Панел-дискусија „Следејќи го пулсот на Западен Балкан“ / фото: СИПРИ

Балканот си живурка во стабилитократија само за „мир“ што виси на конец

Истражувачи и новинари од регионот предупредуваат дека Западен Балкан живее во систем на владеење што го жртвува демократскиот развој за привиден мир и „стабилност“. Но, додека ЕУ и САД ја одржуваат таа „стабилност“ по секоја цена, земјите на Балканот сè подлабоко тонат во авторитаризам и во корупција.

Истражувачите и новинарите од регионот предупредија дека стабилноста, којашто Европската унија ја поддржува на Западен Балкан, всушност е стабилитократија – систем во кој се одржуваат авторитарни лидери под изговор на мир и безбедност.

На панел-дискусијата „Следејќи го пулсот на Западен Балкан“ (Taking the Pulse of the Western Balkans), што ја организираше Институтот за мировни истражувања СИПРИ (SIPRI) во Стокхолм, во фокусот беа Србија, Косово и Босна и Херцеговина. Модераторка на настанот беше истражувачката од СИПРИ, Катарина Ѓокиќ, а разговорот ги опфати и пошироките регионални односи и трендови.

На настанот учествуваа истражувачи и новинари од повеќе земји, додека меѓу публиката имаше дипломати, академици и експерти за меѓународна политика и безбедност.

Српската истражувачка Ивана Ранковиќ од Центарот за безбедносна политика во Белград, говорејќи за сегашната состојба во Србија, ја започна дискусијата со осврт на трагичниот настан со уривањето на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад и за масовните студентски протести што следеа по него.

Таа објасни дека владата на Александар Вучиќ, наместо дијалог со граѓаните, избрала пат на репресија, што ја продлабочило кризата во земјата.

– Полициската бруталност е сè почеста. На 15 март, кога се одржа еден од најголемите протести со 300.000 до 500.000 демонстранти, полицијата употреби звучно оружје што предизвика паника и психолошки, но и здравствени последици. Специјалниот известувач на ОН за тортура потврди дека таквите уреди се незаконски, а и според српскиот закон, акустични средства не смеат да се користат, особено не против мирни демонстранти. На протестот на 28 јуни репресијата ескалираше, а во толпата беа активни и парамилициски групи поврзани со владата, што создаде дополнителна конфузија и насилство – посочи таа.

Овие протести, како што истакна Ранковиќ, започнаа како барање за правда, но со текот на времето се претворија во политичко движење коешто бара предвремени избори. Студентите веќе оформиле сопствени изборни листи, што според неа претставува нов феномен во српската политичка сцена.

Таа нагласи дека понатамошниот развој на настаните ќе зависи од неколку клучни фактори – од тоа дали опозицијата и студентските движења ќе успеат да се координираат, до тоа дали режимот на Вучиќ ќе прибегне кон нов бран репресија, со ризик од влошување, или, пак, ќе се одлучи за намалување на тензиите.

– ЕУ може да одигра одлучувачка улога: да воведе санкции, да посредува и да понуди рамка за дијалог. Исходот ќе стане појасен по 1 ноември, кога се најавени следните масовни протести – порача српската истражувачка.

„Украина ја нападна Русија“

Ранковиќ предупреди дека власта во Србија активно го користи руското влијание како политичка поддршка, додека контролираните медиуми ја легитимираат таа зависност и ги зацврстуваат прорускиот наратив и пропагандата.

– На денот кога Русија ја нападна Украина, еден многу читан таблоид во Србија излезе со наслов „Украина ја нападна Русија“. Тоа јасно покажува како се шират проруски наративи. Владата ги поттикнува бидејќи ѝ одговараат на домашен план – рече таа.

Српската истражувачка додаде дека Србија формално е на европски пат, но реално е само 60 отсто усогласена со заедничката надворешна политика на ЕУ, а политиката на „баланс“ меѓу Западот и Истокот создава збунетост и нестабилност не само во Србија, туку и во регионот.

– Вучиќ му продава наратив на Западот дека Русија стои зад протесите во Србија, но соработката против обоените револуции е факт, а режимот на Путин отворено зборува дека протестите во Белград се инспирирани од странски актери. Српските и руските служби соработуваат против обоените револуции, што е показател дека српската Влада е поддржана од Русија – објасни таа.

„Трамп има поважни приоритети од Србија“

Во контекст на односите меѓу Србија и САД, и во светло на новите санкции кон Нафтената индустрија на Србија (НИС), Ранковиќ оцени дека Вашингтон не е особено заинтересиран за политиката во Србија, ниту, пак, за протестите.

– Кога Доналд Трамп се врати на власт, во Србија владееше чувство на оптимизам. Но, јавноста бргу се разочара, првин поради новите санкции и поради молкот на САД во врска со протестите. Европската унија и САД одамна водат политика на двојни стандарди: сè додека има стабилност, демократските отстапки се премолчуваат. Сепак, Србија денес е една од најнестабилните земји во регионот, освен, секако, можеби Украина. Додека Трамп е на власт, Вучиќ ќе продолжи да има подобри односи со Вашингтон, но интересот на САД за Србија е веќе намален – фокусот е кон Украина и Блискиот Исток. Таа „трансакциска стабилност“ е опасна бидејќи Србија станува една од најнестабилните држави во Европа – изјави Ранковиќ.

Таа посочи дека Србија бележи континуирано демократско назадување, со сè подлабоки појави на корупција и репресија, додека Европската унија сè уште прогледува низ прсти.

– ЕУ, за жал, и понатаму претпочита „стабилност“ и ја третира Србија како демократски партнер, иако таа реално е сè поблиску до авторитарен модел. Европа ја одржува стабилитократијата веќе три децении по војните додека БиХ, Косово и Србија сè уште се борат со нерешени тензии – заклучи српската истражувачка.

 

„Олигарсите ги контролираат медиумите во Косово“

Новинарката Сербезе Хаџиај посочи дека Косово се соочува со двојни стандарди во односите со Брисел и Вашингтон.

– Ќе се задржам на трите главни настани што го одбележаа Косово оваа година. Првин, во февруари не успеавме да ја завршиме парламентарната реформа, но конечно ја завршивме минатата недела. Сè уште не е јасно дали победничката партија, која е и партија на премиерот Албин Курти, ќе ја формира новата Влада. Второ, во овој период се појави извесна напрегнатост меѓу Косово и западните сојузници, а САД решија да го суспендираат стратешкиот дијалог со Косово – посочи таа.

Третата тема, додаде Хаџиај, е ситуацијата со локалните избори во Северно Косово.

– Од 2023 година, четирите северни општини се управувани од претставници кои беа избрани со помалку од 2 отсто излезност поради бојкотот на изборите од српската заедница. Тој бојкот беше голема грешка бидејќи имаше исклучително негативно влијание врз Србите, особено на северот на Косово. Сега тие градоначалници се подготвуваат да ги преземат функциите, но правосудниот систем се соочува со сериозни проблеми. Судскиот и обвинителскиот совет се обидуваат да ги пополнат испразнетите места. Локалните обвинители и судии бараат нов договор меѓу Брисел, Косово и Србија, но Судскиот совет го одбива тоа. Ова ќе стане нова точка на судир меѓу двете влади и ќе ја усложни политичката ситуација – посочи косовската новинарка.

Друг крупен проблем е работата на државната комисија, што ги верификува дипломите од паралелните српски универзитети во Северна Митровица, потенцира косовската новинарка.

– Овој процес трае веќе една деценија. Мандатот на комисијата претходно се продолжуваше на секои шест месеци, но последниот пат беше продолжен само за два. Ако не се обнови, тоа значи дека српските дипломци од тие институции нема да можат да аплицираат за јавни функции, програми на „Еразмус“ или државни стипендии. Ова неприфаќање на продолжување на мандатот се смета за сериозен удар врз интеграцијата на Србите во косовските институции – објасни таа.

Хаџиај додаде дека ЕУ со години се обидува да посредува меѓу Србија и Косово, но честопати применува двојни стандарди: процесите на оценување и олеснување преку Брисел вршат многу поголем притисок врз Косово отколку врз Србија, што ги фрустира граѓаните во Приштина и покрај што многумина во Косово не ја сакаат владата на Курти.

Таа посочи и дека низ регионот се шири руска пропаганда, додека олигарсите го контролираат медиумскиот пазар и го поткопуваат независното новинарство.

– Ситуацијата за слободата на медиумите и демократијата во Косово и регионот е сериозно загрижувачка – заклучи Хаџијај.

„Секоја криза на Балканот е петпати полоша во БиХ“

Босна и Херцеговина и понатаму се наоѓа во постојан политички и безбедносен ќорсокак, оцени босанскиот новинар и воен аналитичар Деан Џебиќ во своето обраќање во Стокхолм.

– Мора да разбереме дека кризите на Балканот секогаш се сложени, но во Босна и Херцеговина секоја криза е петпати полоша поради структурата на државата – три ентитета, 14 влади и популација од едвај 3,2 до 3,4 милиони жители. Сè е меѓусебно поврзано и длабоко политизирано – рече Џебиќ.

Според него, земјата денес живее во судир меѓу хроничната политичка криза и новата што ја поттикнува Милорад Додик, кој со години го користи институционалниот застој како средство за уцени кон Сараево. По неуспешниот обид за судска постапка против него, кризата, наместо правно, повторно се решила политички.

– По неуспешниот обид на судските институции да го гонат, сè заврши со политички преговори, нешто што Брисел многу добро го познава. Главната цел на западните партнери за Балканот, без разлика дали функционира или не, е токму тоа, стабилитократија – истакна Џебиќ.

Новинарот објасни дека иако Европската комисија технички го продолжува процесот на европска интеграција на БиХ, граѓаните сè повеќе ја губат вербата во институциите поради високата инфлација, хроничната невработеност и поради недостигот од реално политичко претставување.

– Во однос на НАТО, Босна и Херцеговина е во „средна позиција“, не е членка, но има седиште на НАТО во Сараево – потсети Џебиќ, додавајќи дека земјата „виси“ помеѓу ЕУ и САД, целосно зависна од нивниот ангажман.

Тој предупреди и на растечкиот број мигранти, поради што БиХ стана крајна точка на балканската маршрута, што создава нови шанси за организиран криминал.

Истовремено, посочи новинарот, БиХ троши само 0,8 отсто од БДП за одбрана, најмалку во регионот. Дванаесет полициски агенции функционираат без координација и без министерство на државно ниво, што, според Џебиќ, ја прави државата речиси неспособна да реагира на внатрешни и надворешни безбедносни закани.

Турција и Израел влегуваат во регионот со продажба на оружје

Џебиќ предупреди и на нов бран милитаризација и трка во вооружување во регионот.

– Сега се формираат нови воени сојузи помеѓу Косово, Хрватска и Албанија, а како реакција, Србија и Унгарија создадоа слична рамка за соработка, а Турција и Израел активно влегуваат во регионот преку продажба на оружје, тоа го нарекуваме дипломатија на оружјето – објасни тој.

И покрај овие закани, вели тој, Брисел останува пасивен. Џебиќ потсети дека претседателството на БиХ е длабоко поделено, со членови што не можат да постигнат заеднички став ниту околу конфликтот на Блискиот Исток.

– Милорад Додик, на пример, стана еден од најгласните поддржувачи на Израел, додека, пак, другите во Сараево отворено ја поддржуваат Палестина – рече тој.

„Русија организира кампови за обука, наменети за саботажи во Европа“

Особено загрижувачко, според Џебиќ, е зголеменото руско влијание во БиХ. Тој нагласи дека во земјата се враќаат босански државјани кои се бореле во Украина на страната на Русија, што претставува сериозен судски и безбедносен ризик.

– Руските разузнавачки служби организираа кампови за обука во Република Српска, наменети за саботажи и операции во Европа. Паралелно со тоа, се случува милитаризација на Министерството за внатрешни работи на РС, кое се подготвува за задачи надвор од полициските рамки – речиси како паравоена формација – изјави Џебиќ.

Во разговор за „Слободен печат“ по панелот во Стокхолм, Џебиќ предупреди дека безбедносните и разузнавачките служби на Балканот немаат доволен капацитет ниту да се справат со ваквите закани ниту, пак, да се заштитат од нив.

Како пример, новинарот наведе дека во БиХ биле активни најмалку два терористички кампа, во кои се обучувале лица за изработка на експлозиви и за тактики за делување во масовни демонстрации и субверзивни активности низ Европа. Во тие рамки, тој потсети за настанот кога босанската полиција уапси човек со презиме Безруковни кој бил логистирачар во маповите. Џебиќ појасни дека оваа руска мрежа оперирала преку Молдавија, па сè до територијата на Босна и Херцеговина.

Тој предупреди дека попустливиот однос на Европската унија кон Милорад Додик создава дополнителни ризици за регионот.

– Додека Европската унија продолжува да му попушта на Додик, имаме латентна и потенцијална опасност – повеќекратни безбедносни закани што се одвиваат истовремено. БиХ не е пожелна за ЕУ бидејќи овој дел од Западен Балкан претставува „точка на гушење“ во европската стратешка архитектура – објасни Џебиќ.

Новинарот заклучи дека Босна и Херцеговина, Србија и Косово, како држави што не се членки ниту на НАТО ниту на ЕУ, претставуваат пуфер-зона во која Унијата одржува политички режими на стабилитократија – системи кои обезбедуваат привиден мир, но без вистинска демократија и институционална стабилност.

Од панел-дискусијата се наметнува заклучокот дека Балканот денес се наоѓа на тенка линија меѓу стабилност и стагнација. Од Србија до БиХ и Косово, авторитарните тенденции и етничките тензии продолжуваат да се кријат зад маската на „редот и мирот“. Европската унија, обземена од сопствените кризи и новите геополитички приоритети, се задоволува со статус кво .

„Стабилитократијата“ останува најточниот опис на регионот кој зависи од компромиси и од лидери што мирот го претвораат во средство за власт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот