Британија ги укинува мерките, ги отфрла маските: Ќе бидеме најотворени во Европа и ќе живееме со короната како со грипот

Велика Британија наскоро ќе влезе во период без законски ограничувања во кој јавноста ќе донесува одлуки засновани на „лична одговорност”, вклучувајќи ја и одлуката за носење маска за лице, рече Роберт Џенрик, британски министер за домување.

Џенрик за Би-Би-Си изјави дека граѓаните „ќе имаат различни мислења околу носењето маски”, но верува дека тие ќе знаат да донесат добри одлуки. Тој лично рече дека ќе избере да не носи маска.

Властите очекуваат дека во Англија на 19 јули ќе бидат укинати сите ограничувања воведени за борба против ширењето на Ковид-19.

„Немам посебна желба да носам маска. Се сомневам дека многу луѓе уживаат да носат маски. Наскоро ќе влеземе во фаза каде што (маските) ќе бидат предмет на личен избор. Некои членови на општеството ќе сакаат да продолжат да ги носат од целосно легитимни причини, но тоа ќе биде период во кој ние, граѓаните, ќе одлучиме за носење маски. Властите нема да ни кажат што да правиме. Се чини дека тоа ќе се случи, благодарение на успешната програма за вакцинација. Сега имаме можност да ги укинеме мерките и да се вратиме што е можно понормално”, рече министерот, додавајќи дека по ублажувањето на ограничувањата, сепак, може да има зголемување на бројот на заразени.

-Но, сега можеме да преминеме во друг период во кој ќе научиме да живееме со вирусот, да преземаме мерки на претпазливост и како поединци да преземаме лична одговорност, истакна Џенрик.

Според министерот за здравство, Сајид Џавид, попуштањето на мерките планирано за 19 јули засега не е доведено во прашање и влдата мора искрено да им каже на луѓето дека не можеме да го елиминираме ковидот.

– Исто така, мора јасно да кажеме дека бројот на случаи ќе се зголеми. Знам дека многумина ќе бидат претпазливи со мерките за олеснување. Тоа е разбирливо. Сепак, ниту еден датум што ќе го избереме нема да биде без ризик, затоа треба да му пристапиме на проблемот на урамнотежен и широк начин. Мора да го прифатиме постоењето на ковид-19 и да најдеме начини да се справиме со него, како што тоа го правиме со грипот, додаде Џавид.

Тој рече дека воведените епидемиолошки мерки доведоа до шокантно зголемување на семејното насилство и негативно влијаеја на менталното здравје на многу лица, па најави дека од 19 јули, Велика Британија ќе биде „најотворената земја во Европа“.

Во Велика Британија во саботата се пријавени 24.885 нови случаи на Ковид-19 и 18 смртни случаи.

Британската медицинска асоцијација (БМА) предупреди дека бројот на заразени лица примени во болници во Англија се зголемил за 55 отсто за една недела. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот