Бедата на југенд-сајбер „Левица“

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Можеби стручни и надлежни лица, а можеби правни и криминолошки, или можеби медицински лица би требало да се занимаваат со тоа што му се завртело во главата на „членот на Левица“ на празникот 11 Октомври, на познатата „Могила на непобедените“ во Прилеп.

Според она што ни е познато, југендот на „Левица“ припаѓа на онаа маса која е социјално несреќна, пауперизирана, што значи дека во оваа земја такви луѓе има премногу, ама тоа не го спречило да отиде на Могилата на непобедените, што од друга страна ни кажува дека „членот“ на „Левица“ имал и некои поопасни замисли кога се во прашање некои други политичари, да погодуваме? Кој друг ако не е таргетот вперен во Зоран Заев! Од сите политичари на Могила, на малиот југенд само Заев му беше таргет, а останатото е историја, пардон: останатото е хистерија!

Грозно и бедно, всушност срамно во својата тривијалност, тоа што „Левица“ на Апасиев се обиде да го исцеди на Могила во Прилеп, покажувајќи ни катастрофален инцидент од доменот на патологијата, па помислиле дека токму така може Заев да биде оддуван од политичката сцена со сите негови коалициони капацитети. Точно, таквиот призор на Могила беше тажен до степен на гадење, ама сето тоа спаѓа во вообичаениот фолклор на третолигашко-паланечко и „мрсомудно“ политиканство.

На другата страна, гледам дека „мудреците“ од „Левица“ заклучуваат дека Зоран Заев како граѓанин, премиер и јавно лице заслужил таков гест, ама елементарната политичка аналогија ни вели дека никогаш премиерот кон нив не бил склон кон вербално (или недај боже), физичко или кон било која друга апријатна форма на „демонстративно губење нерви“. Секогаш со нив премиерот Заев бил внимателен, како што впрочем треба да биде премиер на сите граѓани внимателен со таа кршлива и расипана „роба“.

Најпрво да кажеме дека тоа што го демонстрираше членот на „Левица“ е насилство, добро, реторичко „на прв впечаток“, ама сепак насилство, а насилството лежи во агресивноста на никој и ништо (тоа секогаш е срање фашистичко): „Ти немаш лице да се појавиш овде“ (а ти имаш лице, изем ти лице!); „му се посра на сите што се овде загинати“ (каде ти е тебе, југенду, раната на лицето од борбата?!); „Ова не е ваша територија“ (помочај се, маркирај територија, југенду!).

Во ред, немаше индиции дека „левичарскиот галамџија“ ќе употреби физичка сила, туку само реторичка омраза, тогаш ќе ми дозволите да го контекстуализирам насилничкото однесување на левичарскиот никој и ништо.

Во медиумскиот простор се насобраа купишта од сајбер-лешинари кои се присобрани околу партијата „Левица“ – замислете ја таа бизарност, насобрани се само онлајн, па почнаа да го слават типчето кое на Заев му се испогани, а всушност им се испогани на сите 650 жртви од народноослободителната борба, па сосема разбирливо дека се појавија илјадници и илјадници луѓе кои го осудија таквото однесување и тоа на Могилата на непобедените!

Искрено да ви кажам, не сум спокоен од самата помисла дека тука некаде, во близина, циркулираат илјадници социопати кои се веселат на таквите гестови (потполно неважно кон кого се упатени), со идеја дека некому можеш да му се „покакаш в лице“, а тој другиот не ти направил ништо, освен што дошол на Могила да оддаде почит и признание на жртвите кои пострадале за нашата денешна слобода!

Вистински речено, тоа не се луѓе кои би се организирале во некакви улични банди за растурање на оние кои не им се допаѓаат. Не, се работи за луѓе-глувци, кукавици и мизерии, а откако им постои тој фејсбук, впловија во „sвездени височини“ опишувајќи ни ги нивните фрустрирачки животи. Само Апасиев од таквата фрустрација балира пари, другите имаат задача да останат фрустрирани!

Се сеќавам на онаа аналогија на самиот почеток на осумдесеттите години од минатиот век, кога оној збунет дегенерик го уби Џон Ленон, тогаш сè уште немаше интернет – барем не како во денешна смисла на зборот – па затоа кутриот остана некако осамен и презрен во своето злосторство. Денес, тврдам дека тоа што му се направи на Заев и на тоа место на кое се сеќаваме на жртвите на Могила, може да го направат не левичари, туку морони-фашисти кое се убедени дека навредата кон премиерот е „добра фора“.

Се разбира, би било бесмислено да се каже и тоа дека „фејсбук“ и слични сајбер „писоари“ ги „расипуваат“ луѓето: не, тие само овозможуваат бескрајна „дистрибуција“ на расипаност. Едноставно, денес не постои длабоко психолошко нарушување кое можеш „медиумски“ да го освестиш и радосно поделиш со другите, а тоа да не биде агресија, пизма и омраза. Тешко дека така може да се создаде „фактор на срам“, затоа што интернетот во себе има огромен капацитет на гадости и пцости, па затоа овој несреќник, наци-југенд од „Левица“, во својата изолираност, може да помисли дека е некаков фактор, па потоа да биде нешто многу пострашно од кое сите ние ќе подвикнуваме „не можам да верувам што се случува“.

Денес разни типови идиоти весело се „вмрежени“, тие се дел од ебените „веб-заедници“ и тоа им дава драгоцена мотивација. Имено, можеби би можел, со некаков минорен остаток од својата човечност, да кажам дека чувствувам огромен срам и бес кога ќе видам реторичко и физичко насилство над другиот, ама пак кога ќе видам и тоа дека илјадници други го споделуваат тоа срање, заклучуваш, мајку му стара, дека нешто е сепак прифатливо. Дури и „препорачливо“. Ама за мене, сепак, насилството е насилство и друга терминологија за такво оправдување нема. Знам кои се жртвите, а знам и како настануваат џелатите. И не прифаќам. А тоа што „Левица“ на Апасиев игра политика на онаа стара досетка, „ние можеби сме гомна, а тоа не значи дека не сме добри за јадење, оти не е можно десетици илјади муви да грешат“, тоа е само нивен проблем.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот