Цртање графити на легални ѕидови наместо на фасади низ Скопје

Фото: Град Скопје

За многумина графитите претставуваат уметност, крик на едно поинакво размислување каде што уметникот на одредена површина црта или пренесува одредена порака и така на општеството му демонстрира што мисли и како се чувствува во даден момент за одредена тема. За дел од граѓаните цртањето и испишувањето пароли на ѕидовите од зградите, но и на ѕидовите на подвозниците и надвозниците во Скопје, не е ништо друго туку еден обичен вандалски чин, кој му штети на јавното добро. Ваквиот свој став го поткрепуваат и со фактот што одреден број несовесни граѓани знаат со спреј да исчкртаат клупа, канта за отпадоци, чешма за пиење вoда или да „украсат“ фасада на некоја зграда.

За среќа, појавата на чкртање на јавните добра се намалува, а за сметка на тоа се зголемуваат таканаречените  легални ѕидови, односно површини што локалните власти ги наменуваат за уличните уметници каде што тие можат личните чувства и ставови да ги изразат преку цртеж и на тој начин не само што ќе го разубават градот со своите креации, туку и ќе остават своевиден печат за времето во кое живееме.

Во рамките на развивањето на урбаната култура, во Скопје постојат неколку локации каде што уметниците можат слободно да се изразат. Еден таков „легален ѕид“ деновиве скопјани добија во населбата Пинтија, долг 70 метри.

Особено сме горди дека Град Скопје, кој воедно е кандидат за Европска престолнина на културата 2028, ја даде својата целосна поддршка за уште еден проект, кој е од особена важност во развивање на урбаната култура во Скопје и отворање на нови простори за креативно изразување и развој на уличните уметници. Иницијативата за назначување на легални ѕидови во градот ја разви тимот на „Скопје 2028“ во соработка со претставници на скопската графити сцена – изјави градоначалникот Петре Шилегов.

Како дел од активностите на кандидатурата на Град Скопје за „Европска престолнина на културата за 2028 година“, пред два месеца беа промовирани две локации за легални ѕидови за слободно користење од уличните уметници. Едната е потпорниот ѕид на улица Војвода Васил Чакаларов во Козле, а другата се ѕидовите од двете страни на булевар Гоце Делчев под поранешна Стоковна куќа „Мост“.

Со ова Градот покажува дека ја поддржува урбаната култура и уличната уметност и овозможува разновиден културен израз на различни локации во градот. Тргнувајќи од тоа дека уличната уметност, пред сѐ, пишувањето и цртањето графити во поголем дел од светот, па и кај нас е нелегална, многу градови именуваат и креираат легални ѕидови, со што им овозможуваат слободен и безбеден простор за креација и уметничко изразување на уличните уметници.

Покрај Град Скопје и дел од скопските општини полека но сигурно се вклучуваат во ваквите модерни светски трендови. На територијата на Општина Карпош на пример, легални ѕидови за цртање на графити има во населбата Козле, во близина на компанијата „Реплек“, каде што неодамна се организираше и акција за цртање графити.

По сликата на терен, голем дел од графити се цртаат и по објекти на станбени згради. Има неколку случаи каде што иницијаторите стапуваат во контакт со куќниот совет (заедницата на сопственици) и бараат согласност од нив за да се исцрта некој креативен графит. Нашите комунални редари имаат опоменато лица што цртаат натписи што содржат говор на омраза. Исто така, општина Карпош, дел од основните училишта и градинки учествува во проект на организацијата „ЕКО-ЛОГИК“, за цртање графити со едукативна содржина во дворовите на училиштата и градинките. Тие ќе бидат на тема животна средина и младински активизам – информираат од Одделението за односи со јавност на Општина Карпош.

Од Општина Центар велат дека тие како локална самоуправа досега немаат одредено локација за т.н. легални ѕидови за цртање графити.

Досега, нашите комунални инспектори немаат затечено, казнето или опоменато лица што цртаат графити – информираат од оваа скопска општина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот