Бугарија на тапет на Европската комисија поради бугарските пасоши за Македонците и за „инвеститорите“

 Освен што дели државјанства на Македонци со бугарска „самосвест“ доделува и „златни“ но и пасоши за „посебни заслуги“ Бугарија не доделува државјанства само на Македонци, туку и на Руси, Египќани, Пакистанци и Јорданци.

Додека првите, за да добијат бугарски пасоши докажуваат дека имаат бугарски корени, вторите добиваат „златни“ но и пасоши „за посебни заслуги“, на име инвестиции и придонеси во културата, образованието, музиката, спортот. Бугарските медиуми пишуваат дека продажбата на бугарските пасоши за инвестиции се покажала како „,плитка“ шема за заработка на провизии бидејќи Европа знае дека со тоа, бугарските власти ги заобиколуваат европските правила.

За ваквите активности на Бугарија и се заканува кривична постапка од страна на Европската комисија, за што официјална Софија веќе била инфомирана, пишуваат бугарските медиуми.

-Нема инвестиции, но „злобната“ шема може да доведе до кривична постапка од страна на Европската комисија, за што властите во Софија веќе се предупредени. Многу од овие „инвеститори“ ги продадоа хартитие од вредност откако ги добија своите пасоши. Им беше дадена можност да ги повлечат своите пари и да живеат во ЕУ со бугарски пасош, пишува бугарски„Медиапул“.

Наспроти загриженоста на медиумите од европските предупредувања, партиите на бугарскиот премиер Бојко Борисов, ГЕРБ и на министерот за одбрана Красимир Каракачанов, Обединети патриоти ја бранеле шемата со продажба на државјанство, тврдејќи дека Бугарија не треба да биде лишена од можноста да привлече значителни инвеститори.

-Одбивањето на бугарските власти да ја запрат продажбата на државјанство против хартии од вредност се чини дека е обид да им се овозможи на сите „шефови“ да ги добијат ветените пасоши и преку нив да добијат пристап до целата Европска унија, пишува „Меидиапул“.

Бугарските власти веќе година ипол го одложуваат усвојувањето на измените и дополнувањата на Законот за бугарско државјантво. Според медиумот, односот на властите кон Законот предизвикува сериозни сомневања за корупција на највисоко ниво. Бугарија е една од трите земји во ЕУ што го продава своето државјанство, и покрај постојните повици од Европската комисија и Европскиот парламент да се стави крај на ваквата практика. Другите две земји се Малта и Кипар, против кои веќе е поведена кривична постапка за кршење на правото на ЕУ.

Европскиот парламент во моментов подготвува нов законодавен извештај за практиките на доделување државјанство во замена за инвестиции во ЕУ. Според истражувањата на новинарите, не бил мал ниту бројот на странци кои зеле државјанство и за „посебни заслуги“ во областа на науката и културата, спортот, но и за заслуги за проширување на културните, економските и образовните врски помеѓу Бугарија и Кореја, за изградба и реставрација на историски споменици и црковни места во Бугарија, заслуги во областа на професионалниот превод од бугарски јазик, придонес во областа на бугарската популана музика, пеење и опера како и придонес во филмата продукција.

Но, тамошните медиуми пишуваат дека било чудно што имињата на „заслужните“ граѓани никогаш не биле објавени во јавноста. Пред две години операцијта во која беше уапсен шефот на Државната агенција за Бугари во странство, Петар Харалампиев (близок до ИМРО), го насочи вниманието на јавноста кон корупцијата при давање државјанства.

Харалампиев беше одговорен за обезбедување на сертификати за бугарско потекло на лица кои бараат државјантво по оваа основа. Јавна тајна е дека Македонците за да добијат бугарски пасош освен што потврдуваат со документи дека имаат бугарско потекло за ваквата услуга плаќаат и од 800 до 1000 евра.

Во последните десет години според официјалните податоци во Бугарија презентирани во парламентот, речиси 78 илјади македонски државјани побарале да добијат бугарски пасош. Од нив 66.000 добиле бугарски пасош врз основа на своето бугарско потекло, рече неодамна министерката за правда Десислава Ахладова во бугарската Дума.

Од друга страна пак, македонските власти немаат податоци колку македонски граѓани поседуваат, освен македонско и бугарско државјанство. Според веќе објавени информации, МВР не води таква евиденција, бидејќи граѓаните немаат обврска да го пријавуваат, второто државјанство, во случајот – бугарското.

Директорот на Државниот завод за статитика Апостол Симовски за „Слободен печат“ вели дека не само МВР туку ниту една друга институција во државата нема евиденција за тоа колку граѓани имаат бугарски пасоши.

-Во моменов Државниот завод за статитика не располага со вакви податоци. Информацијата за тоа колку граѓани имаат и второ државјантво, не само бугарско, ќе ја обезбедиме со пописот кој треба да се одржи оваа година. Во нашата држава ми се чини дека нема институција која има ингеренции да собира податоци за тоа кои лица имаат странски државјанства. Она што го знам е дека базите на МВР имаат податоци само за државјаните на Македонија, вели Симовски.

Во јавноста темата со бугарските државјанства стана топ тема откако Бугарија со вето спречи Македонија да ги отпочне преговорите за членство во ЕУ. Шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева, посочи дека граѓаните кои имаат и бугарско државјанство во Македонија биле малтретирани.

Да потсетиме на еден вистински настан кој во јавноста веќе почна да се прераскажува како анегдота кој пред осум години го раскажа бугарскиот историчар Спас Ташев.

Тој како набљудувач во Советот за државјанства бил сведок кога македонски граѓанин пополнил изјава за бугарска „самосвест“ и се стекнал со бугарско државјанство. Откако добил и словенечко, Македонецот испратил навредливо писмо до Министерството за правда со барање да биде ослободен од бугарското државјанство, бидејќи никогаш не се чувствувал ако Бугарин. Па така неизбежно е прашањето зошто додека бугарските власти во јавноста гласно лиферуваат колку Македонци земале бугарски пасоши, молчат за основната информација, колку Македонци останале да живеат во Бугарија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот