Барселона и Баерн Минхен си закажаа четвртфинален дуел во Лисабон (ВИДЕО)

epa08592464 FC Barcelona's Lionel Messi in action during the UEFA Champions League round of 16 second leg soccer match between FC Barcelona and SCC Napoli in Barcelona, Catalonia, north eastern Spain, 08 August 2020. EPA-EFE/Enric Fontcuberta

Шпанскиот и германскиот тим се последни четвртфиналисти во Лигата на шампионите.

Екипите на Барселона и на Баерн Минхен се последните четвртфиналисти во Лигата на шампионите откако остварија убедливи победи во реавншите против Наполи, односно Челси.

Каталонците на „Камп Ноу“ славеа со 3:1, додека Баерн беше уште поубедлив и победи со 4:1 против десеткуваниот Челси. Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас доби шанса да заигра во финишот од натпреварот, тој влезе во игра во 79. минута на местото на Фабијан Руиз.

Токму Барселона и Баерн Минхен ќе играат меѓу себе во четвртфиналето од ЛШ чија завршница ќе биде во Лисабон.

Барселона одигра фуриозно прво полувреме во кое ги постигна сите три гола и остана во игра за освојување на највредниот фудбалски трофеј. Гол серијата ја отвори дефанзивецот Клемен Ленгле во 10. минута откако најдобро се снајде во шеснаесетникот на Наполи.


Лионел Меси во 23. минута зголеми на 2:0, а Луис Суарез со голот од пенал во 45. минута ги разречи сите дилеми околу победникот. Наполи во судиското продолжение од првиот дел успеа да намали на 3:1 преку Инсиње исто така од пенал. Во второто полувреме, каталонците му ја препуштија иницијативата на Наполи кој не успеа да пронајде начин да дојде до позиција да го загрози голот на Тер Штеген.

Баерн Минхен славеше уште поубедливо против Челси иако патникот во четвртфиналето беше познат уште по првиот натпревар кога германскиот тим во Лондон победи со 3:0.


Роберт Левандовски повторно немаше милост за противничките голмани и два пати го совлада Вили Кабаљеро, во 10. минута од пенал и во 84. минута. Во листата на стрелци се запишаа уште и Иван Перишиќ и Корентин Толисо, додека почесниот гол за Челси беше дело на Теми Абрахам во 44. минута.

Роберт Левандовски/EPA-EFE/PHILIPP GUELLAND

Со одигрувањето на овие два натпревари познати се сите четвртфиналисти кои во Лисабон за завршниот турнир ќе се борат за трофејот. Четвртфиналните пресметки започнуваат на 12. август кога играат Аталанта и ПСЖ, наредниот ден ќе се сретнат Лајпциг и Атлетико Мадрид, на 14. август е дербито помеѓу Барселона и Баерн Минхен, додека последната четвртфинална двојка ја сочинуваат Манчестер сити и Олимпик Лион.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот