Банките направиле „попара“ со провизиите

Фото Слободен печат/ Драган Митрески

Некои банки само од надоместоци и провизии собираат повеќе од половина од износот собран од камати

Провизија за водење трансакциска сметка, високи еднократни годишни трошоци за дозволено пречекорување, провизии за секоја направена трансакција, за електронско банкарство, за издавање извод, за затворање сметка – ова се само дел од трошоците што банките им ги наплатуваат на своите коминтенти. И додека за каматите има проценти, кои се воочливи на прв поглед, разните трошоци што ги наплатуваат банкарите доведуваат до милионски приходи и одлично им парираат на собраните пари од камати.

Со растот на кредитирањето и обемот на работата на банките, нормално е да се зголемат и нивните трошоци и провизии што ги наплатуваат. Во јуни годинава, во однос на ланскиот јуни, евидентиран е раст на вкупните кредити за 10 проценти. Но, ако се погледаат 6-месечните извештаи на банките, може да се забележи дека некои банки само од надоместоци и провизии собираат пари во износ што е дури и поголем од половината од парите собрани од камати. Овој сооднос, не така одамна, со години беше како непишано правило: износот на провизии да е една третина од износот собран од камати.

Трите најголеми банки веќе ги објавија шестмесечните неревидирани финансиски извештаи на Македонската берза. Со актива од 2,4 милијарди евра на 30.6.2022 година, Комерцијална банка е најголемата. Банката во првите 6 месеци од годинава остварила приходи од камати во вкупен износ од 24,3 милиони евра, додека за провизии и други надоместоци наплатила 13,7 милиони евра. Добивката пред оданочување на банката на 30.6.2022 година е 18,4 милиони евра. Минатата година првото полугодие банката го завршила со добивка од 13,5 милиони евра.

Финансиско работење на трите најголеми банки во Македонија/ Слободен печат/ Обработка на податоци: Иван Самарџиев

Стопанска банка е втора по големина со актива од 1,9 милијарди евра на 30.6.2022 година. Банката остварила вкупни приходи од камата 34,1 милион евра, а приходите од провизии и надоместоци и се 11,95 милиони евра, со што го задржала непишаното правило на соодносот на парите од 1:3. Стопанска банка од првото полугодие има добивка пред оданочување од 26,5 милиони евра, додека во истиот период минатата година, добивката ѝ била 19,8 милиони евра.

НЛБ банка како трета по големина на крајот од првото полугодие од годинава има актива од 1,7 милијарди евра. Приходите од камати на 30 јуни годинава ѝ биле 27,2 милиони евра, а приходите од провизии и надоместоци дури 17,9 милиони евра. НЛБ банка на 30 јуни има евидентирано добивка пред оданочување од 25,2 милиони евра, а лани шестмесечната добивка ѝ била 20,4 милиони евра.

Високите провизии што ги „билдаат“ приходите, а со тоа и добивките на банките, се честа тема во јавноста и банкарите многупати се прашани како го формираат ценовникот за провизиите и за надоместоците. Според НЛБ, „влезните параметри при креирање на провизиите и надоместоците, се реалните трошоци што банката ги има за да ја овозможи услугата за која наплатува надоместок“.

Од Комерцијална банка велат дека „редовно ги следат пазарните движења на економијата во земјата и во согласност со ресурсите што ги користат при развој и одржување на производите и услугите што се нудат, вршат формирање на износите на провизиите и на надоместоците во банкарското работење“.

Видео на денот