Боки 13: Единствено ќе ме спречат доколку ме лишат од живот

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Одговорно ви тврдам дека нема да ме спречат во што и да сакаат да применат и било кои методи на уцени и на закани. Единствено ќе ме спречат доколку ме лишат од живот, односно доколку посегнат по мојот живот. Но, повторувам нема да ме спречат во мојата чесна граѓанска обврска и должност, ниту пак ќе ме спречат, ниту пак ќе ме спречат во мојата намера во борбата со вистинските криминалци и сторители на кривични дела, вели во дел од писмото долго осум страни осудениот во аферата „Рекет“, Бојан Јовановски познат како Боки 13.

Пријавите кои Јовановски ги поднесе се за убиство, злосторничко здружување, изборна измама, тендерски местења и шпионажа. Дел од нив се поврзани со случаите „Рекет“ и „Меѓународен сојуз“, но и кривични дела за кои јавноста не е запознаена.

Во писмото кое пред медиумите го прочита неговиот адвокат Сашо Дуковски, Боки 13 вели дека „единствен начин да го спречат е да го убијат“. Во однос на поднесените пријави од негова страна Јовановски вели пријавите се однесуваат на носители на јавни функции, кои се дел од актуелната власт, луѓе од нивните семејства и блиски до нив, како и бизнисмени.

Јовановски напишал дека тој и неговото семејство постојано добиваат уцени и закани. Тој бара мониторинг од меѓународните институции и амбасадите во Македонија, бидејќи немал доверба во јавнообвинителскиот систем во земјава, а се пожали и дека уште лани сакал да ги поднесе кривичните пријави, но бил одбиен од републичкиот Јавен обвинител.

– Во ноември 2019 година побарав да бидам изведен пред јавниот обвинител на Република Македонија, Љубомир Јовески, но бев грубо и дискриминирачки одбиен преку негови изјави за медиумите, со што го доведе во прашање својот професионален и личен интегритет и дигнитет, бидејќи покажа селективност, предрасуди и исклучителна непрофесионалност делејќи и лични квалификации за мене – изјави Дукоски читајќи го писмото од Јовановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот