Анкета: Скоро две третини од граѓаните сметаат дека државата не е спремна да се справи со инфлацијата

супермаркет
Фото: Pexels / Kevin Malik

Над 60 отсто од граѓаните сметаат дека државата не е подготвена да се справи со економската криза и инфлацијата, покажува истражувањето на јавното мислење кое за емисијата Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС) на репрезентативен примерок од 1.119 испитаници преку телефонска анкета реализирана во периодот од 23 до 26 декември.

Според истражувањето, 60,7 отсто од анкетираните сметаат дека земјава не е подготвена да се справи со економската криза и инфлацијата, додека подготвеност гледаат 32,4 отсто. Дури 62,7 отсто од граѓаните се на ставот дека досегашните мерки кои Владата ги воведе за справување со последиците од економската криза и инфлацијата не даваат резултати, додека ефект од нив гледаат 28,5 отсто од анкетираните. Најнезадоволни од мерките се во Пелагонискиот регион, каде 69 отсто од граѓаните се на ставот дека тие не даваат резултати.

Мнозинство од граѓаните – 56,8 отсто очекуваат годинава да се зголемат трошоците на животот, додека околу една четвртина од испитаниците се на ставот дека ќе бидат приближно исти како и сегашните. Само 9,5 отсто очекуваат намалување на инфлацијата.

Најголемиот дел од граѓаните очекуваат економската криза да трае повеќе години. Ваков став делат 31,8 отсто од анкетираните. Крај на кризата со крајот на оваа година очекуваат 23,8 отсто од анкетираните додека 17,7 отсто сметаат дека економската криза ќе заврши за две години.

Најголем дел од граѓаните сметаат дека власта имала најголемо влијание и одговорност за актуелната економска криза. На скалата од 1 до 5, 44 отсто од граѓаните и дале „петка” на Владата за степенот на одговорност за кризата, 33,2 отсто со највисок степен на одговорност за кризата ја оцениле војната во Украина, а 29 отсто други надворешни фактори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот