Британскиот регулатор за лекови размислува да ја запре употребата на вакцината на АстраЗенека на млади луѓе

астра зенека
Во моментот, Министерството за здравство има на располагање 30 илјади дози вакцини од Астра Зенека, Фото: EPA-EFE/Remko de Waal

Употребата на вакцината на АстраЗенека во Велика Британија потенцијално може да биде запрена за помлади луѓе поради стравувања дека можеби е поврзана со редок вид на згрутчување на крвта, пишува британскиот портал Метро.

Повикувајќи се на Чанел 4 Њуз (Channel 4 News) порталот информира дека Агенцијата за регулирање на лекови и здравствени производи (МХРА) разгледува предлози за ограничување на употребата на оваа вакцина кај помлади луѓе. Одлуката може да биде донесена уште денеска.

– Нашиот темелен и детален преглед е во тек за извештаи за многу ретки и специфични видови на згрутчување на крвта со ниски тромбоцити по вакцината против ковид-19 на Астра Зенека. Сè уште не е донесена одлука за какво било регулаторно дејствие, изјави извршната директорка на МХРА Џун Рејн.

Таа истакна дека „луѓето треба да продолжат да се вакцинираат кога ќе бидат повикани”.

„Професорот Локдаун”, како што го нарекуваат Британците, Нил Фергусон, поранешен член на владината советодавна група САГЕ (Scientific Advisory Group for Emergencies – Научна советодавна група за вонредни состојби), изјави дека појавата на згрутчувања на крвта кај луѓе кои се вакцинирале, поставува нови прашања дали младите луѓе треба да се вакцинираат со овој лек.

– Што се однесува на податоците во моментот, има сè повеќе докази дека постои редок ризик поврзан особено со вакцината на АстраЗенека, но може да биде поврзан на пониско ниво со други вакцини. Изгледа дека ризикот е поврзан со возраста, а можеби, иако за тоа податоците се многу помали, да е поврзан и со полот, изјави Фергусон.

– Па така, колку сте постари, толку е помал ризикот, а исто така е поголем ризикот за Ковид, така што равенката придобивки-ризик навистина многу упатува кон вакцинирање. Мислам дека станува малку покомплицирано кога ќе дојдете до помлади возрасни групи каде равенката ризик-придобивка е посложена, рече тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот