од Баден-Виртемберг беше избран пратеникот Николас Лебел, кој се повлече и од Бундестагот и од ЦДУ откако беше објавено дека негова компанија заработила 250.000 евра од продажба на маски. Лебел прво најави дека ќе остане пратеник до изборите во септември, но мораше да ја промени одлуката по силниот притисок врз него од ЦДУ и од нејзината баварска сестринска партија ЦСУ.

– Со цел да избегнам понатамошна штета врз мојата партија, давам оставка на пратеничкиот мандат веднаш – објави Лебел.

Поради речиси идентичен скандал со набавка на маски оставка во ЦСУ поднесе и Георг Нислеин, кој е под притисок да го врати и пратеничкиот мандат.

Пратеникот Марк Хауптман, пак, се повлече поради аферата откако неговиот локален весник во Тирингија примил сомнителна исплата од 16.744 евра од Азербејџан, за рекламирање на „шопинг-викенд во Баку“. Според извештај во весникот „Шпигел“, Хауптман „со години работел за развивање срдечни односи со Азербејџан“ и „постојано ги бранел интересите“ на оваа земја, наспроти критиките за почитувањето на човековите права. Весникот на Хауптман добивал реклами и од владите на Тајван и на Виетнам. Хауптман одговори дека „не сторил ништо лошо“ и дека оставката ја дава „за да ги заштити свршеницата и децата од острите коментари во јавноста“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот