Царовска или Спасовски во премиерската фотелја на Заев?

Од 3 јануари следната година составот на Владата ќе изгледа поинаку. Ќе има нов, технички премиер, двајца нови министри и неколку нови заменици, меѓутоа владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ сè уште се таинствени и не ги откриваат кадровските решенија.

Но, како што дознаваме од партиски извори, утре најверојатно ќе биде познато името на технички премиер, а како што најави и самиот премиер Зоран Заев, дефинитивно ќе се одлучува меѓу министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Нашите соговорници брифираат дека конечната одлука ќе се донесе по консултациите со коалициските партнери. Раководството на СДСМ ќе треба да ги утврди имињата и на заменици министрите, а ВМРО-ДПМНЕ на имињата на министерот за внатрешни работи и на министерот за труд и социјална политика, како и имињата на заменици министрите за земјоделство, за информатичко општество и за финансии.

Премиерот Зоран Заев уште еднаш потврди дека предвремените парламентарни избори дефинитивно ќе се одржат на 12 април и дека не постојат причини или дилеми за нивно одложување.

– Ние треба да донесеме одлука за премиерот во техничката влада, треба да донесеме одлука и за двајца дополнителни заменици министри со право на вето, а тоа се дополнителните заменици во Министерството за внатрешни работи и во Министерство за труд и социјална политика. Се споменуваат имиња за кои е многу логично некој од нив да стане технички премиер. Гледам дека медиумите пишуваат за Спасовски и за Царовска, поради тоа што тие заминуваат од министерската функција. И ние се движиме во тој круг – истакна Заев.

Во опозициската ВМРО-ДПМНЕ се уште потаинствени. Оттаму велат дека сè уште не е донесена одлука кои кадри ќе ги предложат за тие позиции и не шпекулираат со имиња. Покрај двете министерски функции на опозицијата и следуваат и заменици во три министерства – за земјоделство, за информатичко општество и администрација, како и за финансии. Во МВР и во Министерството за труд и социјала, каде што ќе имаат министри, заменици ќе им бидат луѓе на СДСМ.

Оваа ќе биде втора техничка влада во Македонија. Првата се формираше пред предвремените парламентарни избори во 2016 година според таканаречениот договор од Пржино, што го потпишаа партиите. Тогаш најмазно работата течеше со техничкиот премиер Емил Димитриев, кој дојде на местото на Никола Груевски, а секаде каде што имаше технички министри тогаш од СДСМ и заменици од ВМРО-ДПМНЕ работата беше конфликтна, па се случуваа тужби до Управниот суд, кривични пријави и контра тужби, како и секојдневни расправии во медиумите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот