Членот 11 автентично исчезнал уште пред 10 години!

Пратениците од законодавно-правната комисија завчера попладне ја отфрлија иницијативата за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување. Образложение – тој член е укинат во 2009 година и нема потреба од негово толкување затоа што не постои во правниот поредок. Сите пратеници во комисијата гласаа „за“ ваквата одлука, а извештајот треба да се усвои на пленарна собраниска седница која се очекува на 11 декември, по што ќе биде испратен до Уставниот суд.

Уставниот суд завчера го одложи одлучувањето за членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување, со кој во 2016 година експретседателот Ѓорге Иванов ги повлече аболициите што им ги даде на 56 лица – сведоци или осомничени од СЈО. Во намерата на судот да ја оценува уставноста на членот 11-а, пратениците од власта препознаа обид да се оживеат незаконските помилувања од Иванов, а опозицијата виде обид за замајување на јавноста со неактуелни теми, но и можност во иднина претседателот Стево Пендаровски да дава помилувања без процедура на актуелни политичари од власта.

Уставен да ја запре постапката

Министерката за правда Рената Дескоска изјави дека е задоволна од исходот на законодавно-правната комисија, а во нејзиното обраќање се надзира можност за кривична одговорност на експретседателот Иванов.

– Комисијата го потврди тоа што го тврдевме и во моментот кога ја поднесовме интерпелацијата за Иванов: членот 11 на кој тој ги темелеше помилувањата не постои во правниот систем. Сега е тоа официјален собраниски документ, кој потврди дека помилувањата на Иванов се незаконски и со тоа ништовни! А незаконски акти не можат да имаат правно дејство. Дополнително, собранискиот документ покажува дека Иванов постапил незаконски со „обидот да помилува“. Барањето за автентично толкување ја постигна целта! – напиша министерката на Фејсбук.

Од Министерството за правда соопштија дека доколку Уставниот суд го укине или го поништи членот 11-а, тоа нема да влијае врз помилувањата. „Пред судот е членот 11-а, а автентичното толкување е за членот 11. Ако Уставниот суд го укине или поништи 11-а, тоа нема да има влијание на помилувањата, бидејќи вчера Собранието потврди дека тие се невалидни, односно дадени на непостоен член и се ништовни од моментот на давање“, соопштија од Министерството за правда.

Според поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски, собраниската комисија постапила правилно.

– Самото автентично толкување не требаше да дава одговор дали постои членот или не, автентично толкување се врши кога треба да се објасни смислата на некоја законска одредба. По ова, единствено исправно на Уставниот суд е да ја запре постапката за оценка на уставноста на членот 11-а, затоа што во меѓувреме Собранието констатирало дека членот 11 не постои и според тоа не може ниту да се оценува. Нивно е каква одлука ќе донесат. Во овие околности судот може да се откаже од намерата за оценка на уставноста и да ја отфрли иницијативата или да донесе решение со кое ја запира постапката – вели Ивановски за „Слободен печат“.

Им се погоди темата

СДСМ и ВМРО-ДМПНЕ со денови се препукуваат на оваа тема обвинувајќи се едни со други дека „бранат криминалци“. Според владејачката партија, не успеал планот на опозицијата да се врати аболицијата на Иванов и со тоа да ги спаси криминалците од своите редови.

– ВМРО-ДПМНЕ од 2015 година досега тврдеше дека одлуката на Иванов е исправна и врз основа на постоен член. Законодавно-правната комисија го потврди тоа што СДСМ со години го тврди, дека членот 11 на кој тој ги темелеше помилувањата не постои во правниот систем. Вчера на седницата на комисијата без дискусија пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа дека не постои таков член, односно дека Иванов аболицирал надвор од законот. Сега е тоа официјален собраниски документ, кој потврди дека помилувањата на Иванов се незаконски и со тоа ништовни – велат во СДСМ.

Според ВМРО-ДПМНЕ, нема поголем доказ за површноста и популизмот на СДСМ и Зоран Заев од тоа што една недела зборувале за автентично толкување, а на крај не го поддржале сопствениот предлог.

„СДСМ одби автентично толкување, затоа што одби да се доведе во прашање амнестијата на Заев за криминалот со ‘Глобал’. Практично сами паднаа во стапицата што ја поставија за ВМРО-ДПМНЕ. Планот им беше ВМРО-ДПМНЕ да се спротивстави на нивниот предлог за толкување на амнестијата и тоа да го прикажат како чекор со кој се штити криминалот, а притоа заборавија дека единствен политичар што досега ја искористил е токму Заев“, напиша генсекот на опозицијата Игор Јанушев на Фејсбук.

Пратеникот Антонио Милошоски, пак, потенцира дека Уставниот суд би требало да го искористи механизмот „amicus curiae“ или „пријателска препорака“ што постои при Венецијанската комисија, каде што уставните судии имаат право да побараат пријателско мислење за одредена тема, со цел да избегне каква било политизација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот