Четири македонски искушенија

Фото: Манчо Митевски / Слободен печат/Архива

Европската комисија и земјите членки полека почнаа да ја сфаќаат својата неконзистентност и колебливост и со тоа каква неправда и политичко-институционални и економски последици, па и внатрешни безбедносни ризици ѝ нанесуваат на Северна Македонија.

Нашата земја многу наликува како во песната „од сите страни Ѓорѓи сардисан“. Во услови на долготрајната пандемија, светската енергетска криза и ценовните шокови, домашните економско-социјални проблеми, колебливоста и непринципиелоста  на ЕУ, ветото на Бугарија, преседанот со воената агресија на Русија врз независноста и територијалниот интегритет на Украина, постојаните внатрешни состојби на поделби и препукувања кои, според најавите од опозицијата се очекува во наредниот период форсирано да се радикализираат со единствена цел да дојде до смена на власта – се закануваат земјата да ја втурнат во политичко-институционен хаос. Тоа може да предизвика институционален колапс, со што при малку подолга временска релација на нестабилност може да биде доведен во прашање нејзиниот опстанок во сегашната уставно-правна и територијална форма.

Околу и во Северна Македонија се одвиваат четири големи и значајни процеси, кои имаат свои внатрешни паралели, при што едната паралела е позитивна за земјата, а другата негативна. Едниот процес се одвива во Европската Унија, во врска со нашиот евроинтеграциски статус. Другиот го создаде и диктира Бугарија со ветото за почеток на преговорите со ЕУ, истакнувајќи налудничави историско-идентитетски барања. Третиот е нападот на Русија врз украинската држава и нација, а поврзаноста со нашата земја е во идентичноста на мотивите и наводните  аргументи за воената агресија. Четвртиот процес е само наш и се крчка внатре во Северна Македонија, според познатите рецепти на македонската политичка кујна. Постои уште еден процес што не е толку видлив, но е многу силен, константен и кој е само позитивен – тоа е чистата, целосна и со ништо неусловена (надвор од формалните критериуми) поддршка од САД, со кои сме во стратешко партнерство,  на евроинтеграцијата на нашата земја, како што беше и околу влезот во НАТО.

Единствена добитна комбинација за земјата, нацијата и за граѓаните би била да издоминираат, односно да се поклопат четирите позитивни  паралели од процесите. Иако тоа на прв поглед изгледа речиси невозможно, сепак во оваа прилика, поради актуелниот сплет на околности, шансите се изгледни, се разбира, само ако од сите релевантни фактори (домашни и странски) во овие процеси се постапува посветено, внимателно, без подметнувања, реално и со прифатливи компромиси. Која било друга комбинација ќе донесе многу неизвесност и опасности.

Европска Унија

Европската Унија и некои нејзини земји членки во случајот со нашата земја покажаа непринципиелност и непочитување на своите принципи и ветувања. Поради новата методологија на Франција за земјите кандидатки да почнат преговори и покрај исполнетите услови, а потоа и поради ветото на Бугарија, во Северна Македонија во многу краток временски период и во услови на пандемија и на голема економска криза беше предизвикана и владина криза. Имавме оставка на влада и поради тоа предвремени избори, а потоа оставка на премиерот и формирање ново парламентарно мнозинство од истата коалиција. Тоа предизвика многу политичко-економски и институционални последици во земјата, драстичен пресврт во електоратот и пораз на владејачката партија на локалните избори со постојани барања на опозицијата за предвремени избори.

Скептицизмот кон проширувањето, воопшто, и конкретно кон Западен Балкан,  консензусот/едногласноста како принцип во одлучувањето и ветото како инструмент за заштита  на интересите на Унијата и поединечно на земјите членки се политики и инструменти што ја карактеризираат оваа голема групација последниве години. Но, се покажа дека овој принцип, покрај тоа што е демократски дострел и е во функција на почитување и усогласување на интересите на ЕУ и на поединечните земји членки, во некои случаи може да ѝ ги врзе рацете и на Унијата како заедница (тука може и ние, од „соседството“ на ЕУ, да го употребиме  терминот „заробена ЕУ“, како тие за нас), но и на интересите на сите земји членки, само поради неразумната и непринципиелна политика или одлука на само една земја.

Таков е сега случајот со ветото на Бугарија, кога ЕУ, одејќи по линија на најмал отпор, во случајот со Северна Македонија, дозволи обид за недозволив историски ревизионизам и вето со непостојни критериуми (еднострано наметнат билатерален спор) за започнување преговори со земја кандидат, што досега не се случило. Се дозволи,  една крајно националистичка и експанзионистичка политика кон соседна земја (наметната од национал-шовинистички исфрустрирани персони од типот Каракачанов, Захариева, Радев…), да ѝ создаде, сега веќе многу неволји и на ЕУ, и на сите други земји членки, но најмногу на РС Македонија, при што колатерална штета, стана и Албанија. Тоа е негативната паралела од овој процес.

Позитивната е што и Европската комисија и земјите членки полека почнаа да ја сфаќаат својата неконзистентност и колебливост и со тоа каква неправда и политичко-институционални и економски последици, па и внатрешни безбедносни ризици и нанесуваат на Северна Македонија. Поради тоа се добива впечаток дека постои единство во ставот и глобалниот геостратегиски интерес да се најде решение и што поскоро да почнат преговорите уште за време на претседавањето на Франција. Особено во сегашниот контекст на меѓународни околности, кога се поклопија интересите на сите најзначајни фактори во ЕУ, со позитивниот став на Франција и Макрон, Германија со новиот канцелар Шолц, Европската комисија и, секако, САД.

Бугарија

Официјална Бугарија, иако членка на ЕУ и НАТО, посебно некои историчари, партии, високи функционери и мнозинството од јавното мислење, сè уште го сонуваат национал-шовинистичкиот и експанзионистички романтичен сон за Македонија. Поради тој сон, во минатиот век, како земја и политика, со поддршка на мнозинство од популацијата, во пресвртните настани за  континентот беа на погрешната страна на историјата. Но, за жал, и во длабоко навлезениот 21 век, кога сите се посветени на сегашноста и свртени кон иднината, поголемиот дел од политичко-функционерско-интелектуалниот естаблишмент на оваа држава се занимава со минатото и историјата оспорувајќи некои флагрантни факти, како што се правото на самоопределување, постоењето на македонската држава, народ, јазик и други елементи на идентитетот. Корените на оваа негативна паралела водат кон вистинската цел – која во својата основа е експанзионистичка, што значи да се запре Северна Македонија во своите евроинтеграции, а тоа во суштина значи да се изолира, да се остави на бришан простор, сама да се дели и јаде однатре меѓупартиски, меѓунационално, меѓуконфесионално. Истовремено економски да се исцрпи. Поради сето тоа и поради блокираниот пат во евроинтеграциите – да почнат внатрешни конфликти, пред сé меѓупартиски, меѓунационални и меѓуконфесионални, што би довеле до натамошни поделби, би се создала институционална криза, а во такви услови би се засилиле апетитите на соседите. И каква, само навидум случајна коинциденција – играјќи на картата на заедничка историја, а истакнувајќи го ставот дека Македонија е вештачка творба на Тито и Коминтерната, бугарските национал-шовинисти, кои и сега се дел од власта, играат на тактиката на Путин: Ленин ги измислил Украина и украинската нација. Тоа е неповолната паралела.

И овој процес има своја позитивна паралела што ја навестува новиот премиер, кој почна нов пристап кон проблемите, со поголемо свртување кон сегашноста и иднината, наместо кон минатото. Останува надежта дека ќе смогне сили и ќе добие поддршка од пошироката бугарска јавност и од меѓународниот фактор да опстои во своите намери и да го деблокира процесот на почеток на преговори на Македонија со ЕУ со разумен и европски пристап и компромис, без задирање во идентитетскиот код на нашата земја и народ.

Иако нашиот шеф на државата е со став дека кризата со Украина ја потенцира стратешката улога на Бугарија во овој воен конфликт, па врз неа не би се вршел посебен притисок да ја деблокира Македонија во почетокот на преговорите со ЕУ, а се слушна и една конфузна и со ништо непредизвикана изјава на шефот на мисијата на ЕУ во нашата земја, толку нереална што наликува како ништо да не се случува во Европа и светот, сепак, може и да не биде така, па ние и Албанија итно да бидеме ставени на побрзиот колосек кон евроинтеграцискиот процес. Имено, зашто ги исполнуваме сите услови, a постои одлука за старт на преговорите, за разлика од сите други земји што сега поднесуваат барања за прием.

Нов момент е што ЕУ конечно се сплоти во единствен став околу руската воена инвазија на Украина и за мерките кон агресорот. Сите анализи покажуваат дека Русија ќе се обиде, за свртување на вниманието на светот од и како олеснување на својата положба, преку своите инсталации да го дестабилизира Западен Балкан, а како една од потенцијалните дестинации, покрај БиХ, Косово и Црна Гора, извесно е дека ќе биде и Северна Македонија. Нешто слично сакаше да направи своевремено и Туѓман, за време на војната во БиХ и Хрватска, со намерата да се отвори „јужен фронт“, со поддршка од негова блиска партија во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, што за среќа не успеа. Веројатно ваквата можност конечно ќе ја вразуми  ЕУ и  земјите членки да ја сфатат сериозно ситуацијата и опасноста за Северна Македонија (секако не од воена агресија, туку од дејства на разни странски служби и домашни инсталации со предизвикување внатрешна нестабилност и конфликти) и да извршат притисок врз Бугарија да се откаже од историските и идентитетските барања како услов за почнување на преговорите со Северна Македонија и набрзо да се постигне разумен компромис кој ќе биде од интерес и на двете земји, на двата народа и на ЕУ.

Северна Македонија

Негативната паралела од процесот што се одвива внатре во земјата се базира врз внатрешните поделби кои постојат и сè повеќе се продлабочуваат. Земјата е екстремно поделена по многу вертикали и хоризонтали, но најизразени се: партиските (СДСМ наспроти ВМРО-ДПМНЕ засилена со Левица, ДУИ – Алијанса на Албанците со Беса, интранационалните (патриоти и предавници, и во македонскиот и во албанскиот кампус), социјалните (мал број богати – голем број сиромашни)… Последните четири-пет години, по падот од власт на националистичко-популистичката ВМРО-ДПМНЕ, со форсирањето на политиката „Едно општество за сите“ од страна на СДСМ и коалицијата на власт, меѓунационалните и меѓуконфесионалните односи, кои порано беа лоши или со латентна опасност од влошување, сега се релативно добри и на одржливо ниво.

Политичко-партискиот конфликт сега е околу власта и владеењето, а ескалираше по поразот на носителот на актуелната власт, СДСМ и коалицијата на локалните избори, кој во суштина значеше казнување за неисполнетите надежи и ветувања, но и одраз на внатрешните ривалитети, суети и опструкции во владејачката партија. Меѓу другото, се појави и друг сплет чудни предизборни околности, од кои две се посебно индикативни.

Првата, извесен период пред изборите, необичното замолчување на многуте и амбициозни фракции во ВМРО-ДПМНЕ и партии кои најавуваа сериозни намери за преземање на власта и симнување на актуелното раководство. Тоа се случи по средба на еден од фракционерите со Груевски во Будимпешта. По таа средба, дали поради некаков договор, должничко-доверителни односи, закани и ветувања, се докажа дека бегалецот азилант сè уште цврсто ги држи конците во партијата. Во ВМРО-ДПМНЕ престанаа делбите, исклучените беа рехабилитирани, па некои дури и кандидирани и избрани за градоначалници.

Втората беше вшприцување многу пари со непознато потекло од странство во изборниот процес, на што укажа при најавата на својата оставка поранешниот премиер и лидер на СДСМ (што никоја институција или сериозен медиум не се обиде да го истражи). Потоа, опозицијата се осили, се обиде на бранот на локалните избори да направи преврат на централно ниво со ново мнозинство, а потоа и со брзи предвремени избори да направи промена на власта – и покрај реалноста според која актуелната власт има мандат уште две и пол години, а локалните избори се нешто сосема друго и немаат врска со парламентарните.

Опозициско профитерство во криза

Посебно што во „сивито“ на ВМРО-ДПМНЕ стои дека е партија што своевремено ја зароби државата, преку политички организиран криминал, ја ограби и осиромаши, ги врати демократските процеси и евроатлантските интеграции деценија наназад, го проблематизираше националниот словенски идентитет со некакви антички атрибути и ја наруши меѓународната позиција и углед на земјата, која стана изолиран и замрзнат субјект. Главниот идеолог и спроведувач на таа политика, откако беше правосилно осуден и за него се водат многу судски процеси, срамно избега од земјата, а неговите најверни извршители се или во затворите или се водат процеси во судовите за нивните антидржавни криминални дела.

Оваа партија, која доби октроиран лидер, не се реформираше ни програмски, ни кадровски и не им се извини на граѓаните за злоделата што ги направи во десетгодишното автократско владеење на нивниот поранешен лидер. Затоа, пак, сега, преку своето дејствување, подготвува услови за форсирана смена на власта со помош на сите дозволени – но, знаејќи го менталитетот на партијата – и недозволени средства. На времето, автократот Груевски го промовираше двојството на интереси или поточно дволичноста, што сега се практикува од неговиот чувар на престолот, преку доктрината „она што е од интерес на државата, не секогаш е од интерес на партијата“, и обратно, „она што е од интерес на партијата, не секогаш е во интерес на државата“.

Сегашниот лидер спроведува слична тактика, но сега во услови на пандемија, енергетска криза и војна во Украина – „што полошо (во државата), толку подобро (за партијата во опозиција), односно – „лов во матно“. Уште една не случајна сличност на дејствувањето на Груевски и Мицкоски како самонаречени трибуни, без за тоа никој да ги овласти. Додека првиот му се обраќаше директно, го штитеше и зборуваше од името на народот, вториот, директно им се обраќа, ги штити и зборува од име на граѓаните!

Во овој контекст, со доаѓањето на пролетта, опозицијата најавува континуирани протести, блокади на патишта, штрајкови, конфликтни ситуации… се спроведува опструкција на институциите и сите сфери од животот со блокирање на Собранието и општините, со популистичко-сеирџиски енормни барања за огромни проценти за зголемување на платите, пензиите, субвенциите, укинување на акцизите и слични измислени небулози, кои се буџетско неизводливи и водат кон колапс на државата. Исто така, во парламентот со месеци стојат блокирани закони кои се од примарен интерес на граѓаните и на стопанството, поради опструкциите на ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса на Албанците и Беса.

Накусо кажано, опозицијата со своите политики во овие тешки времиња за државата и граѓаните се однесува како еден вид петта колона. Тоа го прават со помош на своите инсталации што на времето ги создадоа во вид на паралелни независни синдикати, комори, невладини организации, медиуми, социјални мрежи и слично, како и со помош на десетиците илјади партиски војници вработени во државната и во јавната администрација.

Позитивната паралела во македонскиот контекст е посветеноста на актуелната влада на реформските процеси и разрешувањето на спорот со Бугарија (без отстапки од идентитетски карактер), разумното водење на тековната економска, социјална, здравствена, безбедносна и надворешна политика во екстремно тешкиот стек на околности на светско ниво: пандемија, енергетска криза, загрозеност на мирот со воената агресија на Русија врз Украина и, што е особено значајно, во услови на огромни опструкции и навреди од опозицијата за наводни предавства, криминали и папагалското барање за предвремени избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот