Арсовска ќе формира политичка партија, но не открива детали ниту дали ќе има звучни имиња во членството

Данела Арсовска прес/ Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска ги потврди наводите кои изминатите месеци кружеа во јавноста, а кои таа досега ниту ги потврди ниту ги демантира дека се подготвува да формира политичка партија. Ова го изјави вечерва во интервју за емисијата „Клик плус“на ТВ 21.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовкса не одговори конкретно дали се гледа себеси како лидер на оваа политичка партија, а одби да каже и дали дел од членството би биле имиња кои претходно биле дел од политичката сцена.

На прашањето дали размислува во насока на формирање политичка партија, Арсовска кусо одговори – „да“, а на дополнително прашање кога може да се очекува нејзино формирање, таа дополни:

„Во процес сме на формирање на политичка партија.“

На прашањето дали тоа значи дека може да се очекува нејзино учество на претстојните парламентарни избори во мај годинава, Арсовска одговори:

„Toa значи дека сме во постапка да им покажеме на граѓаните дека може поинаку од овие изминати 30 години кога овие две политички елити само си ги менуваат позициите, а остануваат со истите ставови и едвај чекаат да ја зафатат фотелјата и да продолжуваат да го прават истото против кое претходно кажувале дека ќе се борат. Да им укажеме на нашите граѓани дека некој може да дојде и да работи поинаку. Се додека се прават работи за задоволување на индивидуалните потреби на некој од политичарите од оваа корумпирана политичка елита, нема да има напредок. Ако можам јас сама како индивидуалец да покажам дека може поинаку, верувам дека со сите луѓе кои ме поддржуваат, а голема е бројката на тие граѓани, ќе можам да покажам многу повеќе.“

Дека скопската градоначалничка се подготвува да формира политичка партија првпат беше објавено во септември минатата година. Неделникот „Фокус“ тогаш објави дека Арсовска почнува да собира потписи за формирање партија која, според неофицијалните информации на медиумот, ќе го носи името „Правда“, а седиштето ќе биде на улица „Ѓорче Петров“ бр. 49 во Општина Ѓорче Петров.

Оваа адреса, како што посочија тогаш од „Фокус“, според податоци од Централен регистар, е на местото каде што се наоѓаат фирми на соработникот на Арсовска, Драган Митковски. Дел од медиумите објавија дека Митковски бил близок до поранешниот премиер и експретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Експремиерот и бегалец во Унгарија, Никола Груевски, пак, експресно негираше каква било поврзаност со Арсовска и Митковски, велејќи дека нема комуникација со ниту еден од нив.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот