Антикорупциска: И невработени донирале големи суми за партиски кампањи

Фото: МИА

Сомнителни трансакции се најдени кај речиси сите политички партии учесници на ланските локални избори. Како донатори се јавувале невработени или лица со мали приходи, а уплаќале големи износи, велат од Државната комисија за спречување на корупција

Физички лица што не се вработени или не остваруваат приходи, односно што се вработени на позиции што не остваруваат големи приходи, уплатиле поголеми износи отколку што можат на политички партии пред ланските локални избори, соопшти Државната комисија за спречување корупција (ДКСК). Овие сомнителни трансакции се доставени до Управата за финансиска полиција, каде што дел се потврдени и се доставени до Јавното обвинителство.

– Станува збор за донации на физички лица во рамките на законски утврдениот максимум, меѓутоа се сомневаме дека некои од нив не се вработени, не остваруваат приходи или се вработени на позиции што не остваруваат доволно приходи. Тоа е доставено на увид на финансиското разузнавање. Нè известија дека дел од нашите сомневања се потврдени и дека се доставени информации до Јавното обвинителство за започнување постапки. Ние немаме информации кои предмети се процесирани до Обвинителството – изјави за „Слободен печат“ Катица Николовска, членка на ДКСК.

Таа информира дека сомнителни трансакции се најдени кај речиси сите политички партии учесници на ланските локални избори. Од финансиската полиција ни рекоа дека овие информации се доверливи и не се јавно достапни.

Анализите покажуваат дека со измените на Изборниот законик, досега најголем број промени, дури 14, претрпеле одредбите со кои се уредува спроведувањето на изборната кампања, односно одредбите за начинот на рекламирање, финансирање и известување, и тоа непосредно пред избори. И покрај спротивните политички идеологии, партиите секогаш имаат заеднички интерес со законски измени да си овозможат поволни извори за финансирање на изборната кампања.

Според податоците на ДКСК од 31 политичка партија што имаат интернет-страници, само седум целосно ја исполниле обврската и ги објавиле извештаите за потрошените пари, три партии дале само делумни информации, 18 од нив не објавиле никакви извештаи, а кај три страниците не биле активни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот