Бајден доби поддршка од 81 нобеловец за претседателските избори во САД

Фото: EPA-EFE/DNCC

Осумдесет и еден добитник на Нобелова награда изразија поддршка за демократскиот кандидат на претседателските избори во САД, Џо Бајден, во денешното отворено писмо, наведувајќи ја „подготвеноста на поранешниот потпретседател да ги сослуша експертите” и неговата „длабока посветеност за користење на науката за наоѓање решенија”.

Лауреатите, добитници на Нобеловата награда за хемија, за медицина и за физика, ја истакнаа важноста на избраните лидери да донесуваат одлуки засновани на наука, особено за време на глобална пандемија, јави „Си Ен Ен“.

– Во ниту еден момент од историјата на нашата нација немало поголема потреба нашите лидери да ја ценат вредноста на науката во формулирањето на јавната политика. За време на неговиот долг стаж во јавната служба, Џо Бајден постојано ја покажува својата подготвеност да ги сослуша експертите, неговото разбирање за вредноста на меѓународната соработка во истражувањето и неговото почитување на придонесот што имигрантите го даваат во интелектуалниот живот на нашата земја, се наведува во писмото на нобеловците.

– Повеќекратните кризи со кои се соочува нашата земја, вклучително и кризата во однос на дезинформациите, бараат водач со длабока почит кон науката и вистината. Јас ја поддржувам про-научната агенда на Џо Бајден и разумен пристап кон одлуките за јавно здравје. Вистински лидер кој ќе се соочи со вистината и ќе биде искрен со американскиот народ,, рече Роџер Корнберг, добитник на Нобеловата награда за хемија во 2006 година.

– Сега повеќе од кога било, на нашата земја и требаат избрани лидери кои донесуваат одлуки засновани на наука. Џо Бајден е силниот, сочувствителен водач кој ни треба за да се избориме со пандемијата на Ковид-19. Тој ќе ја слуша научната и медицинската заедница за да дојде до решенија што конечно ќе не извлечат од оваа смртоносна пандемија и ќе го подобрат здравјето на американскиот народ”, вели Елизабет Блекбурн, добитничката на Нобеловата награда за медицина во 2009 година, како дел од пораките на 81 добитник на Нобеловата награда кои го поддржуваат демократскиот кандидат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот